Жулијан Асанж и приказната на WikiLeaks

Дејан Соколоски

во feature, Вести

На 11 април Еквадор реши да го прекине азилот со кој Жулијан Асанж беше безбеден во амбасадата во Лондон. Речиси веднаш англиската полиција влезе во амбасадата и го уапси основачот на Wikileaks.

Г. Асанж е во амбасадата од 2012 година. Екстрадиција на Австралијанецот бараат САД и веројатно Шведска. Иако г. Асанж е подготвен да одговора пред судот во Шведска, никако не сака да прифати екстрадиција во САД. Властите во Шведска претходно ја прекинаа истрагата за сексуален напад откако изгледаше дека нема никакви шанси да биде изведен пред судот, но сега размислуваат за повторно отворање.

„Жулијан не се плаши од соочување со британското или шведското судство. Главна грижа ни беше и сè уште ни е спречувањето на екстрадиција во САД“, вели адвокатот на г. Асанж, Џенифер Робинсон.

Она што е лоша вест за г. Асанж и за неговиот правен тим е дека полицијата во Лондон го уапси на барање на властите во САД. Ова речиси без сомневање значи дека г. Асанж ќе биде екстрадиран во САД.

По повлекувањето на азилот, Еквадор е цел на сајбер напади. По апсењето на Асанж, Еквадор е цел на 40 милиони сајбер напади, вели заменик министерот за информатичко општество на Еквадор, Патрисио Реал, во изјава за Agence France Presse.

Интересно, апсењето на Асанж придонесе и во финансирањето на Wikileaks. Во 6 дена по апсењето веќе се донирани биткоини во вредност од 31 800 долари. Сите средства доаѓаат од 299 донатори, пренесе Next Web. Пред апсењето дневниот просек за донации беше 312 долари.

Зошто Асанж го бараат во САД?

Жулијан Асанж е новинар, програмер, основач и директор на Wikileaks. Се залага за подобра информираност и транспарентност. Она што е интересно е дека во САД Жулијан Асанж не го бараат да одговара за шпионажа или во поблаг случај како новинар, туку ако е екстрадиран ќе одговара за хакерски упад.

Обвинението е засновано на комуникација со Челзи Менинг во која Асанж вели дека ќе и помогне со пробивање на лозинката. Ова наводно и помогнало на Челзи Менинг да дојде до попривилегиран пристап во компјутерската мрежа на армијата, пренесе Wired.

Оваа „приказна“ започнува многу порано, уште со самото отворање на Wikileaks. Во 2006 година Жулијан Аснаж ја започна својата работа на Wikileaks. Оваа година започна да споделува меѓународни доверливи податоци. Веќе во 2007 година започна со работа на WikiLeаks. Оваа година излезе и првата голема приказна за Гвантанамо и третманот на затворениците во овој затвор.

Wikileaks започна со објави за воени злосторства и со објавување на скриени податоци. Разоткрија неколку напади со цивилни жртви кои војската на САД ги криеше. Дополнително, објавуваа и интерна комуникација на претставниците на дипломатите со државите кои ги претставуваат.

Веројатно ова е период во кој на Асанж најголем дел од луѓето гледаа како на херој. Ова траеше до 2010 година и обвинувањето за сексуален напад и силување во Шведска. Во 2010 година Асанж се предаде на властите во Британија, и излезе со кауција. Две години подоцна, во 2012 г. Асанж побара азил во Еквадор и во амбасадата во Лондон беше до минатата недела. Првите недели откако го доби азилот ситуацијата беше напната. Британската полиција беше распоредена околу амбасадата и изгледаше дека можеби и ќе влезат да го уапсат.

Што е со случајот со хакирањето?

„На 8-ми или околу 8-ми март 2010 година, Асанж се согласи да и помогне на Менинг да ја пробие лозинка на Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави, поврзана со Secret Internet Protocol Network, мрежа на владата на САД што се користи за доверливи документи и комуникации“, пренесува Wired дел од обвинувањето.

Поради овој податок г. Асанж може да биде обвинет за заговор против САД. Ова не е ново и обвинителите го користеа истиот податок и против Челзи Менинг.

Она што веројатно го загрижува г. Асанж е дека обвинителството на САД располага со докази за овој настан во кој тој се понудил да помогне во пробивањето на шифрата. Дополнително, во доказите кои ги презентираше обвинителството тој бара од Менинг да продолжи со прибирање на податоци иако таа му вели дека нема ништо повеќе.

Иако во разговорите Асанж се фали дека ќе ја пробие заштитата, успехот не е познат. Последната комуникација која е објавена е дека „засега е без успех“ кога е во прашање криптирањето. Доколку успеал, Менинг ќе можела да прибере уште повеќе податоци. Ова и не е важно со оглед на тоа дека обвинителството ќе се обиде да докаже дека Асанж имал намера да украде тајни податоци на САД. Дури и неуспешен минимален обид да се пробие Secret Internet Protocol мрежата е доволен за обвинување и за осуда за хакерски напад, вели професорот по право Џефри Вегл од Универзитетот во Пенсилванија.

Но, тука не завршува целата „приказна“. За да достигне 8 годишна затворска казна, на хакирањето на Асанж му е „залепено“ и „терористички напад“. Дополнително, ако не биде прифатено толкувањето дека е „акт на тероризам“ случајот против Асанж ќе биде ослободен бидејќи делото е застарено; поминати се повеќе од 2 години од откривање на штетата, што е еден од условите за подигнување на граѓанска парница.

Доколку биде осуден г. Асанж го очекуваат најмалку 5, а најмногу 8 години затворска казна.

Она што најмногу ги загрижува противниците на ваквото обвинување е креирање на иден преседан за судски спорови против новинари. Првиот амандман ги штити новинарите од апсења кога е објавуваат класифицирани податоци. Обвинителот секако ќе се обиде да го изолира случајот како хакерски напад, а одбраната ќе мора да се обиде да докаже дека г. Асанж во овој период делувал и како новинар, ако не и единствено како новинар.

Сепак за било кој случај од овие да биде реалност треба да бидат исполнети неколку услови. Велика Британија ќе треба да го „испорача“ г. Асанж, откако пред Судот во Источна Вирџинија обвинителот ќе докаже дека се повредени правата на граѓаните на Вирџинија. Конечно ќе мора да биде прифатено и обвинувањето за тероризам инаку делото на Асанж е застарено.

Секако наскоро ќе дознаеме како ќе се развие остатокот од оваа „приказна“.

1 коментар на “Жулијан Асанж и приказната на WikiLeaks

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии