Збогум за Defiant, студиото зад Hand of Fate

Hand of Fate игрите ја изненадија гејмерската популација со уникатни механики каде RPG жанрот беше освежен со интересен спој од hack and slash акција и системи засновани на карти. Игрите поминаа релативно успешно на пазарот, а веќе некое време се очекуваа новости за идниот проект на студиото Defiant Development. Новости дојдоа, но се далеку од позитивни.

„За време на деветте години како функционираме, пазарот со игрите се има сменето на најразлични начини. Не можевме да се прилагодиме доволно бргу за да продолжиме понатаму.“

Како студио, Defiant Development ќе функционира само на одржување на веќе постоечките нивни игри, но прекинува каква било работа на нивните идни проекти.  Од студиото објаснија дека за нив работат исклучително талентирани луѓе и дека секое студио би било пресреќно доколку би можело да ги вработи. Што се однесува до точната причина која го принудила студиото да се распушти:

„Нашата цел отсекогаш била да се фокусираме на создавање игри кои никој не би се осмелил да ги чепне. Игри кои се директен резултат на нашите вештини и страсти. Игри кои прават нешто ново. Нашиот процес отсекогаш бил фокусиран на проширување и истражување. Одиме во мрачни места, бараме скриени богатства. Го започнуваме нашето патување без да знаеме каде ќе нè одведе и го правиме тоа целосно свесни за ризиците кои нè очекуваат. Ова е ризичен начин за правење игри, нешто што го знаевме уште на самиот почеток. Кога таквиот подвиг е успешен, плодовите се неверојатни. Кога неуспехот ќе ги вмеша прстите, гледате дека ја нема никаде безбедносната мрежа.“

За крај, Defiant Development објави видео за нивниот иден проект кој нема никогаш да ја дочека светлината на денот. Штета, бидејќи изгледа апсолутно феноменално.