Заштитете ја вашата онлајн приватност со ProtonVPN

Во потрагата по идеална заштита на вашата приватност кога сте онлајн, Tor, па дури и Tails се наметнуваат како нај очигледни решенија, но доколку барате подеднакво солидна алтернатива за маскирање на вашите прелистувачки навики, тогаш би можеле да го насочите вниманието и кон ProtonVPN.

ProtonVPN е бесплатна апликација за VPN (Virtual Private Network), со фокус на максимална безбедност на вашата конекција и имплементација на системи за шифрирање на податоците од највисок степен. Како бесплатна алатка, ProtonVPN го ограничува бројот на земјите од кои може да се прикажувате дека прелистувате, а и ви се намалува брзината. Оние кои би се втурнале во месечна претплата од по 4 долари, би добиле пристап до сите земји, повисока брзина, како и можноста за покренување на апликацијата од две направи. Двојно поголема претплата ги проширува можностите и нуди помоќни функции за приватноста, како Security Core или препраќање на вашиот сообраќај преку земји како Швајцарија и Исланд, а и ви дозволуваат да го пренасочувате сообраќајот преку анонимната мрежа на Tor со само еден клик. Ваквата верзија, која може да се инсталира на пет направи, можете да ја проверите и самите затоа што доаѓа со седум дневен бесплатен пробен период.

Во моментот кога ќе ја инсталирате апликацијата ќе добиете листа од сервери од различни земји на кои можете да се приклучите. Пристапот до ваквото нешто е осмислен преку интерактивната мапа од светот, но имајте во предвид дека со бесплатната верзија повеќето сервери нема да ви се достапни се додека не се одлучите за некоја од двата платежни столбови. Откако ќе најдете сервер, застанете со стрелката над него и ќе се појави копчето Connect. Кликнете и дозволете му  неколку моменти на програмот правилно да ја маскира вашата адреса. Во случај да не ви е важна земјата, ви препорачуваме да одите со Quick Connect опцијата, за да самата алатка автоматски ве прикаже како да сте од која било од достапните земји. Конектирањето знае да бара неколку обиди од ваша страна, но во моментот кога ќе воспоставите конекција, ќе бидете информирани за земјата од која наводно прелистувате, како и за тоа која е вашата брзина на поставување и преземање фајлови (upload / download). На горната страна добивате увид и за моментната IP адреса, а доколку сакате да прекинете со ваквото прелистување, кликнете го копчето Disconnect.