Запознајте се со Марио Стошевски, илустратор со моќен стил и светла иднина

Ако уметноста е идеја, тогаш илустрацијата е објаснувањето на таа идеја. Ова е мислата кон која постојано се навраќаме додека ги набљудуваме делата на младиот Марио Стошевски, уметник од Куманово кој се чини дека го нашол неговото место во светот и, барем во моментот, не сака ништо повеќе од илустрирање.

Марио Стошевски има завршено средно уметничко “Лазар Личеноски” во Скопје на оддел вајарство, но дипломирано на ФЛУ во Скопје на графика со графички дизајн. Таквата основа мора да пружила одлични услови за разновидни проекти.

„Имам работено на разни проекти“, објаснува Марио и додава: „друштвени игри, постери, стрипови, сликовници, книги, графички новели итн. Еден од најдрагите проекти за кој сеуште работам како фриленс илустратор е “Genesis Battle of Champions” на канадската компанија за друштвени игри “Haunted Castle Gaming”.

Неговите изработки се чисти, но стилот дозволува комплексни интерпретации, произлезени директно од неговата љубопитност за тоа како се направени цртаните филмови, стрипови и видео игри, почнувајќи со дизајнот и анимирањето, па сè до финалниот производ. Оваа љубопитност се чини дека оди рака-под-рака со уметниците на кои навистина им се восхитува, луѓе како: Aaron Blaise, Nesskain, Kim Jung Gi, Djamila Knopf, Karl Kopinski, Greg Capullo, John Buscema, Todd McFarlane, Anna Steinbauer, Peter Mohrbacher и многу други. Кога Марио се потсетува на неговите најрани влијанија, влече инстантна и брза паралела со стриповите на Марвел, DC Comics, Загор и Дилан Дог, но и нешто повеќе од тоа.

„Цртежите на John Buscema постојано ги имитирав и прецртував. Од сè што ќе видев си присвојував и земав работи кои најмногу ми одговараа на мене и мојот сензибилитет.“

Ги засукавме ракавите и почнавме да разговараме за најголемите предизвици со кои се соочува за време на проектите. Не сме изненадени да чуеме дека тоа е временската рамка, како и комплексноста на делото што треба да се сработи. Но, некаде низ разговорот, заклучуваме дека третиот предизвик може да биде и здодевноста. Марио, по сè изгледа, има одлично решение и за тоа.

„Сакам да работам на различни проекти истовремено, со тоа не дозволувам еден проект да ми стане здодевен.“

Илустрирање на фантастичното и нереалното се чини дека е една од омилените теми на Марио Стошевски, веднаш до цртање разновидни животни.

Станувајќи свесни дека не сакаме премногу време да му одземеме на Марио, разговорот го упатуваме кон техничкиот дел. Се заинтересиравме за тоа кои технички направи и помагала ги користи Марио и зошто баш нив.

„Моментално цртам на Wacom Cintiq 16. Го избрав баш овој таблет поради достапливата цена и квалитетот кој што го нуди Wacom.“

Wacom Cintiq 16 review | Creative Bloq
Помалиот модел на Wacom Cintiq 16 чини околу 650 евра.

Го замоливме Марио да нѝ предложи таблет за корисници кои се почетници или финансиско предизвикани. Со оглед на пофалните зборови за неговата моментна алатка, некако и не се изненадивме што предлогот повторно дојде за Wacom. „За секој почетник кој е финансиски предизвикан би го препорачал Wacom Intous Small, таблет на кој што и јас почнав да работам и сум многу задоволен.“

Во поглед на најчесто користени апликации за неговите илустрации, Марио нѝ објасни дека работи на Adobe Photoshop, а понекогаш и на Adobe Illustrator. На кратко поразговаравме и за тоа кои се предностите на дигиталната илустрација и дали Марио смета дека се губи нешто во процесот ии пак финалниот продукт станува значително помоќен благодарение на нив.

The Mesh Tool - Coloring and Shading - Adobe Illustrator | Graphic design  tutorials, Illustrator tutorials, Mesh tool

„Предноста на дигиталната илустрација е ефикасноста и времето. Исто така брзите промени и подесувања која таа ги нуди, дозволуваат финалниот производ да биде многу лесно менлив.“

При крајот на нашиот разговор, го прашавме Марио на каков проект навистина сака да работи.

„Иако моментално навистина уживам во работата како фриленс илустратор, би сакал некогаш во живот да работам во студио за дизајн на видео игри како дел од уметнички тим.“

„Ако нешто навистина сакаш треба да истраеш. Мораш сам да вложиш многу труд, време, работа и љубов за да дојдеш до целта.“

Тука некаде и завршува нашиот разговор со Марио Стошевски. Уживавме во неговата приказна, изработките кои ги направил и успесите кои допрва ќе ги постигне. Имате и вие интересна приказна? Пишете нѝ и дозволете нѝ да ја споделиме со останатите! :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии