Запознајте го Никола Радуловиќ и неговите фасцинантни гифови

Сосема е природно за еден млад уметник да премине од сликарство и галерии, во дигиталните медиуми и интернетот како простор за изложување. Вака Никола Радуловиќ ја објаснува неговата уметничка транзиција која ги задржува основните принципи за работа, но местото на изложување на неговата уметност е сменето.

Повод за интервју со Никола, кој го познаваме како артист на уметнички гифови, ни беше неговата нова анимирана книга која ја изработи со Бојана Паневска. The Book of Sclavin е приказна што се случува во 1981 година во измислената социјална држава во која владејачката класа и бунтовничкото супкултурнo движење ќе се соочат со еден невообичаен, но фасцинантен објект кој ќе доведе во промени кај двете страни.

via GIPHY

Можеби симболиката на непознатиот објект во приказната е слична со феноменот на .gif форматот кој владее со интернетот како „форма на слободно изразување“, забранета во Склавинската република. Гифот, како непознатиот објект кој има прилагодлива форма, нѐ натера да најдеме нов начин да комуницираме меѓу себе, бидејќи еден .gif може да објасни емоции многу подобро од било што друго во оваа нова интернет култура.

Ок, можеби претерав со паралелите на приказната и гифовите, но нема да претерам ако кажам дека Никола успеа да му даде на гифот вистинска уметничка вредност.

via GIPHY

„Самиот .gif формат има уникатна особина која дозволува да направиш анимација која ќе се повторува во непрекинат циклус. Таа функција дозволува .gif анимациите да се доживуваат како илустрации а не како класична филмска анимација која се перципира во одреден временски период.

Технологијата има взаемно влијание со уметноста, откривањето на бојата во тубата дозволило уметниците да излезат од ателјето и да сликаат надвор на сонцето и оттука појавата на импресионизмот и самата модерна уметност. Така и современите технолошки откритија имаат влијание на уметничкиот израз и дозволуваат развој на нови формати и медиуми“, вели Никола.

via GIPHY

За Никола анимацијата може да биде уникатна за книгите. „Анимацијата е само една од можностите на дигиталните изданија. Поширока тема за истражување се другите можности како интеракцијата која се појавува кај детските изданија и во научно-образовната литература. На академијата каде што магистрирав веќе работиме на принципите за тотална дигитализација на учебниците“, вели тој. Но, засега неговиот фокус останува на вториот дел на фасцинантната The Book of Sclavin.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии