Запознајте ги Војдан и Ема, основачи на австралискиот стартап Bron.Tech

Војдан Кардалев и Ема Поповска, основачи на BronTech

Кога работите со биткоини не размислувате на пари, вели Ема Поповска, ко-основач на австралискиот стартап Brontech. „Размислувате за веб 3.0 и за корисничкото искуство во новите радикални бизнис модели што ги немаме видено до сега“, вели Ема која на 6-ти октомври ќе одржи предавање во Скопје организирано од Startup Macedonia.

Фасцинирани од крипто-валутите и blockchain, Ема заедно со Војдан Кардалев се преселија минатата година во Сиднеј, Австралија, за да го стартуваат својот нов проект. Тие веруваат дека таму шансите се поголеми да направиш успешен биткоин стартап. „Една од најголемите придобивки да бидеме регистрирани во Австралија е фактот што инвеститорите и поголемите клиенти (особено ако сте B2B) делумно го пренесуваат кредибилитетот на една земја како референца за кредибилитетот на стартапот кој потекнува од таа земја. По конкретно, ние развиваме решенија кои се користат за менаџирање сензитивни информации и пренос на вредност (пр. крипто-валути)“, вели таа.

„Многу е важно дали земјата во која е регистриран бизнисот има веќе поставено закони кои наложуваат одговорност во случај на престапи и малверзаци, и дополнително дека тие закони се спроведуваат безусловно и за секого“.

Ема Поповска, ко-основач на BronTech

Ема Поповска, ко-основач на BronTech

Brontech е замислен како платформа за менаџирање на дигиталниот идентитет базирана на crypto 2.0 концептот. Основана на etherium blockchain технологијата, овој концепт значи дека дигиталниот записник на криптирани информации може да се користи и за други примени, покрај менаџирање на крипто-валутите.

Eден од нивните сервиси кои го нудат е BronID што треба да обезбеди лесна верификација на идентитетот без да откријат непотребни лични податоци. BronID користи алгоритам кој ја оценува доверливоста на идентитетот преку индикатори како издадени потврди, социјални конекции и други докази; а корисниците се економски мотивирани да ја користат услугата преку паметни договори. На пример, aко корисниците купат авионски билети, и авионската компанија им побара да детали за нивните навики за да им понуди дополнителни услуги, тие ќе добијат токени наречени Brons кои ќе можат да ги конвертираат во долари или да ги искористат за други услуги.

BronID

BronID

Како и кај секој стартап, идејата за Brontech доаѓа од потребата да се реши проблем. „Стана очигледно дека има потреба да се покаже доказ кој ќе ја заштити приватноста, но ќе го потврди идентитетот, каде корисниците ќе можат да си ги контролираат своите лични податоци. На сите им требаше таков систем, но никој не сакаше да го направи треба време да се изгради. За среќа ние имавме искуство со blockchain што ни беше привлечна технологија, и имавме доволно мотивација и време да создадеме лично контролирана инфраструктура за контрола на дигиталниот идентитет“, вели Ема.

„Луѓето го сфаќаат идентитетот како тривијален концепт, но тој во суштина е центарот на денешната трансакциска економија. Тој нѐ фасцинира бидејќи иако светот е толку модерен денес, сепак користиме сто години стара идентификациска инфраструктура. Решавањето на ‘идентитетот’ ќе има огромно влијание во секој сегмент во животите на луѓето, и затоа е проблем кој вреди да се реши, и затоа одбравме да работиме токму на оваа идеја“.

BronID

BronID

За жал, во Македонија Brontech би имал проблем да работи бидејќи уште во 2014-та година гувернерот Димитар Богов јавно ги отфрли биткоините како нелегална валута. Но, Ема е критична за забраната бидејќи верува дека одлуката е донесена импулсивно, и е непотребна. „Ниту има никаква одредба која ги регулира крипто-валутите, уште помалку има било какво сметководствено познавање за тоа како би се книжеле или оданочиле овие средства. Не би сакала да генерализирам, но мислам дека повеќето нови бизнис модели со кои сум се сретнала во fintech светот се осудени на пропаст ако потекнуваат од земја во која не се соодветно регулирани“.

Но, можеби е разбирливо што Македонија има проблем со нови технологии, споредено со Австралија која има далеку поиновативни технолошки компании кои имаат влијание да издејствуваат легислативни промени. Во моментов македонските стартапи се соочени да ги решат егзистенцијалните предизвици за да размислуваат на едено повисоко ниво.

„Работата во стартап [во Македонија] е полна со неизвесности од тоа кога ќе ти платат за услугата кога веќе си ја извшил, нетпредвидливост на финансиски кризи и пазарни циклуси до еден куп други проблеми врзани со менаџмент на човечки ресурси. Додавање дополнителна неивесност која резултира од ад хок менување на закони само ги демотивира претприемачите и го отежнува патот тие да се фокусираат на клучните активности во една компанија“, вели Ема.

Bron.tech ja освои People's Choice Awards на #HelloHealthTech

Bron.tech ja освои People’s Choice Awards на #HelloHealthTech

Во Австралија има и повеќе venture-capital фондови, повеќе пари се фрлаат на стартапи и може да се најдат поголем број клиенти. Но, толку од розевата приказна. Факт е и дека трошоците за живот и водење бизнис таму се неколку пати поскапи отколку да работиш во Македонија, вели Ема која верува дека Македонија треба да го следи примерот на Естонија и да го направи ИТ секторот да биде државен приоритет. „Со оглед дека се соочуваме со многу мал домашен пазар и сме релативно многу сиромашна земја со ресурси (пр. нафта, гас, злато итн), мислам дека инвестиции во овој сектор имаат потенцијал драстично да го зголемат националниот БДП, да го подобрат целокупниот стандард на живот како и да го намалат одливот на млади паметни луѓе што очигледно е еден голем проблем со кој се соочуваме“, вели таа.

Ема ќе биде гостин во Скопје во четврток, 6-ти октомври, на настан организиран од Startup Macedonia. Таа ќе зборува за своето претприемачко искуство, за крипто-валутите и blockchain, и за како се гради стартап со софистицирана технологија која за многумина е неразбирлива.

1 коментар на “Запознајте ги Војдан и Ема, основачи на австралискиот стартап Bron.Tech

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии