Запознајте ги македонските Twitch стримери

Ако некој им кажеше на Емет Шир и Џастин Кан дека три години подоцна Twitch ќе чини речиси милијарда долари, не верувам дека и во најлудите соништа ќе поверуваа во ова. Но, веруваа дека гејмерите се моќна публика и на време забележаа дека стримовите од видеоигри стануваат се попопуларни. Го стартуваа Twitch како канал на Justin.TV, а летово го продадоа на Amazon за неверојатна цена.

Растот на Twitch е предизвикан и од се поголемиот интерес во е-спортот, па Twitch е редовен партнер на Riot Games во турнирите на League of Legends, Steam за Dota 2, Blizzard за Hearthstone и куп други игри. Сепак иако во овие турнири се достигнува најголемата посетеност, најголем број од гејминг фановите кои доаѓаат секојдневно на своите омилени канали да видат што се случува.

„Бев пријатно изненаден од публиката, посебно од македонската публика која ми е најголемата поддршка, иако каналот оди на англиски јазик“, вели Данко Димоски, кој е дел од тимот зад GG, емисија за видеогри која ќе се стрима во живо на Twitch.


Растот на Twitch го забележија Sony и Microsoft, па во своите конзоли PlayStation 4 и Xbox One ја интегрираа и стримањето на Twitch. Со глед на тоа дека стримањето не е воопшто сложено, се поголем е бројот на корисници кои ги пренесуваат своите гејмерски сесии, а некои од нив како Pewdiepie или Kungenсе вистинску Twitch ѕвезди кои прават пари од спонзори, реклами на Twitch и претплати од гледачите. Овие можности им се достапни на сите стримери на Twitch.

„За да дојде моментот кога ќе можам да заработувам од Twitch треба подолго време да работам на градење на поголема публика што оди многу споро и тешко. Платформата е веќе преплавена од луѓе од целиот свет кои си ја пробуваат среќата и дефинитивно не е лесно да се протнеш и да успееш брзо доколку не си неверојатно добар во играта што ја играш. Бидејќи мојот канал се базира на пробување на различни игри тоа ја прави уште потешка работата, ама не се жалам туку со отворени раце го пречекувам предизвикот. Инаку со многу труд и малку среќа може и тоа како да се заработат убави пари, само уште PayPal да ни ги направеше работите по едноставни“, вели Данко.

Освен Данко, најдовме уште неколку Twitch стримери од Македонија кои заедно имаат над десетици илјади прегледи на своите стримови. Меѓу нив се издвојува Јане, попознат како Umren, кој има неверојатни 259.000 прегледи на својот канал. Еве ги македонските Twitch стримери што успеавме да ги дознаеме: jegstv; ror0noa; echogaze; umren; buzdee; drdurex; vdopanteragod; еxecutefx; tramspotting. Доколку има уште, споделете во коментарите за да ги додадеме на листата.

Повеќе се на Twitch од самиот почеток, како гледачи или како стримери. JegsTV на пример стрима веќе две години по неколку часа на ден, eXecuteFX стрима кога има време, најчесто на викенд. Скоро сите стримаат игри кои им се омилени, иако Twitch се користи и за стриминг на останати содржини.

„Стримам разни 3д програми во кои работам, има некои луѓе што им е интересно да гледаат како се скулптира а во исто време и учат како да се направат некои посебни работи.“, вели Оливер Спасовски.

Што се однесува до промените кои веќе доаѓаат со аквизицијата од Amazon, сите се слагаат или барем очекуваат промените да ја променат услугата на подобро. Ентузијазмот не им недостасува на момците со кои разговаравме, па очекуваме дека наскоро сите ќе може да се пофалат со партнерство со Twitch.

„Доколку Youtube.com го купеше Twitch, промените ќе беа огромни. Amazon најчесто има различен пристап кон своите инвестиции, каде многу ретко се меша во работниот процес. Откако се случи aквизацијата работите веќе се подобрија. Предходно за партнерство со сервисот требаше каналот да има 500 гледачи дневно барем 5 пати во неделата за да воопшто добие опција да аплицира за партнер. Сега таа бројка се намали на 200 што е дефинитивно по реална и верувам дека се должи на инфлуксот на пари кој дојде од продажбата“, вели Данко. „Очекувам да го средат и алгоритамот кој го користат за бришење на аудио материјали за кои стримерите немаат платено авторски права. Во моментов тој систем е многу лошо имплементиран, со тоа што доколку пуштиш дури и 10 секунди материјал кој не го поседуваш 30 минути од видеото ќе бидат без звук во твојата архива. Ова можеби не е толку голем проблем затоа што луѓето најчесто доаѓаат таму да гледаат играње во живо, ама тоа не го менува фактот дека може подобро да се имплементира тоа“.

2 коментари на “Запознајте ги македонските Twitch стримери

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии