Закон за медиуми: Блоговите (дефинитивно) не се медиуми, а слободата е во согласност со Уставот

Наместо цензура за „заштита на здравјето и моралот“, новиот редефиниран Закон за медиуми(.doc) ќе гарантира слобода на медиумите во согласност со Уставот и меѓународното право. Според член 16 од Уставот „Цензурата е забранета“. Членот 4 е најзначајната промена во новиот нацрт-закон кој Властите го изработија по критиките и предлозите од македонските медиуми и меѓународната заедница.

Поголема промена која е важна за интернет сцената е што дефиницијата за „електронските публикации“ е изменета. Збунувачката дефиниција дека електронски публикации се „уредувачки обликувани програмски содржини кои се објавуваат на веб страни достапни за поширока јавност“ сега е сменета да ги опфати само весниците и магазините. Ова значи дека блоговите, форумите и друштвените мрежи нема да бидат опфатени со законот. Според ИТ министерот, Иво Ивановски, ниту забавните портали нема да бидат опфатени во дефиницијата, иако е контрадикторно што и тие „работат со вести“.

„Ова не се однесува на блогови, форуми, забавни портали, на приватни веб-страници, социјални мрежи или пребарувачи. Се однесува исклучиво на електронски публикации коишто, според дефиницијата, имаат уредништво и работат на вести и новини.“, вели ИТ министерот.

Како дополнување, дефиницијата за издавач на медиум е поедноставена да опфати лица кои водат печатен и радио-телевизиски медиум, и електронска публикација.Претходната верзија ги опфаќаше сите кои „учествуваа во јавното информирање“. Според овој закон, блогерите не се издавачи на медиуми без врска колку се редовни во објавувањето или колку влијание имаат. Ова не значи дека ќе видиме навредлива и клеветлива содржина, бидејќи во Македонија постојат и други Закони кои мора да се почитуваат. Но, тоа што е важно со овој Закон за медиуми е да се подигне нивото на транспарентност и професионалност кај медиумите. Блоговите едноставно ќе ја следат таа професионалност ако сакаат да грабат дел од публиката.

Поголемиот дел од нацрт-законот останува ист. Уредниците на медиумите сносат огромна одговорност за содржината, а новинарите се заштитуваат од откази ако го изнесат својот искрен став. Ова од една страна води до поотворена комуникација меѓу уредникот и новинарите, но и кон авто-цензура на уредникот, и давање моќ на новинарот да го уценува и влијае врз уредништвото.

Импресумот останува обавезен. Член 15 налага секој медиум мора да наведе кој е главен уредник, кои се новинари на текстовите и кој е издавачот. Овој член, заедно со член 17 за забрана на таен содружник, ќе стави крај на купот анонимни македонски веб медиуми кои промовираат содржина без никаква транспарентност. Но, иако партиите, државните и јавни институции не можат да бидат основачи или да имаат учество во сопственост на радиодивузерите, тие ќе можат да финансираат печатен или интернет медиум.

„Член 15: (1) Издавачот на медиум е должен на видно место за секој поединечен носител на содржина (на пр. примерок од печатен медиум, веб страна, телевизиска емисија) да обезбеди објавување на следниве податоци… име и презиме на одговорниот уредник, односно уредниците…

(3) Издавачите на електронски публикации обврската од ставот (1) на овој член ја применуваат на начин соодветен за еклектронската публикација.

(4) Издавачот на медиум е должен на соодветно место за секоја содржина да ги објави следните податоци: име на одговорното лице на издавачот на медиум, име и презиме на авторот на објавениот прилог…“

Медиумите ќе треба да се регистрираат во Агенција за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги. Tие ќе треба да ја објават структурата на медиумите, заедно со приходите и тиражот. Оваа агенција ќе биде нешто како куче-чувар на индустрија која со години се само-регулира. Aгенцијата ќе има надлежност да заштита на плурализмост, заштита на малолетната публика, да презема мерки за времено ограничување во одредени дозволени според Уставот ситуации, да поттикнува медиумска писменост и да го воведува Законот за медиуми. Советот на агенцијата ќе биде составена од еден новинар и три члена од Заедницата на единици за локална самоуправа и три члена кои ги избира Собранието. Нивниот мандат е намален од девет на седум години.

Ново во нацрт-законот е членот 33, акт 2 кој вели дека Aгенцијата наместо два пати годишно, ќе организира јавни состаноци еднаш на три месеци на кои ќе бидат повикани сите медиуми во Македонија за да дискутираат за состојбите на пазарот, а не за „медиумскиот плурализам и развојот на саморегулација“ како што беше првично напишано. Ќе има и јавни веб расправи пред да бидат објавени годишните извештаи за македонските медиуми.

Oчигледно е дека Власта нема да се откаже од воведување на Законот. Прашањето ќе биде колку и дали тој Закон ќе и даде моќ на Агенцијата да цензурира и уценува уредници и сопственици на медиуми кои ќе бидат под неверојатен притисок? Сите документи околу нацрт-законот, како и предлозите и забелешките, ќе може да ги најдете на Единствен национален електронски регистар на прописи на Македонија.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии