За Wolfsbane разговараме со македонското инди-студио Workbench Entertainment

IT.mk редакција

во гејминг, ИТ.МК

Веќе можевте да прочитате и да го погледнете трејлерот за Wolfsbane новата игра на Workbench Entertainment. Wolfsbane е најновата игра на студиото кое во 2019 ја издаде својата прва игра, хоророт Wounded.

Workbench неофицијално постои од 2014 година, а во нешто поинаков состав продолжуваат да развиваат видеоигри и денес. За разлика од претходната игра, Wolfsbane е полесна за играње и наменета е за поголема публика. Ова може да се забележи и од платформите на кои играта ќе биде достапна. Ако Wounded беше ексклузива за ПЦ, Wolfsbane доаѓа на повеќе платформи вклучувајќи го и Android.

Жанрот на играта е „Imposter“ жанр кои иако повеќе припаѓа на друштвените игри со Amongst Us значително се популаризира и во видеоигрите. Љубителите на овој жанр сега ќе имаат уште една игра која ќе може да ја искористат за разонода.

Составот на Workbench Entertainment во моментов е: Бојан Веселиновиќ, Тимоти Глигоров, Александар Русевски и Васко Атанасовски, а од неодамнна дел од тимот е и Петар Поповски. За најновата игра Wolfsbanе разговаравме со дел од тимот кој ја развиваше играта.

Неодамна ја најавивте вашата втора видеоигра „Wolfsbane“ кажете ни нешто повеќе за неа?

Wolfsbane ќе биде нашата прва multiplayer игра, проект кој е малку различен од претходниот. Се работи за некој модифициран жанр на Imposter Game, но различно од тоа што досега е видено.

Максималниот број на играчи во Wolfsbane ќе биде 10. Се разбира, играта може да започне и ако бројот на играчи во лобито е помал. На почеток на играта секој од играчите добива своја улога (role) во селото. Улогата има свои уникатни способности кои имаат влијание врз гејмплејот. Еден од играчите се претвора во волк за време на мечот, но кој од играчите ќе биде тоа не се знае се додека не дојде фазата на симптоми. Тука се разликуваме од остантите “Impostor” Games. Тоа не е единствениот уникатен елемент во играта, но во моментот не можеме да откриеме повеќе.

Името потекнува од цвеќето Aconitum (Woflsbane) кое се користи за бркање на врколаци во митологијата. Цвеќето само по себе има многу битна улога во гејмплејот.

Во „Wolfsbane“ ќе бидеме во улога на жители на Woodpine Village и имаме неколку часа да го спасиме селото. Што е приказната во играта?

Секои десет години во селото Woodpine Village се појавува полната месечина, но во малку поинаква форма, односно Blood Moon. Играчите со започнување на партијата случајно се наоѓаат во селото баш таа вечер. Приказната е едноставна, а гејмплејот е тоа што го прави проектот исполнет и интересен. Селаните треба да направат ритуал преку кој ќе го трансформираат врколакот назад во човек, се разбира ако тој не стигне да ги изеде прв.

Кога може да го очекуваме излегувањето на Wolfsbane?

Wolfsbane ќе влезе во early-access на почетокот од 2021. Бидејки е игра во која гејмллејот е главен елемент, за жал ќе мораме да тестираме некои работи подолго време. Но, за тестирањето на играта ќе има многу прилики за тие што сакаат да ја пробаат. За ова ќе има подетални информации во блиска иднина.

Wolfsbane би требало да биде целосно released за кратко после нејзината early-access фаза. За време на развојната фаза ги тестираме нашите игри во целост, па би требало да нема некои критични модификации кои би одземале многу време.

Дали Steam ќе биде единствена продавница каде што може да се купи?

За разлика од нашиот претходен проект Wounded – The Beginning, Wolfsbane ќе биде игра со која планираме да таргетираме многу поголем број и видови на публика. Се работи за комерцијален продукт во кој би можел секој да ужива, дури и луѓе кои немаат претходно искуство со видеоигри.

Поради оваа причина, ќе гледаме Wolfsbane да е достапна на што повеќе платформи, вклучувајки и Android. Играта ќе биде доста оптимизирана и lightweight и ќе може секој да ја игра.

Steam е секогаш приоритет бидејќи е сепак најголемата платформа за видеоигри во светот, но ќе гледаме играта да биде што по достапна на повеќе платформи.

Wounded ја издадовте пред неколку години колку сте задоволни од приемот?

Со нашата прва игра Wounded успеавме да постигнеме многу работи. Тоа е прв проект на нашето студио и да не беше таа игра, немаше да го имаме тимот што го имаме денеска, а ни конекциите кои ги направивме преку неа. Некои можеби знаат, некои не, но со Wounded добивме номинација на CEEGA (Central and Eastern European Game Awards), и тоа беше едно незаборавно искуство кое не мотивираше да не се откажеме од нашата главна цел. Баш поради таа случка успеавме да запознаеме еден куп луѓе кои се професионалци во оваа индустрија и сакаат да соработуваат со нас.

Безбедно е да се каже дека Wounded не “истренира” да станеме многу подобри во тоа што го правиме. Поготово поради фактот дека тоа беше игра направена со 0 буџет и од чиста љубов кон оваа професија.

Од скоро сте присутни и на Patreon, може ли ова да биде дополнителен канал кој ќе им помогне на инди студијата?

Нашата Patreon кампања ја започнавме со цел да почнеме да градиме едно community со кое ќе можеме да си помагаме обострано. Финансиска поддршка е секогаш огромен плус за инди-студија, бидејќи како што знаеме сите, почетоците се најтешки. Но, наместо примање на донации и слично, сакавме да направиме некој начин на интерактивна конекција помеѓу нас и фановите. Нудиме многу интересна содржина за тие кои сакаат да се вклучат во нашиот пат до врвот. Сметаме дека од сите опции за поддршка, Patreon е еден од најдобрите. Не сме фанови на еднострани донации. Го вреднуваме секој денар кој го добиваме, и секогаш ни е цел да дадеме нешто назад за возврат.

Што е најголем предизвик за развој на видеоигри во Македонија?

Тоа дефинитивно би било недоволното познавање на сите можности кои оваа индустрија ги нуди. За голем број од луѓето овде, правењето на игри е нешто што тие го сметаат за обично хоби. Всушност, тие мислат дека освен хоби, тоа не ни може да биде нешто повеќе. За среќа, тоа е далеку од вистината. Ние сме убедени дека индустријата за видеоигри за кратко време ќе ја помине и филмската индустрија, а и многу други.

Луѓе од целиот свет инвестираат во светот на гејмингот и е-спортот, вклучувајќи успешни фудбалски тимови, познати брендови и еден куп други инвеститори. Кај нас за жал, тешко е да добиеш било каква поддршка. Но, ние веруваме во упорност и посветеност. На еден или на друг начин, нашето име ќе се прогласи, а тогаш оние кои ни затвориле врата ќе знаат каква прилика пропуштиле.

Може ли во Македонија да се живее од видеоигри или барем за вас ова останува хоби?

Може, бидејќи ова е професија која нема многу врска со државата во која живееш, барем од аспект на финансии. Кога станува збор за поддршка, тогаш е нешто сосема друго, но бидејќи со видеоигри луѓето го таргетираат пазарот на глобално ниво, не би требало местоположбата да претставува пречка во таа економска област. Ние почнавме како хоби, но за брзо време тоа прерасна во нешто многу поголемо.

Нешто дополнително што би сакале да додадете?

Иако сме сеуште млади и на почеток од нашите кариери, имаме научено многу за оваа индустрија. Имаме многу планови за во иднина и сме мотивирани повеќе од било кога да ги оствариме. Workbench Entertainment е студио кое е секогаш отворено за соработка со било какви ентузијасти кои сакаат да постигнат нешто во светот на видео игрите. Иако во моментот сме доста зафатени со Wolfsbane, сакаме да чуеме било какви идеи доколку некој има такви во врска со правење на игри.

На сите оние кои сакаат да успеат во било кое поле им посакуваме среќа и ги потсетуваме да не се откажуваат бидејќи почетоците се секогаш најтешки. До наредното слушање, поздрав од целиот тим на Workbench Entertainment.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии