За виза за САД, наскоро можеби ќе треба да го отворите Facebook профилот

Наскоро за влез во САД можеби ќе биде потребен отворен профил на друштвените мрежи. Предлогот на администрацијата на претседателот Доналд Трамп е за барањето за виза да бидат вклучени и профилите на друштвените мрежи.

Секој од апликантите ќе мора да ги внесе своите профили од Facebook и Twitter. Дополнително, ако има повеќе од еден профил на друштвените мрежи ќе треба да ги внесе сите. Предлогот ќе зафати околу 15 милиони апликанти. Промените ќе се однесуваат на сите, и за иселеничка и за туристичка или работна виза.

Корисниците ќе треба да достават и листа од телефонски броеви кои ги  користеле, имејл адреси и историја на патувaње, јави Guardian. Одлуката се однесува на сите држави кои немаат безвизен режим со САД.

Проверките на друштвените мрежи не се новост. Претходно и под претседателот Обама беше донесена одлука со која агенциите за безбедност можеа да побараат податоци за друштвените мрежи. Сепак, за ова беа потребни основани сомневања. Со сегашниот предлог овие податоци ќе бидат задолжителни.

Потегот секако е непопуларен, а граѓанските здруженија за заштита на приватноста, веќе предупредуваат за можните нарушувања на слободата на говор.