За нападите со оружје во САД повторно обвинети видеоигрите

Минатиот викенд во САД имаше два вооружени напади, а претседателот на САД, Доналд Трамп смета дека виновни за нападите се видеоигрите. Изјавата веднаш беше поддржана и од дел од претставниците на Републиканската партија.

„Мора да запреме со величање на насилството во нашето општество. Ова ги вклучува и насилните видеоигри кои сега се вообичаени. Денес е многу лесно проблематичните млади да се опкружат со култура која слави насилство“, изјави г. Трамп.

Во нападите во Ел Пасо, Тексас и Дејтонм Охајо загинаа 20 и 7 случајни минувачи, десетици се повредени. Ова без сомневање е трагедија, но пронаоѓање на виновници каде ги нема, нема да му помогне на никој. Ова не е прв сличен напад и за да се спречат е потребно детално испитување на сè што придонесува за овие немили настани.

Иако г. Трамп не најави какви мерки ќе преземе за ограничување на видеоигрите, неколку часа подоцна акциите на компаниите кои издаваат видеоигри, паднаа неколку проценти, пишува LA Times.

Ова не е првпат да бидат обвинети видеоигрите за насилство, ниту десничарите се единствени кои излегуваат со вакви тврдења. Сепак засега ниту една организација на психолози не излегла со анализа која ги поврзува вооружените напади со видеоигрите. Секако постојат анализи кои покажуваат дека постои зголемена агресивност кај луѓето кои играат насилни видеоигри.

Неколку истражувања покажуваат дека дури и нивото на графичко насилство во игрите не игра улога во насилство надвор од игрите. Истражување во Британија направено на тинејџери, покажува дека девојките и момчињата кои играат „насилни“ видеоигри не се понасилни од нивните врсници.

Поврзувањето на видеоигрите и нападите со огнено оружје не е новост. Започна со нападите во Колумбајн, откако во истрагата се откри дека напаѓачите ја играле „Doom“. Подоцна и Норвежанецот Андрес Бревик, откри дека „тренирал“ стрелање на Call of Duty: Modern Warfare 2, но играл и World of Warcraft. Овие 2 случаи беа доволни секогаш кога има вооружени напади да се обвинуваат видео игрите.

Call of Duty, Battlefield, Hotline Miami, Assassin’s Creed и секако Grand Theft Auto, се популарни насекаде, но во остатокот на светот сепак нема вакви вооружени напади. Она што ги разликува САД од остатокот на светот е Националната асоцијација за оружје која има неверојатно влијание врз конгресот. Дополнително, законите за купување на оружје се претерано либерални, па поголем дел од населението поседува оружје.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии