Xiaomi со нов гејминг монитор

Пред само неколку дена, Xiaomi најавија нов гејминг монитор. Се работи за Mi Curved Gaming Monitor, кој доаѓа со 34 инчен ultrawide панел со резолуција од 3440×1440, како и refresh rate од 144 херци. И додека на пазарот секако има вакви модели по најчесто високи цени, препорачаната цена за овој модел на Xiaomi е само 399 евра.

Самиот монитор не се труди да ве восхити со напредни функционалности. Xiaomi одат со друг пристап, со кој целта им е да ги покријат најважните работи кај еден гејминг монитор, без потенцијално проблематични компромиси, и да ја задржат ниската цена.

34 инчниот панел е VA, и според моменталните информации, веројатно е изработен од страна на Samsung Display. Контрастот е во сооднос 3000:1, што значи дека може да очекувате подлабоки црни бои во споредба со конкуренцијата.

Она што можеби фали од мониторот е било каква поддршка за HDR, но со оглед на ограниченото максимално осветлување од 300cd/m2 како и цената на истиот, не сме изненадени. Има покриеност од 121% sRGB, што е сосема солидно.

Панелот исто така доаѓа и со AMD FreeSync Premium, па било какви артефакти или проблеми при гејминг би требало да се потполно елиминирани. Она што не е најсјајно е response time од 4ms, што кај некои побрзи игри може да направи голема разлика.

Како што кажува и самото име на моделот, ова е закривен монитор, со закривеност од 1500R. На оваа дијагонала, закривеноста е сосем доволна за да добиете поубаво искуство без истото да е пренагласено. За да уживате уште повеќе во ова, дизајнот е таков да нема ништо освен најпотребното, а рамките од сите страни се тенки, со исклучок на долната рамка.

И кај портовите е слична ситуација како кај сé останато – тука се само најпотребните. Имате 2 DisplayPort 1.4 портови, како и два HDMI 2.0 портови, и 3.5mm излез за аудио. За жал, нема USB порти.

За крај, мониторот доаѓа со подесување по висина, а може и да го изротирате или навалите. Секако, доколку сакате, има и VESA 100×100 можност за монтажа на зид или работна маса.

За жал, во моментов нема информации за достапноста на истиот кај нас, но истото може да се промени во наредните неколку недели.  

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии