Wounded е нова македонска игра која чека поддршка на Steam Greenlight

По кратка пауза, нова македонска видеоигра ја бара вашата поддршка на Steam Greenlight. Wounded е прва игра на студиото Workbench Entertainment, а до сега се обидоа и два пати да ја финансираат на Kickstarter. Сега Wounded им се приклучува на BOB RG 42 и Excubitor кои претходно добија поддршка на Steam Greenlight.

„По долг период без вести, дојде време да ја презентираме Wounded пред семејството Steam. Можеби чекавме повеќе од доволно, но сакавме играта да биде барем во бета пред да ја презентираме на Greenlight.“

Wounded е хорор авантура и е дело на ентузијасти средношколци кои секој слободен момент го минуваат развивајќи ја играта. По подолг период без вести изгледаше дека момците се откажале, но за среќа ова не е случај, па наскоро очекуваме нови уште подообри вести.

Играта беше планирано да излезе во почетокот на 2017 година, но оваа дата ќе биде поместена. Најголем дел од работата на играта е готова, но сега се треба да се спои во еден продукт.

„Со развојот сме до процес на имплементација. Сцените, анимациите и скриптирањето е готово, сега останува само да се склопи во еден продукт… За активности, моментално сите сме фокусирани на Greenlight, но се продолжува и со имплементација на самиот гејмплеј.“, вели Васко Атанасовски.

„Секоја поддршка за Steam Greenlight гласањето е повеќе од добредојдена.“, додава Васко.

Планот на Workbench Studios е да ја објават Wounded ова лето.