Ways2Help – да им помогнеме на тие што навистина имаат потреба од тоа

Ways2Help е платформа развиена со цел луѓето полесно да можат да си помогнат едни на други. Платформата е развиена како дел од Startup Weekend хакатонот, кој оваа година поради пандемијата се одржа онлајн. Ways2Help го освои првото место на Skopje Startup Weekend – Covid 19 edition.

Платформата ги поврзува добротворните организации и луѓето кои имаат потреба од помош, како и сите кои сакаат да помогнат. На неа, сите организации и невладини организации кои можат да помогнат на загрозената популација. Покрај можностите за донирање, платформата нуди и опции за волонтерска работа и редовно плаќање на режиските сметки. По креирањето на платформата тимот на Ways2Help оствари соработка со организациите: Вистински дела на љубезност, Хера, LGBT Тетово, Волонтерски Центар Скопје, Лице в лице.

Еден од поинтересните начини за финансиска поддршка е можноста за директно плаќање на сметка за режиски трошоци. Со ова директно може да му се помогне на некое семејство кое има финансиски потешкотии.

Основачите се обидуваат да креираат поголем избор и можности за помош на сите ранливи групи. Целта е на едно место да се соберат организации, компании и индивидуалци кои се желни да помогнат во една платформа

За Ways2Help зборувавме со Моника Ризовска, ко-основач на платформата.

Идејата ја развивте на Скопје Стартап Викенд, Како изгледаше Ways2Help тогаш, и што доработивте од тогаш?

Уште на самиот почеток знаевме дека сакаме да работиме на идеја која ќе биде вистинска помош за сите. Ways2help започна како идеја за сеопфатна платформа која ќе вмрежи организации, донатори и компании желни да помогнат и да си се најдат. Тој викенд во рок од 54 часа напорна работа успеавме да ја креираме првата верзија на ways2help која ги содржеше трите начини на кои може да се помогне со – волонтирај, донирај и плати сметка. Благодарение на напорната работа, посветеноста, советите од нашите ментори, како и фидбекот од сите корисници, подаривме живот на тогашниот WordPress темплејт и ја поставивме нашата идна цел и визија за нашата и ваша платформа која има за цел да ги обедини сите хуманитарни акции и организации на едно место, со цел да понудиме поголема можност за помош, транспарентност и информираност на донаторите.

Она што ја направи различна оваа платформа е што вклучивме и дел за помош со плаќање и на сметка. Денес се радуваме на бројните хуманитарни акции кои сме ги организирале, поддржале или поттикнале. Напорно работиме кон усовршување на Плати Сметка како и на целосната платформа, но паралелно помагаме и преку организација на акции како што се: донирање на компјутери, донации на храна, покуќнина и сл.

Поголем дел од проектите развиени на хакатони се забораваат по неколку месеци, тоа не е случај со Ways2Help. Што ве мотивира?

Во суштина одговорот се крие во тоа како ние го доживеавме Стартап Викенд и кои сме ние како личности, како тим, како заедница. Ние во тој настан не гледавме натпревар, хакатон или шанса да работиме на интересен проект, туку можност да се сплотиме за да направиме промена. Да се биде #Ways2helper зачи да се биде проактивен, иновативен и пред сe хуман – тоа се главните карактеристики на нашиот тим и на нашата заедница. Нашата цел беше многу поголема од тоа да ја креираме ways2help како платформа. Имавме за цел да ја вратиме довербата и разбудиме емпатијата со идеја како да се помогне во време кога на секој му е потребна помош. Токму затоа нашата мотивација не згаснува ни ден денес, бидејќи веруваме дека постојат уште многу начини како да се помогне и бидејќи знаеме дека некој ден ќе бидеме доволно храбри да ги реализираме и направиме дел од нашата реалност.

Како функционира Ways2help? На кој начин луѓето и организациите на кои име потребна помош пристапуваат до вас?

Дигитално, преку нашата платформа и социјални медиуми освен во случај кога имаме отворени акции каде волонтерите се на терен и стапуваме во контакт и директно со семејствата на кои им е потребна помош.

Начинот е следен. Сите организации прават списоци со потребни работи ( или сметки ) ги проверуваат дали луѓето што треба да ја добијат помошта навистина го заслужуваат тоа; пишуваат кратко инфо и ги испраќаат кај нас. Ние објавуваме повик и работата е средена, многу едноставно.

Државата е полна со хумани луѓе само треба да го најдат правиот начин.

Колку сте задоволни од досегашниот интерес? Колку сметки се платени?

Изненадени сме од интересот и рекордното време на плаќање на сметките од ЕВН. На првиот повик мислевме дека луѓето ќе чекаат и по месец дена да се платат нивните сметки, но сите сметки беа платени за само еден ден. Денес статистиката друго покажува, вкупно се платени 104 сметки на 38 семејства од почетокот на акцијата пред 2 месеци што е навистина голема сума. Задоволството е уште поголемо кога знаеме дека над 140 луѓе ќе имаат дома струја, особено бидејќи следи зимски период и потребно е повеќе од било кога струја за греење, светло за следење на настава на децата.

Како планирате да го задржите интересот на донатори на подолг период?

Нашата платформа е многу уникатна, пример ако сте компанија и сте општествено одговорна и сакате да се вклучите во некоја акција, наместо да правите истражувања на тоа какви акции престојат периодот и во кои вие можете да се приклучите вие доаѓате само на Ways2Help, разгледувате и бирате акција на која најмногу би можеле да придонесете.

Донатори има многу, ние како заедница постојано растеме и ќе се појавуваат нови акции и нови донатори, во план имаме да креираме кратка емисија каде што дел од луѓето што добиле помош ќе дадат нивна благодарност до јавноста преку видео, организирање на годишни настани, блог постови за поттикнување на нови донатори и мотивација за старите, сме размислувале и во идни планови ни е и рангирање на донаторите и волонтерите.

Покрај финансиските постои можност да се помогне и преку волонтирање, нешто повеќе за ова?

Секоја помош е добредојдена па макар и само споделување на акција. За време на првите две акции имавме потреба и од волонтери на лице место за собирање и делење на храна, училишен прибор и ранци, превоз па дури и за едукација на деца од сиромашни семејства за како да користат лаптоп и компјутер. Голем број на волонтери помогнаа и деноноќно неуморно заедно со нас разнесуваа храна, училишен прибор до социјално загрозени семејства. Секоја помош е добродојдена, споделување, коментирање и ширење на нашата иницијатива е исто така помош за нас, а пред се за тие што им е потребна, загрозените лица. Ги повикуваме сите што се во можност и сакаат да придонесат да се зачленат во нашата Ways2help заедница. Само хумани, заедно и сплотени можеме навистина да помогнеме.

Кои се плановите за иднина?

Ширење на оваа иницијатива за сплотеност низ целата држава, дополнување на функционалноста плати сметка и со нови сметки за телефон, вода. Доработка на техничкото решение на платформата и апликацијата со вклучен систем за наплата, креирање на видео канал, организирање на обуки за помошници и организации за што упатуваме и повик до секој кој е технички искусен да помогне оваа платформа да стане вистинско техничко корисно решение.

Ги повикуваме и останатите ИТ компании и  организации низ државата кои сакаат да соработуваат со нас, да не контактираат за да може сите заедно да се вклучиме во нови и поголеми акции како што испадна и со акцијата – “Плати Сметка”. Моментално сме погодени од пандемијата, но во животот постојано има кризи, економска криза, земјотреси, поплави, болести и слично. Кризите се менуваат, нашата цел останува иста – да им помогнеме на тие што навистина имаат потреба од тоа.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии