Време е во Македонија посериозно да се разгледа е-спортот

Иако Олимписките игри се во тек,  главната спортска вест кај нас оваа недела не доаѓа од Бразил. Dota 2 The International го донесе најдобриот македонски e-спортист на сцена. Изминативе денови Сакса беше на социјалните мрежи, на медиуми и телевизии, дури веста беше и меѓу топ темите на Time.mk. И сите знаеа дека македонец е вице-шампион во е-спорт, освоил многу пари и беа горди, иако голем дел од луѓето сѐ уште не разбираат точно што и како “гејмер од Свети Николе” освоил, а да се потсетиме дека пред околу половина година, дури и пратениците и не знаеа за што зборуваат.

Image 637

Што е е-спорт?

Најверојатно наједноставно објаснување за е-спорт е дека е компетитивно играње на видеоигри. Компетитивното играње е на многу повиско ниво од она што го правиме дома пред компјутер, и од играчите бара многу повеќе време за подготовки и буквално тренинг.

Натпреварите се брзи и суператрактивни за гледачите, па сѐ поголемата популарност на е-спортот не е никакво изненадување. Колкава е популарноста на е-спортот можеби најдобро прикажува каналот ESPN коj започна да врши преноси на најголемите гејминг настани. Минатата година клубовите од Англиската премиер лига започнаа да ангажираат  професионални играчи кои ќе го претставуваат клубот на турнири, а салата во која што се одржа The International имаше 17.000 седишта кои беа полни за финалето.

Најпопуларните игри имаат речиси неверојатно многу публика. Само финалето вo Dota 2 во 2015 беше следено од 4.6 милиони гледачи. Финалето на League of Legends во 2015, пак го следеа речиси 14 милиони гледачи. Секако дека огромната публика носи многу повеќе пари, па најдобрите тимови имаа и свои спонзори, како што има и тимот на Сакса, Digital Chaos, меѓу кои се наоѓаат LG, SteelSeries, Vertagear, Private Internet Access и други.

Иако има куп игри кои се играат турнирски, најверојатно најпопуларни се League of Legend, Dota 2, Counter Strike: Global Offensive, Starcraft 2 и новиот хит на Blizzard, Overwatch. Во Македонија најверојатно на првите три можеме да и ја придодадеме и Hearthstone, пред сѐ поради напорите на Гоблин, во организацијата на локалните турнири.

Image 664

За разлика од спортот, е-спортот е присутен околу десетина години а допрва ќе добие на своја популарност. Во почетоците турнирите немаа речиси никаков пренос во живо, а благодарение на „интернет-телевизиите“, како Twitch, популарноста на е-спортот нагло се зголеми. Тука треба да ги пофалиме и GG.mk.

„Гејмингот на Балканот и во Македонија воопшто не е развиен. На никој не му гајле, сите играат за забава.“

За жал во Македонија е-спортот сеуште е на почеток, неодамна е формирана е е-спорт федерација која досега има организирано 7 квалификации и учество на повеќе светски првенства, но самиот е-спорт барем досега не беше сфатен сериозно. Федерацијата е основана некаде во мај во 2009, а се надеваат дека е-спортот ќе биде додаден во листата на спортови. Барем засега не гледаме потези или најава за нешто поофицијално, некаков поголем новитет и позитивна промена, иако федерацијата во моментов ја организира првата професионална лига. Сето ова е разбирливо со оглед на тоа дека досега никој и не бил успешен како гејмер кај нас.

„Пред да станам навистина добар во играта, и да заработувам од неа, моите родители постојано ми велеа да престанам и да учам. За да можам да се запишам на добар универзитет, да најдам добра работа. Го разбирам ова, никој во Макеодонија не стигнал никаде со играње на игри. Штом започнав да заработувам и да одам на ЛАН турнири, ме поддржаа.“, вели Мартин Саздов – Сакса, во интервју за Gosugamers.

Без сомневање најголем мотиватор за промени ќе бидат успешните гејмери како Сакса. Успехот и натпреварите на Digital Chaos, благодарение на социјалните мрежи, привлече огромен број на гледачи. Сакса и Digital Chaos станаа херои на целата публика, која можеби и не потполно ја разбира играта. Сепак динамичноста, атрактивноста и можноста да се навива за локален учесник, кој не само што се натпреварува на највиско ниво, туку и победува, го направи своето, па сега имаме нов омилен спортист.

Image 663

Што се однесува до помош од државата, таа се чини дека нема баш слух за да направи нешто во ова сфера. Најголем дел од е-спортистите започнуваат како ентузијасти и тоа така треба најверојатно да остане. Единствено би морал да се изедначи статусот на е-спортистите со нивните колеги, што би овозможило нивна еднаквост. Компаниите би требало да го забележат потенцијалот и да започнат со спонзорирање на тимовите, бидејќи публиката ќе биде сѐ позаинтересирана и ќе ги следи активностите на играчите, а ентузујастите да започнат и да организираат повеќе и подобро организирани турнири.

5 коментари на “Време е во Македонија посериозно да се разгледа е-спортот

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии