Во Скопје отворена првата фотоволтаична централа за домаќинства во Македонија

Куќа во скопската населба Тафталиџе ќе биде првиот прототип на домашна електрична централа. Целиот фотоволатичен систем  е изработен и дизајниран од ЕВН.

Мини централата е со максимална моќност од 3kW. За ова на кровот на куќата се поставени 12 панели. Системот е достапен од ЕВН и компанијата им го нуди на сите домаќинства.

На отворањето на првата електрана присуствуваа и претставници на Владата.

„Владата на Република Македонија преку новиот Закон за енергетика ја отвори можноста секое домаќинство на кровот од својата семејна куќа, како и секоја компанија, да има можност да инсталира фотоволтаична централа и за сопствени потреби да произведува електрична енергија, а понатаму вишоците струја да ги продава на слободниот пазар“, вели премиерот Зоран Заев.


Некаде на почетокот на мај, Калифорнија донесе закон кој предвидува сите куќи кои ќе се градат од 2020 година да искористуваат сончева енергија. Државата планира до 2030 година, 50% од произведената енергија да биде од обновливи извори.

Еден од недостатоците на ова е што оценето по цена на хипотеките, куќите ќе бидат 40 долари поскапи, пресметано на месечно ниво. Но, овие средства ќе бидат вратени. Заштедата за електична енергија и загревање на месечно ниво е 80 долари.

Досега воопшто не зборувавме и за најголемата придобивка, почистиот воздух. Иако во процесот на создавање на фотоволтаиците постојат опасности од загадување, во користењето тоа не е случај. Дополнително, домаќинствата ќе користат 50% помалку електрична енергија од мрежа, со тоа ќе се намали емисијата на CO2 за околу 250 милиони килограми секоја година.

Секако инсталирањето на панелите не е евтино, но чистиот воздух секако е далеку поважна придобивка. Со производство на електричната енергија на локациите каде што ќе се троши се намалуваат и загубите во мрежата. За жал, иако ќе биде интересно, досега не сме виделе приближни бројки за Македонија. Колку ќе се намали загадувањето? Колкава е искористеноста? Колку ќе се заштеди?

Капцитетот за производство на енергија преку фотоволтаици во Македонија се проценува на 1.300-1.550kWh/kWp. Со оглед на тоа дека цената на произведен киловат од сончева енергија се приближува кон цената на произведен киловат во термоелектраните, се чини дека насоката е јасна.

За среќа, Македонија има услови за искористување на соларната енергија. Секако не насекаде и не низ цела година. Овие поволности од енергија од сонцето мора да се искористат. Главна причина е загадувањето во најголемите градови, но Македонија и увезува многу електрична енергија. Со користење на соларни панели и ветрогенератори ќе се зголеми и учеството на „зелена“ енергија.

За жал, стандардот на граѓаните не дозволува голем дел од нив да инсталираат соларни панели на своите домови. Поради ова потребно е локалните власти или можеби државата да ги субвенционира инсталациите.