Влијанието на социјалните мрежи за развојот на e-трговија

(Oва е гостински пост на Стефан Стојановски, практикант и соработник на сервисот за групно купување Kupinapopust.mk, и студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, ФИНКИ)


Пред да одлучат нешто да купат, потрошувачите многу повеќе од порано се интересираат за деталите на производот, квалитетот и цената, како и за производителот. Потребата на купувачите што подобро да се информираат пред да одлучат нешто да купат се повеќе расте особено ако станува збор за онлајн плаќање. Корисниците ја анализираат понудата и се повеќе бараат препораки и читаат рецензии, а со тоа се зголемува времето пред финално да се одлучат да го купат производот. Според доктор Жоан Харви, психолог во Универзитетот на Њукасл овој тренд го поттикнува деловниот песимизам, зошто колку повеќе некој го минува времето во разгледување, толку полесно се откажува од купување. Денешницата ја карактеризира потребата од намалување на трошоците и времето потребно да се купи одреден производ и се поригорозното разгледување на понудата. Затоа, информацијата и пред сѐ добрата препорака се смета за силен потикнувач и клучен фактор при одлуката за купување. Пренесеното искуство од еден на друг потрошувач е многу пати клучен фактор кон одлуката за купување на тој производ или услуга. Постои изрека дека сегашните генерации во маркетингот се нарекуваат „recommendation generation“.

Појавувањето на социјалните мрежи сѐ повеќе ги зближува луѓето и корисниците, а соодветно на тоа и можноста за препорака преку социјалните мрежи се повеќе добива на тежина и има свое влијание, особено кога се работи за онлајн производ. Од тука сопствениците и менаџерите на фирмите мора да размислуваат за овој начин на однос со јавноста, односно со нивните потрошувачи. Пред 20 години, потрошувачите би ја виделе само рекламата на брендот. Денес, пак, ги проверуваат оценките на производот на Amazon, добиваат информации на блоговите, вршат проверка преку социјалните мрежи. Многумина сè уште ги третираат дигиталните медиуми како своевидна забава. Сепак, погледот се менува и сѐ повеќе тие стануваат силно оружје на малите фирми и на големите компании при пробивот и освојувањето на пазарот.

Експертите сметаат дека социјалните медиуми се одлична алатка за комуникација и поврзување на компаниите и брендовите со нивната публика и потрошувачи, но само во случај ако се користат професионално и квалитетно. Тие стануваат мошне значаен канал, преку кој брендовите го унапредат своето реноме и градат присутност.

За тоа колку широк и голем дофат може да има промоцијата преку социјалните медиуми, покажува фактот дека повеќе од еден милион Македонци имаат профил на Facebook. Затоа и домашните фирми, од најмалите дуќанчиња, па сѐ до големите компании, го следат овој светски тренд на употреба на социјалните мрежи како ефикасна маркетиншка и промотивна алатка. Во kupinapopust, на пример, еден од водечките сајтови во Македонија за групно купување, промоцијата преку социјалните мрежи претставува еден од главните маркетиншки столбови на фирмата на која се одделува скоро 50% од вкупниот буџет за маркетинг.

Годинешната статистиката упатува на тоа дека 49,8 отсто од деловните субјекти во Македонија користеле социјални медиуми: Facebook, LinkedIn, Twitter и други, односно имале кориснички профил на една или повеќе социјални мрежи. Тоа укажува на фактот дека расте свеста кај фирмите за ползата од рекламирањето на социјалните мрежи. Лани, пак, овие можности ги користеле само 36,8 отсто од македонските фирми. Околу 52 отсто од деловните субјекти имале веб сајт, а 79 отсто на веб сајт имале обезбедено опис на производите/услугите и ценовници, 40,2 отсто поставиле линкови до профилите на социјалните медиуми, а 16,4 отсто обезбедиле онлајн нарачување или резервирање.

Сведоци сме дека користењето на социјалните мрежи иако е прилично едноставно, за професионални цели бара доста време и внимание во поглед на деталите на тоа што се објавува. Во случај на одржување на повеќе социјални мрежи се зголемува и времето да се објави и постави коректно една понуда на сите социјални мрежи. Затоа постојат служби како postcron кои овозможуваат агрегирано споделување на слика и текст од една понуда на повеќе социјални мрежи со само една администрација. Оваа можност значително заштедува време, а трошокот за оваа услуга е занемарлив во споредба со придобивките. Од друга страна, индексот на успехот покажува дека во поголемиот број случаи користењето на социјалните канали не овозможило значителен раст на профитот. Сепак, очекувањата се дека во блиска иднина тие ќе имаат една од главните улоги во унапредувањето на работата и во зголемувањето на заработувачката. Бидејќи, како што покажале истражувањата, социјалните медиуми не се краткорочен тренд, туку се значаен елемент во развојот на маркетингот, сега и во иднина. Последниве децении, начинот на меѓусебната комуникација е максимално изменет. Карактеристично за дигиталните медиуми и социјалните мрежи е што ги отстрануваат бариерите и допуштаат директна комуникација меѓу брендовите и луѓето.

Јавноста се повеќе ги прифаќа препораките кои ги наоѓа на интернет, преку пребарувачите и социјалните мрежи. Истражувањата, како Razorfish Digital Brand Experience Study или Nielsen Global Consumer Survey покажуваат дека дигиталните медиуми имаат огромно влијание врз однесувањето на потрошувачите. Напредокот на мобилните технологии уште повеќе ќе ги зајакнат социјалните мрежи. Затоа, компаниите мора навреме да го обезбедат своето присуство во сферата на социјалните медиуми, доколку сакаат да бидат конкурентни на пазарот.

На соодветен, оригинален и доследен начин, социјалните мрежи можат да поттикнат дијалог и да ја изградат лојалноста на клиентите. Затоа фирмите не треба да ја игнорираат силата на социјалните мрежи и треба да имаат стратегија и план за свое успешно естаблирање во овој нов свет на комуникација кој од маркетиншки аспект се повеќе ја зголемува својата моќ.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии