Владините gov.mk сајтови се пасивни алатки на е-демократијата

Aко новите технологии овозможуваат полесна комуникација со граѓаните, тогаш македонските власти и нивните .gov сервиси се уште не го разбрале концептот на Вебот. Всушност, истражување на Метаморфозис открива дека сепак има некој труд од страна на властите за отворен разговор со граѓаните, но како да се плашат од јавното мислење и експерименти, па комуникацијата ја сведуваат на официјален телефонски повик, имејл порака или Facebook.

Истражувањето „Употребата на веб-локациите gov.mk како алатки за транспарентност, отчетност и е-учество“ (.pdf) разгледува како 220 .gov.mk сајтови (не) ги користат новите алатки за активирање на граѓаните во е-владеењето. Овие владини сајтови се во хаос – една третина не работат; други не се ажурираат редовно, трети ги немаат сите легислативи кои ги дефинираат, а дури 95 отсто немаат објавено политика за приватност. Во Македонија се поголем е бројот на граѓани кои користат Интерент, 60 отсто, што значи дека властите треба да се трансформираат и да имаат поставено платформи со кои ќе поттикнат комуникација, и кои ќе понудат услуги. Засега, тие не го исполнуваат својот потенцијал.

„Посакуваниот исход од овие трансформации [во дигитални платформи] се намалената корупција, зголемена транспарентност, поголема леснотија за користење, пораст на приходи и/или намалување на трошоците, како и зголемена доверба во државните институции“, се вели во истражувањето.

Властите веќе имаат поставено механизми за граѓанско учество во таканаречената е-Влада – има Закон за слободен пристап до информации, Единствен национален регистар на прописи, усвоен е Кодексот за добри практики за учество на граѓанскиот сектор во процес за креирање на политики, усвоен е и Кодексот за консултации со јавноста за придружни прирачници, а е стартуван и порталот е-Демократија. Но, на прв поглед оваа добра волја е само маска пред јавноста, се уште нема поголемо вклучување на граѓаните, ниту пак поголем труд од властите да ги информираат своите поданици. Пример, од 91 отсто од 220-те владини сајтови кои имаат секција за вести на македонски јазик, само 50 отсто се вести од претходниот месец, односно само 39 отсто се ажурирани претходниот месец кај вестите на албански јазик.

Можеби најголем проблем е немањето можности за комуникација со граѓаните. И покрај разните технологии , сервиси и позитивни примери во светот, во Македонија властите се уште ги користат телефоните, поштенската адреса и општа имејл адреса за комуникација. Но, за да биде сликата полоша, дури 179 институции од 220-те анализирани не вратија со одговор на тест-имејл од истражувачите. Само 8 или 0,04 отсто од владините сајтови одговараат на имејлови. Само еден сајт – e-Демократија.мк – нуди консултации со граѓаните преку форум, само 14 отсто нудат анкети за јавно мислење, а само 1 отсто имаат секции како „Прашања од граѓани“.

Засега се чини дека функцијата на .gov сајтовите е да бидат делумично-информативни сајтови. Но, според истражувачите, кривицата не е само кај властите кои не се трудат да ги оддржуваат овие нови алатки, туку и кај граѓаните кои не се активни.

Постојат бројни алатки понудени од институциите, но испитаниците упатуваат на тоа дека постои неадекватно користење на тие алатки од самите државни службеници кои се задолжени за нивното ажурирање, а од друга страна и недоволна активност од сама јавност – и стручната, па и општата јавност, односно самите граѓани. Од големо значење е подигањето на капацитетот кај јавната администрација за практикување на поголема транспарентност, отчетност и вклучувањето на засегнатите страни во донесувањето одлуки.“, е една од многуте препораки внесени во истражувањето.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии