Владимир Трајковиќ: Коронавирусот нè натера сериозно да размислуваме за дигитализацијата на образованието

IT.mk редакција

во feature, Вести

#НаукаЗаДеца е иницијатива која потекнува од група научници и наставници, но е отворена за сите. Тоа е некомерцијална иницијатива која промовира научна култура и ментална фискултура кај најмладите! Воедно, во моментов, може да послужи како извор на дигитални едукативни ресурси кои може директно да се искористат во наставниот процес. Нашата веб страница ќе започне со работа во среда, 6 мај 2020 на пладне, вели професорот Владимир Трајковиќ

„Наука за деца“ е под покровителство на граѓанската инцијатива Кантарот (http://qantarot.blogspot.com/), со желба да се промовира научна култура и ментална фискултура кај најмладите. На таа иницијатива се приклучи и невладината организација ДИГ-ЕД (http://dig-ed.org/), чија мисија е да се промовираат дигитални ресурси во образованието, и ОХО Продукција (http://oxoplay.mk/) со цел да се даде поттикне дигиталната трансформација на македонското образование. За иницијативата разговаравме сo Владимир Трајковиќ – професор на ФИНКИ и еден од организаторите на иницијативата.

Од каде идејата за #НаукаЗаДеца?

Коронавирусот нè натера сериозно да размислуваме за дигитализацијата на образованието, а посебно македонското образование. Таа состојба беше катализатор на идејата што тлее подолго време, а тоа е како да се помогне на образованието.

Која ви е мотивацијата и колкава е потребата од ваков портал?

Пред неполни два месеца, затворени по дома, родителите меѓу нас сфатија дека нашите деца имаат ограничено количество внимание во ситуација кога не се заедно со своите учители и соученици. Наставниците меѓу нас беа свесни дека системот не е создаден да поддржува образование на далечина и дека наставните содржини треба да се прилагодат на новото време. Научниците меѓу нас видоа шанса да промовираат научна писменост меѓу најмладите, користејќи ги ресурсите кои ни се лесно достапни.

Од каде се податоците/содржините кои ги споделувате?

Постојат три извори на информации кои ги споделуваме во моментот. Во соработка со FuseSchool (https://www.fuseschool.org/) одбравме видеа од природните науки кои наставниците кои се приклучија на иницијативата ги анотираа и преведоа на македонски јазик. ОХО Продукција ќе ги искористи преводите за да ги синхронизира видеата на македонски јазик. Научниците кои се приклучија на иницијативата креираат описи на научни експерименти кои можат да се изведат во домашни услови. Конечно, ги повикавме и студентите (прво на Финки, но повикот е отворен за сите) да креираат кратки видеа со експерименти што се направени во домашни услови и споделени по социјалните мрежи со хаштагот #НаукаЗаДеца.

Како обезбедувате релевантноста и точност на податоците кои ги споделувате?

Видеата од FuseSchool се одбрани и преведени од наставници кои учествуваат во наставниот процес а со цел да соодветствуваат со материјата што се изучува во нашите училишта. Дел од преводите се направени и од научниците што се придружија на иницијативата, а кои работат или студираат на нашите или реномирани странски универзитети. Експериментите се креирани од научници, а видеата со експерименти што се споделени на Наука за сите се одобрени од научниците што се приклучени на иницијативата. 

Што можеме да очекуваме во иднина?

Нашиот план е да преведеме најмалку 100 едукативни видеа. Дополнително, ќе имплементираме можност за поставување на прашања поврзани со видеата, и одредување на местото на видеото каде што се наоѓа одговорот. Се надеваме дека бројот на експерименти ќе расте, и дека голем број на научници, наставници, студенти и научни ентузијасти ќе се приклучат на оваа иницијатива. Нашата желба е да се појават што е можно повеќе дигитални едукативни ресурси и содржини на македонски јазик.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии