Владата претстави план против лажни вести, на новинарите не им се допаѓа

Македонската влада најави сет мерки со кои ќе треба да се стави крај на ширењето на лажни вести и ќе се зголеми дигиталната и онлајн безбедноста. Секако најавата и потребата за воведување на овие мерки не помина без да се спомне Велес и влијанието на овие локални портали врз претседателските избори во САД.

Засега станува збор за нацрт план изработен по препораки од релевантни институции помеѓу кои: Европската Комисија; Комитетот на експерти за квалитетно новинарство при Советот на Европа; секторот за комуникации на НАТО; соработката за професионализација на комуникации и ПР со Британската влада; соработки со УСАИД; Европската мрежа за дигитална дипломатија поддржана од Стејт Департментот на САД.

Според информациите изгледа дека станува збор за сложени мерки со чие носење би можело да се остави голем простор за злоупотреба. Дел од новинарските здруженија веќе ја искажа својата загриженост за дел од овие мерки.

„Со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки и тоа особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за ко-регулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога. Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување, а со тоа да се нанесе штета во и така кревкиот медиумски сектор во нашата земја“, велат од ЗНМ.

Мерките кои треба да се донесат се поделени во два дела: безбедносни и проактивни мерки.

Безбедносни мерки

  • Ревидирање на постоечките и креирање нови внатрешни безбедносни протоколи за комуникација во институциите и комуникација со надворешни субјекти, со цел намалување на можностите за протекување на сензитивни информации.
  • Воведување безбедносен протокол за дигитални комуникации за сите државни службеници, за безбедно користење на интернет, службена електронска пошта, службен мобилен телефон и.т.н. Овој безбедносен протокол ќе биде доближен и презентиран пред државните службеници преку спроведување на внатрешна проактивна кампања.
  • Зајакнување на внатрешната ИТ инфраструктура во Владата и министерствата и проверка на системот за контрола на мрежниот сообраќај, со цел навремено спречување на малициозен сообраќај и спречување на надворешни напади на инфраструктурата.
  • Промена на телефонскиот број и мобилниот уред на Претседателот на Владата на РСМ, како и имплементирање на безбедносен протокол за дигитални комуникации.
  • Воспоставување на протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој ќе има за цел брзо и точно спротивставување на дезинформациите, кои се шират преку социјални медиуми и интернет порталите.

Проактивни мерки

  • Владата ќе продолжи да вложува во активната транспарентност, со цел да ја доближи својата работа до граѓаните и да ја зголеми довербата на граѓаните во институциите. Со новата „Стратегија за транспарентност“ стандардите ќе се втемелат во системот и ќе се создаде листа на документи и информации кои институциите ќе бидат задолжени на одредени временски интервали да ги објавуваат и ажурираат. Преку објавување и споделување факти и вистинити информации, се намалува просторот за маневар на дезинформациите.
  • Владата на својата веб страна ќе објавува официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани, со цел да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата.
  • Владата ќе формира Акциска група за борба против дезинформации и напади на демократијата, во која ќе бидат поканети да учествуваат претставници од канцеларијата на Претседателот на РСМ, Претседателот на Владата на РСМ, Собранието на РСМ, Кабинетот на министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, МВР, MO, МНР, МИОА, Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенција за разузнавање и други, чија задача ќе биде анализирање и следење на појавите на дезинформирање на јавноста и координирање на борбата против ширење на дезинформациите. Во име на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за координација на оваа Акциска група ќе биде министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, а од страна на Кабинетот на премиерот одговорен ќе биде посебниот советник за односи со јавност, Марјан Забрчанец.
  • Акциската група и Владата ќе спроведуваат едукативна кампања од јавен интерес за постоењето и штетното влијание кое дезинформациите го имаат врз општество.
  • Владата ќе спроведува внатрешна кампања за вработените во државната администрација, за постоењето и штетното влијание на дезинформациите.
  • Акциската група за борба против дезинформации и напади на демократијата активно ќе соработува со сите платформи на социјалните медиуми кои најчесто се користат за брза дистрибуција на дезинформациите. Ќе бидат известувани за профили и објави кои шират дезинформации и активно ќе се вклучиме како држава во нивните програми за информирање на граѓаните и борба со дезинформациите.
  • Владата ќе започне процес на креирање Национална стратегија за медиумската писменост во чии рамки ќе бидат опфатени активности на институциите, медиумите и граѓанскиот сектор, како и вклучување на медиумската писменост во образовните програми на Министерството за образование и наука. Владата ќе поддржува и ќе биде активен партнер на граѓанскиот сектор во спроведување програми и тренинзи за медиумска писменост и ќе спроведува и едукација за медиумска писменост на вработените во државната администрација.
  • Владата активно ќе ја поттикнува дискусијата помеѓу медиумите, медиумските здруженија и граѓанскиот сектор, со цел саморегулација, ко-регулација и утврдување на медиумски стандарди за интернет порталите, согласно препораките на Европската Комисија и Советот на Европа.
  • Владата ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес конференции, во согласност со стандардите на новинарската професија.
  • Владата ќе отвори дискусија со медиумите за утврдување модел на поддршка за продукција на медиумски содржини на тема борба со дезинформации, како и поддршка за едукативни програми и тренинзи наменети за медиумските работници со цел нивно професионално сензибилизирање во борбата со дезинформациите.
  • Владата и институциите активно ќе соработуваат со сите организации и проекти кои работат на проверка на фактите (Fact checkers), преку навремено и брзо одговарање на нивните прашања, при проверката на фактите.
  • Владата ќе иницира организациите кои се бават со проверка на фактите, да создадат регистар за утврдени и разобличени дезинформации и листа на изворите кои шират дезинформации.
  • РСМ ќе поттикне соработка со Европската Комисија и ќе побара вклучување во системот за брзо предупредување за ширење на дезинформации (Rapid alert system), со цел размена на информации околу содржината и темите на кампањите за дезинформации низ Европа.

Секако ова останува интересна тема во периодот кој следи, па веројатно ќе биде поинтересно за овие мерки за се зборува кога ќе има повеќе детали.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии