Владата и Министерството за одбрана најавуваат отворање на Академија за сајбер безбедност

Досега оваа година, во периодот од јануари до октомври страниците од Македонија се цел на 328 сајбер напади. Ова е речиси незабележителна бројка во однос на развиените држави. Сепак бројот на сајбер напади најверојатно ќе расте, па справувањето со овие проблеми порано е вистинското решение. Една од мерките кои ќе бидат преземени е отворање на Академија за сајбер безбедност.

„Институциите што мора да се подготват за зајакнување на сајбер-безбедноста на Република Македонија веќе се договорија дека заеднички ќе настапуваат и нема да го гледаат прашањето за сајбер-безбедноста како секторско прашање со кое секој се занимава од своја страна“, вели, Радмила Шеќеринска, Министерката за одбрана.

Владата за оваа цел формира заеднички тимови од Министерството за одбрана, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи. Овие тимови ќе соработуваат со партнерите од НАТО и ЕУ за подобра сајбер одбрана.

Мерките кои се најавени повеќе се усогласување до европското законодавство и искористување на добри практики. Една од овие практики е креирање на  национално надлежно тело за надзор и воспоставување тимови за одговор на компјутерски инциденти.

Дополнително, најавено е партнерство со бизнис секторот. Главна причина  за ова е проблемот кој администрацијата го има со задржување и едуцирање на квалитетните кадри.

Министерството за одбрана и Владата најавија отворање на академија за сајбер безбедност. Академијата ќе биде дел од постдипломските студии, а ќе биде дел од Воената академија. Ќе можат да се запишат луѓе од бизнис секторот, а ќе бидат стипендирани и луѓе од администрацијата, пренесе Макфакс.