Визуелни версус нови медиуми

Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг и дигитални медиуми.


“Визуелен медиум“ е основен израз кој опишува медиуми како телевизија, филм, фотографија и слика и е доста широк и недефиниран целосно. Кога се анализираат овие т.н. Визуелни медиуми се доаѓа до заклучок дека вклучуваат и други сетила. Сите медиуми, од гледна точка на сетилно влијание се „мешани медиуми“. Од тука се поставуваат прашањата:

  1. Зошто настојуваме да зборуваме за некои медиуми како ексклузивно визуелни? Дали е тоа поради визуелната доминантност? И ако е така, како оваа доминантност се дефинира? Дали е количинско вклучување, повеќе визуелни информации, отколку слух и допир?
  2. Зошто е важно овие медиуми да се нарекуваат „визуелни“?

 

Одговорите на овие прашања може да ги пронајдеме во теориите на познатиот Канадски професор и филозоф Маршал Меклуан. Во една од неговите книги “Understanding Media: The Extensions of Man” тој напишал:

„Новите медиуми се интерактивни. Во спротивност, старите медиуми каде што редоследот на презентирање е постојан, корисникот сега може да го контролира медиумскиот објект. Во процесот на интеракција корисникот одбира кои елементи да се прикажат или кои патеки да се следат, следствено создавајќи единствена содржина. На овој начин ние стануваме ко-автори на работата“

Одговорот на овие прашања може да се дефинира преку две столба, сетилата кои различно влијаат на нашиот сензориум и неминовниот развој на технологијата.

Во однос на сетилата и медиумите, познатиот теоретичар Маршал Меклуан направил увид во оваа точка кога тој тврди дека „различни стапки“ се за различни медиуми. Меклуан бил среќен да се користат термини како „визуелни“ и „тактилни медиуми“, но изненадувачко е неговото тврдење дека телевизијата која обично важи за парадигмичен визуелен медиум, е всушност тактилен медиум: „Телевизиската слика…. е продолжение на допир“, во спротивност печатениот збор според погледите на Меклуан, бил најблиску до чисто визуелен медиум. Во поширока рамка, тезите на Меклуан немале цел одредени медиуми да се идентификуваат со изолирани, специфични сензорни канали, туку да се проценат одредени мешавини во одредени медиуми. Иако Меклуан медиумите ги нарекува продолжена рака на сензориумот, важно е да се потенцира дека тој овие продолженија во исто време ги смета и за „ампутации“ и постојано ја истакнува динамичноста и интерактивноста на сензорот посредник. Неговата позната мисла дека електрицитетот овозможува продолжение (ампутација) од „сензорниот нервен систем“ е аргумент за пошироката верзија на концептот на Аристотел за „обединето сетило“, координирана „заедница“ на сензација кај индивидуата или спектакл.

Претпоставуваме дека веќе сте збунети и вие, но се надеваме дека ги поставувате истите прашања како и нас. Оттука, специфичноста на медиумите е многу покомплексен проблем од конкретизирани сензорни етикети како „визуелен“, „звучен“ и „тактилен“ и претставува прашање на специфични сензорни стапки кои се вградени во праксата, искуството, традицијата и технолошките пронајдоци. Треба да бидеме свесни дека медиумите не се само проширување на сетилата, калибрирање на сензорните стапки, туку тие исто така преставуваат семиотички оператори.

Тврдењето дека не постојат визуелни медиуми е само отворање гамбит кој ќе не води кон нов концепт на медиумска таксономија, која ќе ги напушти конкретизираните стереотипи на „визуелни“ или „вербални“ медиуми и ќе произведе пошарен и разновиден тип на медиум – нов медиум.

Развојот на современите технологии во драстично брзо и непредвидливо време и внесувањето на нова димензија во човековото живеење, не прави нас генерација на промените и ја менува општата слика за реалниот свет околу нас. Со оглед на големата брзина со која се развиваат технологиите се поставува прашање дали Новите медиуми стојат наспроти Визуелните медиуми или пак тие претставуваат само современа фаза во нивниот долгогодишен развој и напредок. Денес, не постои остра граница меѓу реалноста и илузијата, не постои граница на она што денешната технологија може да ни го долови и прикаже. Сите овие промени покрај технолошкиот развој се должат и на искуството кои генерациите пред нас го имале. Замислете свет во кој постои само една серија за гледање и за време на нејзиното пренесување целото внимание е фокусирано во една мала црна кутија која емитува примитивни кадри и анимации. Оваа замисла не толку одамна била реалност и тоа било сосема задоволително за перцепцијата на реципиентите.

Сведоци сме дека новите медиуми денес ја слеваат визуелноста  во нова димензија на сетилни доживувања и искуства, постојано поместувајќи ја границата на технолошки остварливото, нешто многу слично на концептот поставен речиси пред половина век од познатиот теоретичар Меклуан.

На крај би го поставиле прашањето што вие мислите за новата интерактивна серија на Netflix “Black Mirror: Bandersnatch”? Дали би ја карактеризирале како визуелен или нов медиум?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии