Вештачката интелигенција сѐ подобро ги претвора мозочните бранови во говор

„Ако не сакате нешто да се дознае тогаш не зборувајте за тоа“, ова сепак можеби и нема да важи уште многу долго. Технологијата станува се подобра во препознавање на мозочните бранови и нивно претворање во говор. Она што неодамна го претстави тимот под водство на Едвард Ченг, од Универзитетот во Калифорнија е импресивно.

Со помош на сензори се отчитуваат мозочните бранови и потоа овој податок го обработува вештачката интелигенција. Врз база на податоците веќе може да се препознаат некои шаблони и да се препознаат овие зборови. Секако примената на оваа технологија нема да биде шпионирање на мислите, или можеби ќе биде, но тоа ќе го дознаеме со некое протекување на податоците во иднина.

Технологијата која ја развиваат во Универзитетот во Сан Диего е комбинација од вештачка интелигенција и технологија за читање на мозочни бранови, кои треба  да им помогнат на луѓето кои имаат пречки во говорот. Дел од можностите кои неодамна ги објави Nature може да ги слушнете подолу. На снимката се користат два примери. Во двата првата реченица  ја чита учесник во истражувањето. Втората реченица е синтетизирана од податоците кои ги анализира вештачката интелигенција. Засега „преводот“ е далеку од совршен, но и застрашувачки блиску до она што го слушаме со првото читање.

„Истражувачите работеа со пет лица кои имаа вградени електроди на површината на мозокот како дел од третман против епилепсија. Прво, тимот ја снимаше активноста на мозокот додека учесниците гласно читаа стотици реченици. Потоа, Ченг и неговите колеги ги комбинираа овие снимки со податоци од претходните експерименти кои одредуваат како движењата на јазикот, усните, вилицата и ларинксот создаваат звук“, пренесе Nature.

Лоша вест е дека надвор од лабораториски услови технологијата засега е прилично непрецизна, па поради ова и неупотреблива.

Што точно анализираат истражувачите?

Во истражувањето се анализираат сигналите кои мозокот ги испраќа до вокалниот тракт. Технологија која се развива паралелно со оваа веќе директно ги мапира мозочните бранови во говор. Сепак со мапирањето на сигналите кои се праќаат до органите за говор се прави значително поточна анализа.

Веројатно најголемиот недостаток е што засега не е познато дали оваа технологија ќе функционира кога луѓето единствено ќе можат да помислат на речениците; поточно дали секогаш овие сигнали кон ларинксот се испраќаат и може да се анализираат.

Иако има уште многу да се доразвие технологијата истражувањето е значаен прв чекор во развојот на синтетизиран говор кој ќе биде лесно разбирлив. Технологијата треба да им помогне на луѓето кои страдаат од мозочен удар, церебрална парализа, амиотрофна латерална склероза, паркинсоновата болест и мултиплекс склероза.

1 коментар на “Вештачката интелигенција сѐ подобро ги претвора мозочните бранови во говор

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии