Вештачката интелигенција доаѓа во Холивуд

Креативните професии не требаше да бидат замени од роботи, ниту од вештачка интелигенција. Сепак дел од професиите кои се сметаа за креативни и „безбедни“ ќе бидат опфатени со „автоматизацијата на работните места“. Напредокот на роботика и вештачка интелигенција и замена на луѓето со машини и алгоритми вообичаено требаше да помогне со задачи кои се репетитивни и постојат некакви правила по кои тие се извршуваат. Изгледа дека баш и не постојат цврсти правила и во подалечна иднина никој нема да биде сигурен дека неговата работа е сосем безбедна.

Cinelytic е стартап од Лос Анџелес кој изработува технологија која може да го предвиди успехот на благајните на некој филм. Со помош на алгоритам во зависност од различни параметри вештачката интелигенција ќе го предвиди успехот на филмот уште пред да започне снимањето.

Стартапот е основан од Тобајас Кајсер пред четири години, а во бета тест фаза е последните 3 години. Компанијата има договори со неколку студија. Ingenious Media, Productivity Media, STX, се дел од клиентитите на Cinelytic.

Првото навистина големо филмско студио кое ги најми Cinelytic е Warner Bros. Официјалниот став е дека софтверот ќе се користи за забрзување на носење на одлуки за маркетинг и за дистрибуција, иако тешко е дури и да се замисли дека нема да се користи и при носење на некој одлуки за актери, па дури и за процена дали некој филм да се финансира или не.

Системот за неколку секунди прави пресметки за кои на луѓето им беа потребни денови. Барем кога се во прашање општите пресметки или проценка за вредноста на некој актер во филмот, вели г. Кајсер

Warner Bros. оваа технологија ќе ја користи единствено при носењето на одлука за одобрување на реализација за некој филм. Во овој дел од процесот алгоритамот ќе се користи и за моделирање на филмот, на пример колкав буџет ќе се одобри или кои актери ќе глумат во филмот.

Еден од влезните параметри секако се актерите кои би можеле да се појават во филмот. Така филмските студија ќе можат да проверат дали некој филм ќе помине подобро со Мајкл Б. Џордан на местото на Оскар Ајсак, вели Vox.com.

Конечната одлука сепак нема да биде носена само од алгоритамот, туку ќе има тука и човечко влијание. Сепак како што ќе се минува време и ќе се потврдуваат одлуките на алгоритамот веројатно и ќе добие поголема автономија и влијание во конечната одлука.

Корисникот на технологијата ќе може да користи различни влезни параметри. Жанр на филмот, буџет кој ќе биде на располагање, глумци и слично. Потоа со промена на овие параметри ќе можат да „измерат“ каква ќе биде заработката од филмот. Излезните параметри се различни и се слични со прилагодување на рекламна кампања. На пример промена на жанрот во комедија веројатно ќе го направи поинтересен за помладата публика. Вклучувањето на актери како Ксавиер Бардем, Мадс Микелсен, Гери Олдман можат да ја зголемат популарноста на филмот на различни пазари.

За ваквите блокбастери да можат да и се допаднат на поголема публика ќе треба да се работат во некаков „калап“. Овие филмови секако се забавни, но навистина добрите филмови не може да ги затвориме во некаква рамка. Причина за успехот на филовите на браќата Коен, Мартин Скорсезе или Кристофер Нолан е генијалноста на филмаџиите и визија која ја имаат за филмот уште пред да започне снимањето.

Вклучувањето на некои актери секако ќе ја зголеми популарноста на филмовите. Скарлет Јохансон и Џенифер Лоренс се попопуларни од најголем дел од нивните колешки, но ова секако не е до крај прецизно кога успехот на филмот е во прашање. Веројатно добар пример е Pulp Fiction, во периодот во кој излезе филмот кој речиси веднаш и стана хит неверојатно е дека алгоритам ќе ги препорачаше Џон Траволта и Самуел Џексон во главна улога.

Од најразлични причини понекогаш и најдобрите филмови не се хит во киносалите и можеби немаат голема заработка. Студијата во Холивуд ако имаат избор помеѓу филмови како Фарго и Мементо или Marvel Endgame секогаш ќе ги изберат филмовите кои носат поголема заработка. Marvel Endgame е навистина супер-забавен филм и цел серијал филмови со супер-херои се интересни за гледање, но има куп други филмови кои ја немаат оваа заработка, а сепак се неверојатно добри.

Алгоритмите кои помагаат за проценка на финансискиот успех на филмовите не се единствената технологија која во иднина ќе ги менува филмовите. Еден од „претпоставките“ при креирање на вештачка интелигенција е дека програмерот во кодот внесува дел од своите „предрасуди“.

Кога развивачите на дигитална технологија дизајнираат софтвер во која се бара да комуницирате со компјутер како да е личност, бараат во некој дел на вашиот мозок да прифатите дека сте разгледувани како програма. Кога дизајнираат Интернет-услуга што ја уредува огромно анонимно мноштво луѓе, тие ја разгледуваат толпата луѓе како единствен организам со легитимно гледиште, вели Џерон Ланиер, автор на книгата „You Are Not a Gadget“

Сепак технологијата за проценка на финансиски ризик не е единствена која се користи во филмовите. Со помош на дигитална анимација се додаваат актери кои не играат во филмот. Ова е случај на пример со Terminator Salvation или со Star Wars, во едниот филм е додадена млада „верзија“ на Арнолд Шварценегер, а во другиот со компјутерска анимација е додадена помлада Кери Фишер. Дигитално подмладување на актерите има и во новиот филм на Мартин Скорсезе, The Irishman.

Вообичаено за „подмладување“ на актерите е задолжен цел тим на шминкери, но се чини дека со технологијата и овој сегмент станува полесен.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии