Спонзориран текст

Ултимативно гејминг искуство со GE75 Raider 8SF

Спонзорирано од Anhoch

во feature, гејминг, Рецензии, Спонзорирани, Хардвер

Преносливоста е од особена важност, особено кога се работи за квалитетно исполнување на вашите гејминг сесии. GE75 Raider 8SF нуди гејминг без компромиси, лаптоп кој не жртвува ништо, а нуди максимум за вашите пари, факт кој станува јасен уште од првиот ден на користењето.

Кога кутијата со лаптопот нѝ беше врачена од Anhoch, првото нешто што помисливме беше: Боже, колку е тешко. За GE75 Raider 8SF предвреме знаевме дека се работи за исклучително тенок, лесен и издржлив лаптоп кој не ја надминува границата од 2.7 килограми. Иако тоа е точно, никако не можевме да земеме во предвид дека само полначот и пропратните кабли тежат дополнителен килограм. По отворање на гломазната кутијата, го ископавме лаптопот под слоеви од картонска заштита. Држејќи го само лаптопот во раце, не можевме, а да не помислиме дека се работи за моќно чудовиште во исклучително мало, лесно, но модерно пакување и дизајн кој влече инспирација од sci-fi вонземна технологија, нешто што е повеќе од очигледно доколку го свртите лаптопот од задната страна.

Почетните впечатоци со нашиот GE75 Raider 8SF

Во внатрешноста на GE75 Raider 8SF чука Core i7-8750H процесор, GeForce RTX 2070 графичка карта, 16 GB DDR4 RAM, 256 GB NVMe SSD, во комбинација со хард диск од 1TB, како и 144 Hz 1080p IPS дисплеј од 17 инчи.

Со растечка брзина,  i7-8750H станува еден од најпопуларните лаптоп процесори од неговата генерација. Од претходната генерација на процесори, тронот долго време беше држен од i7-7700HQ.  За разлика од претходникот, кој имаше четири јадра, i7-8750H има две јадра повеќе. Ваквото нешто, во комбинација со солидна графичка карта, допринесува до резултати кои, во одредени игри, се од 5 – 20 проценти подобри од оние каде имаме i7-7700HQ. А, GE75 Raider 8SF, како што ќе прочитате подолу, има одлична графичка!

По вклучување на лаптопот, па до моментот кога можевме целосно да работиме не требаше повеќе од 10 секунди. Со оглед на тоа дека Windows 10 беше инсталиран на SSD, времето на вчитување беше сведено на минимум. Во наредната минута и пол, не знаевме на што повеќе да се восхитуваме, дали на кристално чистата слика, дали на импресивната тастатура и светлосните комбинации со кои се одликува. Се чини дека MSI имаат вметнато IPS верзија на CMN N173HHE-G32 дисплејот кој беше карактеристичен на минатогодишниот GE73. Овој дисплеј, меѓутоа, делува значително надграден и може да се пофали со видливост од повеќе агли, подобра калибрација на бојата и исклучително чиста слика. Тастатурата максимално го користи минималистичкиот простор, а правилната распределеност и респонсивност на копчињата допринесува до прекрасно искуство при пишување. Во зависност од тоа што играте, ММО или, пример, FPS, можете да активирате најразлични комбинации за осветлување на копчињата. Осветлувањето на копчињата е органско и остава впечаток како да дише и да се разбранува со секоја помината секунда, а боите да се претопуваат и суптилно да преминуваат од една во друга, како шаренолик танц само за вашите очи.

Гејминг на висока нота

Потенцијалите на GE75 Raider 8SF ги проверивме со Darksiders 3, Far Cry 5, Divinity: Original Sin 2, Sekiro – Shadows Die Twice, Dangerous Driving и Guild Wars 2. Пред гејминг сесиите, V-Ray Benchmark нѝ покажа дека, во поглед на моќтта на рендерирање, графичката карта RTX 2070 е двојно побрза од GTX 1080. Ова се одлични вести за сите оние кои првенствено работат со софтвер кој може да ги целосно искористи потенцијалите на RTX 2070. Од останати тестови и споредби, заклучивме дека, без Ray Tracing, RTX 2070 е за околу 10% послаба од GTX 1080. Споредено со GTX 1070, RTX 2070 e околу 15% побрза (нормално, без предностите на Ray Tracing). PerformanceTest извлече PassMark оценка од неверојатни 5919.5. За подетален увид во тест резултатите, кликнете на секоја слика посебно.

 

Видео материјалите кои ги снимавме се исклучително кратки. Целта нѝ беше само да провериме дали ќе има fps падови и колку е флуидно севкупното искуство, без да ве опсипуваме со бројни мерења. Со исклучок на Far Cry 5 и Guild Wars 2, останатите игри немаа апсолутно никакви падови во fps и константно ги одржуваа заклучените 60 фрејмови во секунда, односно 140, како што беше случајот со Divinity 2. Се потрудивме да поминеме со секоја игра барем еден час.

Darksiders 3

Со сите графичките подесувања на максимум, добивме константна стабилност од 60 фрејмови во секунда. Darksiders 3 е вистинско уживање без какви било секнувања, замрзнувања, или намалување на фрејмовите.

Far Cry 5

На ultra висока графика, Far Cry 5 се игра со просек од 100 фрејмови во секунда. Дури и во исклучително експлозивни сцени, лаптопот целосно се справува со сите графички предизвици, а фрејмовите привремено можат да паднат на 90, што е сè само не забележително. Феноменално искуство.

Divinity: Original Sin 2

Што и да правевме во играта, графиката никако не одеше под 140 фрејмови во секунда. Флуидно искуство во една од, можеби, најдобрите RPG игри во последните 10 години. Сниманото е од почетокот на играта и не содржи нити спојлери нити откривање клучни гејмплеј механики.

Sekiro – Shadows Die Twice

Со предизвикувачките механики, најновата игра на авторите на Dark Souls серијалот можеби е мазохистички настроена кон играчот, но не и со хардверскиот предизвик насочен кон GE75 Raider 8SF. Со стабилни 60 фрејмови секунда, непречено ги истражувавме благодетите на древните јапонски обичаи и боречки дисциплини. Уште да бевме добри во играта.

Guild Wars 2

Ова е стара ММО игра, но е препознатлива по тоа што тврдоглаво одбира правилна оптимизираност и се одликува со исклучително висока хардверска побарувачка. Како огромен фан на играта, авторот на овој текст едноставно мораше да провери дали GE75 Raider 8SF е светиот грал за GW2. По неколку часовно тестирање, се здобивме со впечаток дека лаптопот е најблиското нешто до тоа. Имено, во мапите на оригиналната GW2 игра, добивавме 100 фрејмови во секунда. Ова е со сите графички опции на максимум. Потоа се преселивме во проблематичната локација Lion’s Arch и забележавме дека фрејмовите значително паднаа и варираа некаде помеѓу 30 и 40 фрејмови во секунда. Слична ситуација беше и при пресметките со светските босови, каде има стотици други играчи во непосредна близина и хардверот се мачи со визуелно процесирање на нивните изгледи и активности. Во вакви ситуации, ова се највисоките фрејмови кои ги имаме забележано до сега. На сите други конфигурации, со графиката на максимум, фрејмовите обично паѓаат на, или под 10. Со намалување на само една опција, односно со ставање на Character Model Limit од Highest на Medium, работите станаа подобри. Надвор од овие неколку области и ретки ситуации на изобилство од играчи, GW2 ретко паѓаше под 60 фрејмови во секунда.

Battlefield 5 и Shadow of the Tomb Raider

За жал, за краткото време со кое се дружевме со лаптопот, не можевме да ги провериме и двете клучни игри со кои Nvidia ја форсираше RTX серијата. Од она што видовме од другите тестери, меѓутоа, Battlefield 5 и Shadow of the Tomb Raider, максимално ја користат новата Ray Tracing технологија за прикажување рефлексии, а ова е лаптоп кој одлично се справува и со двете игри. Имено, во Battlefield 5, со графика на максимум и овозможен Ray Tracing, лаптопот пружа непречено искуство од 80 фрејмови во секунда, на мапи без многу рефлексии. На мапи каде што имаме потоци или бројни рефлектирачки површини, Battlefield 5 се игра со 50 фрејмови во секунда. Без Ray Tracing, добивате значително пофлуидно искуство кое се искачува до 110 фрејмови во секунда, но го немате истиот визуелен удар. За Shadow of the Tomb Raider се забележуваат уште подобри перформанси кои скокаат за дополнителни 10 фрејмови во секунда.

Како поминуваат други нови игри на GE75 Raider 8SF?

Бројките кои ги извлековме за следниве игри не се проверени лаптопот кој ние го добивме на тестирање, но се од веродостојни извори и се однесуваат за графички подесувања на максимум. Двете бројки го покажуваат крајниот пад и подем на фрејмовите. За оптимално гејминг искуство, особено во пукачките игри во прво лице, се препорачуваат 60 фрејмови во секунда.

Anthem, Ultra графика: 70 – 100 фрејмови во секунда

Crysis 3, Very High графика: 70 – 90 фрејмови во секунда

Assassin’s Creed Odyssey, Ultra High графика: 60 – 90 фрејмови во секунда

Battlefield 1, Ultra графика: 90 – 120 фрејмови во секунда

Devil May Cry 5, Ultra графика: 110 – 144 фрејмови во секунда

Apex Legends, High графика: 85 – 120 фрејмови во секунда

Metro Exodus, Extreme графика: 54 – 62 фрејмови во секунда

Песната на сирената

Четирите звучници, стратешко поставени на клучните точки во лаптопот допринесуваат до едно од најпријатните изненадувања. Звукот е богат и користи паметни алгоритми за точно истакнување на изворот на звуците.  Често пати, се наоѓавме себеси изненадени кога одреден звук толку чисто и реалистично ќе биде пласиран само од аголот од каде изворот се наоѓа. Ова е првиот лаптоп за кој воопшто не почувствувавме потреба да користиме слушалки, туку целосно уживавме во спектарот од звуци кој ни беше сервиран директно од самиот лаптоп. Во услови на мирување или нормална оптовореност (пишување документ или сурфање), гласноста на лаптопот не се искачува повеќе од 30 децибели. Тоа значи дека доколку не се задевате, GE75 Raider 8SF е исклучително тивко чудовиште, но пробајте да го разработите и, во ситуации кога играте игра, гласноста лесно скока за скоро двојно повеќе. Имено, кога вентилаторите ќе ги вмешаат прстите, 53 децибели знаат да бидат гласни, но четирите звучници и нивната гласност од 85 децибели одлично го надвладуваат шумот на вентилаторите и единствена ситуација кога ги слушате е при вчитувачките мениа или за време на тивките транзиции. На почетокот, не нѝ се допадна тоа што во ситуации на максимална искористеност, лаптопот е толку гласен, но набргу сфативме дека ова е добра работа. Топлиот воздух се исфрла од три излезни точки, две од страна, и една од задната страна. Овие излезни точки, поставеноста и јачината на вентилаторите допринесуваат до константна температура која е блиска до телесната. Па така, за време на долги гејминг сесии, температурата во центарот на лаптопот знаеше да скокне до 39 степени, но во ниеден момент не детектиравме вредност повисока од таа, што е неверојатно добра работа.

Безгрешен ѓавол

Од самиот почеток, па сè до крајот, бевме критички настроени кон GE75 Raider 8SF. Откако не потфрли во клучните аспекти, почнавме да бараме влакно во јајце, но и тука останавме со празни раце. Вистината е дека GE75 Raider 8SF е исклучително моќно чудовиште, квалитетно оформено и преточено во преносливо решение кое зрачи со ветувања за ултимативно гејминг искуство. Она што Anhoch продава е шампион во сферата на преносливиот гејминг, комбинација од хардвер која може да излезе во пресрет и на најновите модерни гејминг остварувања и да пружи флуидно искуство од комфорот на најразлични локации.

1 коментар на “Ултимативно гејминг искуство со GE75 Raider 8SF

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии