Украден 400GB торент открива кои држави купувале шпионски софтвер од Hacking Team

Украдени се околу 400 GB детали од италијанската безбедносна компанија, Hacking Team, која продава софтвер за прислушување и следење на интернет комуникацијата на државите ширум светот. Компанијата продавала софтвер за следење на комуникацијата на, наводно, 50-тина клинети од 30 земји, меѓу кои Германија, Италија, Јужна Кореја, Шпанија, Русија, Колумбија, Чиле, Судан, Нигерија, Египет, Саудиска Арабија, и други.

Информацијата за нападот првин беше објавена од безбедносните експерти и од CSO Online без информации кој стои зад нападот. Дифејсиран е сајтот на компанијата, Twitter профилот беше украден, и интересно, објавени се и лозинките кои ги користиле безбедносните експерти на Hacking Team и нивните експерти, меѓу кои се и „HTPassw0rd”, „Passw0rd”, „Passw0rd!” и „Pas$w0rd“.

Според информациите до сега, Македонија ја нема на листата на клиенти на Hacking Team. Но, има имејл во кој директорот на Hacking Team, Дејвид Винчензети, вели дека нивниот „конкурент“ FinFisher бил хакнат. Од претходно знаеме дека FinFisher, кој е исто шпионски софтвер, има свои сервери во Македонија. По скандалот со #бомбите и прислушуваните разговори, никој нема да ве осуди за параноичен ако верувате дека постои можност македонските власти да имаат софтвер за следење на интернет комуникацијата.

Иако Hacking Team, што е иронично име за некој што бил хакнат, вели дека нивниот софтвер се користи за следење на терористи и криминалци, сепак компанијата е обележана како „непријател на Интернетот“ од Репортерите без граници. Во нивниот извештај, Репортери без граница вели дека италијанската компанија изработува „напаѓачка Remote Control Systems технологија“ со која се пробива енкрипцијата на имејл пораките, Skype и друг IM софтвер.

Единствената цел на софтверот со име Da Vinci е да им овозможи на властите да ја следат комуникацијата. Според некои објавени детали од пробивањето, на државите им е сугерирано да користат виртуелни мрежи (VPN) сместени во САД и Германија за да ги скријат трагите. Сите оперативни платформи се мета: од Windows, Linux и Mac до мобилните iOS, Android и BlackBerry. Детали за софтверот и работата на Hacking Team ќе најдете во интересен текст на Intercept, медиумот кој работеше со Едвард Сноуден за да ги објавидоверливите документи за шпионските методи на NSA.

Во еден од фајловите кои излегоа во јавност, се открива дека Hacking Team иако на Обединетите Нации им рекле дека нема да работат со диктаторски земји како Судан, сепак им продавале софтвер со кој можело да се следи комуникацијата.

Друг документ ја открива листата на клиенти на Hacking Team, меѓу кои се наоѓаат и разузнавачки служби од Русија и Судан, но покрај вообичаените „активни“ и „прекинати“ работни односи, покрај двете земји стои „не се поддржуваат официјално“, што значи дека италијанската компанија крие за тие соработки.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии