Twitter му кажа збогум на Vine, крај за шест секундните видеа

Twitter најави дека става крај на сервисот за споделување на видео Vine. Компанијaта најави крај за платформата за споделување и снимање на шест секундни видеа, само четири години по нејзиното лансирање.

Платформата е креирана во јуни 2012, а само по некoлку месеци стана дел од Twitter. На креаторот на Vine, Рус Јусупов воопшто не му се допадна веста и на микро-блогот објави: „Никогаш не ја продавајте својата компанија!“.

Засега веб-страницата и видеата остануваат онлајн. Корисниците ќе бидат известени доколку има промени: било во апликациите, било во веб-страницата или видеата. Исто сите ќе можат да пристапат и да ги преземат своите омилени видеа, објавиja Twitter и Vine.

Сè уште нема објаснување зошто Twitter става крај на платформата. Идејата дека Instagram, Snapchat, Facebook, па и YouTube овозможуваат повеќе, изгледа веројатна, но шест секундните видеа секако беа омилени кај дел од корисниците. Зошто? Погледнете самите…