Tурција го забрани Twitter за да блокира фотографии од терористичкиот напад во Суруч

Овојпат причина на Tурција за блокирање на друштвените мрежи не беше политички мотививирана, туку безбедносна. Турските власти го блокираа Twitter да спречат ширење на фотографии и видео од терористичкиот напад во кој загинаа 32 млади активисти и 100-тина други беа повредени. Нападот, кој се случи на 20-ти јули во градот Суруч, блиску до Сирија, беше изведен од 20-годишен курдски бомбаш-самоубиец за кој се претпоставува дека бил член на терористичката организација Исламска држава. Нападот беше извршен врз активисти кои се организираа да отпатуваат во Сирија за да помогнат со реконструирање на гратчето Кобани.

Турските власти велат дека ова е привремена блокада на Twitter за да се спречи споделувањето на слики и видеа од жртвите и бомбашкиот напад, со цел да се спречи ширење на омразата и тензиите, но и да се спречи пропагандата на Исламската држажа. Забраната ќе биде тргната кога ќе бидат остранети сите фотографии од нападот од Twitter.

Но, од BBC велат дека блокадата на Twitter можеби е за да се спречи организирање на протести на курдското население кое е незадоволно од властите што не успеало да го спречи нападот во градот кој е блиску до границата со Сирија. Демонстрантите протестираат против инертниот однос на Турција кон Сирија и опасноста од Исламската држава која регрутира турски државјани. Веќе се најавени протести во Истанбул и други градови каде има курдско население.

Тензиите се зголемија откако два полицајци беа најдени убиени дома во малиот град Цејланпинар во југоисточна Турција, блиску до границата со Сирија. Одговорноста за овој напад беше презедена од курдски милитанти кои велат дека полицајците беа убиени како казна за терористичкиот напад во Суруч.