Царинската управа со поедноставени увозни постапки за брзи пратки

Според последните достапни податоци од НБРМ кои се однесуваат на третиот квартал од 2018 година, со платежни картички се направени трансакции во вредност од 100 милиони евра за купување онлајн што претставува 28% пораст во однос на истиот период минатата година. Од направените онлајн купувања најголем дел (63%) биле потрошени за купувања од странски е-трговци или скоро 63,34 милиони евра. Големината на вредноста на средства потрошени кон странски е-трговци покажува и колку е значајно поедноставувањето на увозните постапки.

Со поедноставувањето на увозните постапки за брзи пратки крајните корисници ќе заштедат време, ќе се зголеми ефикасноста при испорака на пратки и ќе се избегнат административните процедури кои беше потребно да се обезбедат од страна на примачот пред да се подигне пратката.

“Новата постапка за царинење на брзите пратки претставува поедноставување на самата царинска постапка за пратките коишто доаѓаат преку брзите пошти.

Имено граѓаните и фирмите кои добиваат роба од интернет, во иднина нема да мораат да доаѓаат на царина како би извршиле декларирање, подигање и плаќање на самиот царински долг. Во овој случај брзите пошти стануваат декларант, со што се скратува постапката за царинско ослободување на стоката која доаѓа преку интернет и се овозможува скратување на времето за испорака, кое во некој просек досега се движеше од околу 72 часови, а сега од 72 часови ќе се намали на 24 часови.” – изјави директорот на Царинската управа, г-дин Ѓоко Танасоски.

ДХЛ Експрес Македонија е првиот овластен декларант преку кој може да се овозможи оваа поедноставена постапка. ДХЛ ќе добиваат информации за какви пратки се доставуваат уште пред истите да бидат пристигнати во Македонија. Всушност додека пратката се транспортира од одредена адреса во Македонија, по претходно одобрување од страна на крајните примачи на пратките, ДХЛ Експрес Македонија во име на примачот ќе може да ги изврши сите административни работи за пријавување и царинење на стоката и подмирување на царинскиот долг, со што по пристигнување на пратката истата веднаш ќе се испорачува до примачот. Со ова ќе се зголеми ефикасноста при испорака на пратки, а крајниот примач ќе биде ослободен од административни процедури, без разлика од која вредност е пратката.

“Сведоци сме дека пратки од ЕУ до нас пристигнуваат за 12 до 18 часа, но притоа за спроведување на постапката за увозно царинење и достава до крајниот корисник, потребни се не ретко 48-72 часа. Конкретно физичките лица за да оцаринат пратка којашто е пристигната во Р. Македонија за нив, трошеа многу време, пополнуваа многу документи, административните постапки беа многу долги. Сега со добивањето на одобрението всушност очекуваме дека ова време ќе биде скратено најмалку за 24 часа, притоа ќе им заштеди време во транспорт, логистика, пополнување на документи и секако правење на дополнителни трошоци за истото. Всушност ДХЛ Експрес Македонија ќе се јави како нивни застапник пред Царинаската управа, ќе ги плати сите потребни давачки во нивно име и следното утре пратката ќе ја достави на нивна адреса.” – вели Биљана Мановска Наунчевска, оперативен менаџер на ДХЛ Експрес Македонија.

АЕТМ од своето основање работеше на мапирање на пречките, бариерите, предизвиците кои што стојат на патот на развој на е-трговијата и секако на формирање на препораки. Со потпишување на меморандуми за соработка со клучните институции помогна за поттикнување на промени кои се однесуваат кон подобрување на е-трговијата.

“Оваа промена за поедноставување на увозните постапки за брзи пратки повеќе се однесува на побарувачката во е-трговија, односно кога граѓаните прават онлјан нарачки на производи од странство. Не радува што Царинската управа е отворена за промена и се надевам дека ова е само една од низата промени кои ќе следат. Во текот на оваа година ќе бидеме фокусирани да иницираме повеќе промени коишто ќе значат и промени на страната на понудата, односно да ја зголемиме конкурентноста на домашните компании и да им го олесниме патот за да нивните производи може полесно да ги продадат и пласираат и на странски пазари”, истакна Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии