СофтверТоп 10 слободен софтвер што ја одбележа 2017-та

1. Firefox Quantum

Нема да биде нескромно ако речеме дека Firefox Quantum беше една од најочекуваните софтверски апликации за 2017 година. Според Mozilla, Firefox Quantum денес е инсталиран на повеќе од 170 милиони уреди и таа бројка постојано расте. Минатата и оваа година, Firefox помина долготраен период на трансформација и резултатите од напорната работа, се особено видливи. Од бавен и подзаборавен прелистувач, Firefox повторно делува свежо, современо и е сместен на браникот на корисничката приватност и слободата на Интернет.

https://www.mozilla.org/

2. Docker

Од почетокот на 2017 година, Docker е преземан повеќе од 13 милијарди пати, а во последните две години наоѓа широка примена при развојот и дистрибуцијата на софтвер. Како алатка за виртуелизација на ниво на оперативен систем, Docker нуди релативно едноставна платформа за автоматизација што работи на Linux, macOS и Windows.

https://github.com/docker/docker-ce

3. Kubernetes

Kubernetes неодамна стана вториот еко-систем за оркестрација на контејнери за Docker и му се придружи на Swarm, како прв и основен кластерин-систем за Docker. Во текот на оваа година, Kubernetes најде примена кај Rancher Labs, RedHat, IBM и многу други компании. Системот е првично развиен од Google во јазикот Go, а од 2015 година Kubernetes е дониран на Cloud Native Computing Foundation (CNCF) — фондација основана од Google, Twitter, Huawei, Intel, Cisco, IBM, Docker, Univa, и VMware.

https://github.com/kubernetes/kubernetes

4. LibreOffice

LibreOffice за светот на слободниот софтвер, е тоа што, Microsoft Office е за светот на неслободниот софтвер. Произлезе од OpenOffice.org, кога во 2010 година Oracle ја купи Sun Microsystems и престана активно да го поттикнува развојот на OpenOffice.org. The Document Foundation направи своја верзија на OpenOffice.org и почна да ја развива независно. Денес, LibreOffice се користи во 75% од општините во Валонија, Белгија; автономната зедница Галиција во Шпанија работи на целосно префрлување на нивната инфраструктура на LibreOffice; во градот Рим, LibreOffice се инсталира на 14,000 компјутери, како алтернатива на веќе достапните комерцијални софтверски пакети.

Во септември, 2018 година, The Document Foundation организира своја конференција во Тирана, Албанија, па, ете можност да остварите поблиски контакти со глобалната заедница и, доколку сакате, да станете дел од неа.

https://cgit.freedesktop.org/libreoffice

5. Visual Studio Code

Visual Studio Code е еден од поуспешните проекти на Microsoft во последно време и еден од првите, што ја најавија трансформацијата и „отворањето“ на компанијата, откако со неа почна да управува Satya Nadella.

Code е уредувач за текст на стероиди, со одлична поддршка за TypeScript, JavaScript, Python и речиси сите други програмски и скриптирачки јазици. Изворниот код е слободно достапен, но бинарните пакети преку коишто всушност се дистрибуира, не се, па изгледа ќе треба да помине уште долго време пред да се согласиме дека: Microsoft ♥ Free Software. Но, засега и „Microsoft ♥ Linux“ делува надежно.

https://github.com/Microsoft/vscode

6. KeePass Password Safe

Ако не користите управувач со лозинки во вашиот прелистувач — како што е на пример, LastPass, тогаш најверојатно користите KeePass Password Safe — во моментов, многу веројатно најдобрата слободна софтверска апликација за безбедно организирање на лозинки. KeePass е првенствено наменет за Windows, но поддршката за Linux и macOS не изостанува и е на дофат преку проектот Mono.

https://keepass.info/

7. Blender

Blender е чудо на слободниот софтвер и единствениот целосен пакет за создавање на компјутерски-генерирана графика во три димензии. Во 2018 година, ќе биде објавена верзијата 2.8 и ќе донесе многу подобрувања во поглед на корисничкиот интерфејс, особено во поглед на создавањето на приказ во реално време.

https://www.blender.org/

8. Tor

Ако ви е барем малку грижа за вашата приватност на Интернет, тогаш сигурно сте користеле Tor Browser или Tor воопшто, како систем за анонимна комуникација преку Интернет. Софтверот што се користи е слободен и постојано се надградува со понови и подобрени верзии.

Tor Browser е всушност видоизменета верзија на Firefox ESR (Extended Support Release). Од неодамна, Firefox почна да позајмува некои функционалности на Tor Browser за да ја подобри корисничката приватност и безбедност. Во март следната година, Tor Browser ќе биде мигриран на Firefox Quantum, со што ќе ги наследи сите негови подобрувања и нови функционалности.

https://gitweb.torproject.org/tor.git

9. WordPress

WordPress е на чекор да стигне до 30%-удел на пазарот и оваа година доживеа две многу успешни изданија — 4.8 и 4.9. Како систем за управување со содржини (Content Management System), WordPress сега за сега е неспоредливо подобар и поприменлив од сите други слични системи заедно. Едноставен е за поставување, одржување и проширување, релативно безбеден и изгледа дека има многу светла иднина.

https://wordpress.org/

10. Ubuntu

Ubuntu е најпопуларниот оперативен систем базиран на (Debian) GNU/Linux и меѓу другото, на нашата листа e заради одлуката да се ослободи од својата нестандардна работна околина Unity и да му подаде рака на GNOME. Одлуката беше најавена во април годинава од Mark Shuttleworth и беше позитивно прифатена од заедницата и корисниците. Ubuntu заслужува трајно место на една ваква листа, бидејќи во континуитет придонесува за популаризацијата на слободниот софтвер и покрај тоа што во себе вклучува и складишта со неслободен софтвер.

https://www.ubuntu.com/


Слободен софтвер Македонија

Текст на Гоце Митевски

Слободен софтвер Македонија е непрофитна организација која се занимава со слободен софтвер и слободна култура во Р. Македонија. Организацијата е посветена на промовирање на слободен софтвер и создавање на свест, како за економскиот, така и за социо-етичкиот контекст на слободниот софтвер, особено за земјите во развој, како што е и Република Македонија.

Вебсајт