Тимот NCA на Netcetera се пласираше на 9-то место на Google #HashCode

Google #HashCode e натпревар за програмирање кој го организира Google за студенти и професионалци од индустријата низ Европа, Средниот Исток и Африка. Оваа година настанот се одржуваше во Даблин, Ирска каде учество земаа 5.000 тимови (37.000 учесници), меѓу кои и македонскиот тим на Netcetera, NCA.

На финалето кое се одржа на 28 април, тимовите требаше да го решат инженерскиот проблем кој им беше зададен од Google, и тоа да го направат во рок од само еден ден користејќи програмски јазик кој тимовите сами си го избираат.

Македонскиот тим составен од Александар Ников, Панче Чавковски, Кристијан Јанкоски и Војче Кушевски, се пласираше на одличното 9-то место! Комплетната листа на резултати може да ја погледнете на следниот линк каде ќе забележите дека пред NCA има само тимови од Русија и Полска.


Што се случуваше таму и во каква атмосфера помина натпреварот ни раскажаа дечките од NCA.

Претставете се на публиката на IT.mk, кои се Александар, Панче, Кристијан и Војче? :)

Четворица колеги и пријатели од Нетцетера Скопје, дел од организацијата позади codefu.mk натпреварот во програмирање.

Александар е еден од основачите на компанијата во Скопје, Војче и Панче се сениор софтверски инженери во iOS и Java, а Кристијан е дел од Machine Learning тимот. Сите имаме пасија кон алгоритми, натпревари и решавање на сложени проблеми.

Како „заврши“ NCA на Google Hash Code во Даблин?

Веќе трета година по ред Нетцетера пријавува хаб за натпреварот во канцелариите во Скопје и има сопствен тим. На онлајн натпреварот во хабот доаѓаат и други тимови од Македонија составени од студенти или од професионалци од други фирми.

Оваа година, во квалификациите, нашиот тим се најде на 30-тото и место и се пласира во финалето. Првите 40 тима беа повикани на финалето во Даблин, каде што ние го подобривме нашиот пласман и го освоивме деветтото место.

Раскажете ни малку повеќе за Hash Code. Како се одвива целиот тој настан?

#HashCode е натпревар организиран од Google на кој може да учествуваат студенти или професионалци од индустрија од земјите во Европа, Африка и Блискиот Исток.

Натпреварот се одржува во две фази: онлајн квалификации и онсајт финална рунда.

Една рунда се состои во решавања на еден проблем со повеќе податочни сетови за влез. Проблемите се од оптимизациска и апроксимизациска природа, односно проблеми кои спаѓаат во NP-Hard класата. Факт за овие проблеми е што сѐ уште не постојат оптимални ефикасни решенија и најдобрите опции се апроксимизации и хевристики кои имаат доволно мала комплексност и приближно точен резултат. Всушност целта на натпреварот е да се направи што е можно подобра и побрза апроксимација на големиот проблем.

Оваа година во квалификациската рунда имаше околу 5000 тимови а во финалето беа најдобрите 40.

Кој проблем го решававте и какво решение понудивте? Кој беше најголемиот предизвик за вас?

Финалниот проблем беше план за изградба на идеален град, во кој граѓаните ќе живеат што е можно подобро. Основа за оценување беше планот на градот да смести што е можно повеќе жители и во нивно пешачко растојание да има што е можно повеќе објекти од различна услужна природа. Сите резиденцијални и услужни објекти имаат различен капацитет и тип, и пред се, различна форма. Технички проблемот беше како овие објекти да се спакуваат на идеален начин, за „пресметаната среќа“ на жителите да биде што е можно поголема.

После натпреварот всушност испадна дека сите тимови во топ 10 имавме ист пристап: Разделување на површината на градот на помали квартови, градење на што е можно по оптимизиран кварт, и реплицирање на истото решение низ целиот град.

Предизвиците беа повеќе во текот на натпреварот: од смислување на иницијален пристап, техничка имплементација на сместувањето и проверките, поедноставување за извлекување на првично решение, првиот поголем чекор со поделбата и множењето, оптимизација во процесирањето и на крај само подобрување на хевристичките функции што е можно повеќе и повеќе директно на база на изворните податоци. На старт некако тргнавме лошо, но се консолидиравме и до крај успеавме да пратиме доста солидно решение.

И да, дополнителен предизвик ни беше и возењето на левата страна од патот, но успеавме и со тоа да се снајдеме.

Какво беше чувството да се рангирате на 9то место од 5000 натпреварувачи?

Натпреварот траеше 5 часа, но во последниот час листата со поени беше замрзната. Ние само знаевме дека направивме доста поени, но немавме идеја на која позиција би биле. Иницијално се надевавме во топ 20, но кога се видовме на 9тата позиција бевме прилично пријатно изненадени. Посебно сме среќни поради тоа што ние натпреварот го гледавме како забава и дополнително искуство, а сепак на крај се вративме со супер резултат.

 Сите сте произлезени од CodeFu. Какво влијание имаше CodeFu за вас и вашите кариери? Што би ги советувале оние кои го читаат ова и можеби се мислат да се пријават годинава.

Натпреварите по програмирање дефинитивно може да ве направат подобри во работата. Иако типот на проблеми што се решаваат таму, како и самите решенија патем, се многу различни од тоа што го имаме во секојдневната работа, сепак тоа е еден многу добар тренинг кој ќе ви го подобри програмерските способности, но најмногу од се, ќе ви изгради еден многу подобар начин на размислување.

Нашиот совет кон сите студенти и професионалци е да секогаш кога имаат можност да се предизвикаат самите себеси и редовно да си ги соборуваат сопствените рекорди и граници.

2 коментари на “Тимот NCA на Netcetera се пласираше на 9-то место на Google #HashCode

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии