Telltale Games и Netflix ги здружуваат силите за работа на Stranger Things игра

Секојпат кога ќе се почнат муабети за гејминг стриминг сервиси, автоматски се прикрадува фразата: Netflix за игри. Се чини дека на Netflix му е мака од постојаната таква споредба и реши да ги засука ракавите и да се втурне и во индустријата со игри. Првите чекори планира да ги направи со заедничка соработка со Telltale Games, најдобро познати по авантуристичките наративни искуства во форма на The Walking Dead. Првата игра од таквото партнерство ќе биде Minecraft: Story Mode. Оваа игра во пет епизоди ќе биде понудена преку сервисот Netflix. Интересно е тоа што компанијата зад најпознатиот стриминг сервис не ја смета Minecraft: Story Mode како игра туку како проширена форма на филмско искуство и ја става во ист кош како и нивните други интерактивни форми на забава, како Stretch Armstrong: The Breakout, Puss in Book: Trapped in an Epic Tale и Buddy Thunderstruck: The Maybe Pile. Дополнително, од Netflix се изјаснија дека не планираат да навлегуваат во водите на гејмингот, што нам ни делува исклучително контрадикторно, особено доколку ја земете следнава информација во предвид.

Telltale Games работи на игра која е заснована на хит телевизиското шоу Stranger Things. Оваа игра ќе биде дел од маркетиншките напори на Netflix и промо кампањи, но играта нема да се појави на Netflix; за дистрибуција на играта ќе бидат задолжени Telltale Games.

„Задоволство нѝ е да потврдиме дека Telltale развива игра која е заснована на Stranger Things и планираме истата да ја исфрлиме за конзоли и компјутери подоцна. Исклучително сме горди на нашето партнерство со Netflix и иако немаме што друго да споделиме во овој момент, возбудени сме за идни откритија на овие проекти.“

Во меѓувреме, Telltale Games вложува огромни напори да стави крај на The Walking Dead игрите. Последната игра со симпатичната Клем излегува во август.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии