Telegram надмина 500 милиони активни корисници

Дејан Соколоски

во Свет

Популарна платформа за испраќање на криптирани пораки, која овозможува едноставна и безбедна комуникација – Telegram, надмина 500 милиони активни корисници.

Последните неколку денови на Telegram се приклучија нови 25 милиони корисници од целиот свет.

Од вчера Telegram е најчесто преземана апликација во САД. Популарноста на апликацијата нагло порасна во САД откако поддржувачите на претседателот Доналд Трамп останаа без неколку популарни платформи. Ова започна со отстранувањето на г. Трамп од Facebook и Twitter, но продолжи со отстранувањето на Parler од App Store, Google Play и од AWS.

Од 9-ти јануари расте бројот на преземања на повеќе различни апликации за испраќање на криптирани пораки. Покрај Telegram со раст од 146%, на оваа листа се и CloutHub, MeWe, Rumble и Signal кој забележи рекорден пораст од 677%, пишува Axios.

Меморандум кој Федералното истражно биро го испрати до останатите агенции за спроведување на законот предупредува дека се можни вооружени протести во 50 главни градови. Користење на овие платформи за комуникација, секако ќе го направи пронаоѓањето на екстремистите потешко.

„Има повеќе канали на Telegram за десничарската група Proud Boys. Најголемата група има над 28 000 членови. Еден од каналите кој членовите на Proud Boys често го посетуваат е прекрстен за да привлече повеќе поранешни корисници на Parler“, пренесе NBC News.

Покрај деплатформирањето на приврзаниците на г. Трамп, друга причина за растот на помалите сервиси за пораки е промената во политиката за приватност на WhatsApp. Промените се однесуваат на начинот на кој ќе бидат обработувани личните податоци и нивната интеграција со Facebook.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии