Игор Трајковски е доцент по компјутерски науки на Њујорк универзитетот во Скопје. Во неговото професионално искуство исто така може да се пронајде и работење во Google и тоа во седиштето на компанијата во Калифорнија, но и во центарот во Швајцарија. Тој има докторат по компјутерски науки здобиен на Јожеф Стефан институтот во Љубљана и активни теми на истражување му се статистичко процесирање на јазици, машинско учење, биоинформатика, вештачка интелигенција, алгоритми и сл.

Игор исто така е и автор на неколку веб базирани проекти на македонскиот сајбер простор и активно ги следи случувањата со информатичката технологија. Како што истакнува во неговото резиме, неговите лични интереси се: продолжување на животот, бесмртност, футуризам и техно-прогресивизам.

Ја искористивме можноста на кратко да позборуваме со Игор, особено на темата вештачка интелигенција. Во продолжение ќе ги најдете неговите одговори.

1. Како и кога се заинтересиравте за информатичката технологија и како се определивте за сегашните нејзини области – вештачка интелигенција, машинско учење, биоинформатика, алгоритми и дата структури?

Со информатиката прв пат се сретнав во средно школо. Средно училиште завршив во Орце Николов. Во класот бевме неколку другари кои редовно одевме на натпревари по програмирање, а и бевме добро друштво за дискусии и надоградување. Нон стоп постоеше натпревар кој дознал нешто повеќе па да се пофали на другите. Сите ги делевме информациите и сите добивме многу со таа култура. За вештачка интелигенција се заинтересирав малку покасно, при крајот на средното образование. Мислам дека тоа се корелира со мојата прва средба со СТАР ТРЕК и командирот ДАТА. :) Тој андроид (робот) беше така хумано представен, а сепак беше робот, да од тогаш почнав да размислувам како може да се направи машина да размислува и решава проблеми како човек. А и уште тогаш чувствував дека доколку се изформализира човековото размислување дека машините нема да застанат таму, туку ќе продолжат да се подобруваат и евентуално еден ден ќе бидат подобри од нас за решаванје на било какви логички проблеми. Биоинформатиката е само еден мал аспект од вештачката интелигенција. Тоа е примена на интелигентни алгоритми во обработка на биомедицински податоци. Така да, доста природно ми дојде тој спој помеѓу информатиката и биологијата.

2. Во вашето професионално искуство, имате и привремена работна позиција во Google и тоа и во Калифорнија и во Швајцарија? Како успеавте да дојдете до тоа да работите за еден ваков гигант?

За време на моите докторски студии, бев препорачан од еден мој другар кој веќе беше примен да работи во Google, да ме интервјуираат за работа. Ми се јавија неколку инжинери од Google да ме интервјуираат и после 4 интервјуа бев повикан да работам кај нив. Претходната година беше тоа во Маунтан Вју,Калифорнија, во седиштето на Google, а оваа година бев во најголемиот центар на компанијата надвор од Америка, во Цирих, Швајцарија. Воопшто не е лесно да се пројдат интервјуата. Конкуренцијата е многу голема, лани на пример за работа во Google аплицирале 3 милиони кандидати. Прашањата на интервјуата воопшто не се тривијални или технички, туку како некој вид IQ тест, од информатичка перспектива.

3. Кое беше искуството со кое се стекнавте во Google и дали навистина работната атмосфера во компанијата е онаква каква што сите ја опишуваат – доста мотивирачка и возбудлива?

Дефинитивно искуството е незаменливо. Самиот факт дека сте дел од најатрактивната компанија на светот е голема сатисфакција. Исто така, таму сте дел од тим од програмери кои се едни од најдобрите на светот. Со такви луѓе многу е лесна комуникцијата, веднаш можеш да се разбереш, што треба да направиш, што се очекува од тебе, што да очекуваш од нив. Тоа можам да го истакнам, работата со квалитетни луѓе со кои можеш лесно да се разбереш. Исто така проблемите со кои се занимаваат се неповторливи. На многу малку места можете да пристапите на сите податоци на интернет, како на локална машина. Или да напишете програма која се извршува на кластер од 10.000 ПЦ-ја. Да возбудливо е, но сепак, не за џабе рекле старите, секое чудо за 3 дена. :) После некое време се навикнувате и барате нови предизвици.

4. Вие сте исто така и создавач на три македонски проекти: Borg.mk, Nabu.mk и Time.mk. Дали би можеле на кратко да ни го опишете секој проект и неговата цел?

Да, јас бев еден од креаторите на Nabu.mk. По некое време имавме несогласувања со партнерите во проектот па решив да продолжам со реализација на идеите на друг начин, па така настанаа интернет пребарувачот Borg.mk и далеку попознатиот, агрегаторот за дневни вести Time.mk. Borg.mk не е комплетен пребарувач, туку е фронт-енд на Google. Borg.mk го олеснува пребарувањето на содржините на македонски јазик, притоа користејќи го Google. Значи кога корисникот ќе внесе некое барање во пребарувачот, Borg.mk пробува да го прошири со други зборови кои се слични на внесените зборови. На пример ако барате: Стипендија, Borg.mk ќе проба да најде важни страници кои го содржат зборот Стипендија, но исто така доколку постојат страници кои содржат зборови како: Стипендии, Стипендијата, итн. Значи ги пробува сите валидни збороформи на дадениот збор (притоа водејќи сметка дали внесеното е именка, глагол, придавка, итн), и на крај прави и транслитерација, т.е. пробува да најде содржини на латиница и кирилица. Сето тоа е автоматизирано, корисникот внесува барање само еднаш било латиница или кирилица, а потоа Борг.мк ги пребарува сите можни форми.

Time.mk е компјутерски генерирана страница за дневни вести. Значи Time.mk ги ‘чита’ вестите на 21 извор на вести, тука се скоро сите телевизии, дневни весници, новински агенции и портали во Македонија. Потоа ги групира според содржината а потоа групираните вести ги сортира според важност. Во принцип, поголема група на вести е побитна, затоа што многу медиуми ја објавиле истата вест во различна форма и друг факт е дека колку вестите се понови толку се побитни. Со добра комбинација на овие два фактори, е овозможено страницата автоматски да ги пронаоѓа најважните вести на денот, комплетно автоматски без никаква човечка интервенција. Значи не постои никаков простор за пристрасност кон некоја политичка партија, идеологија, религија, итн.

Пријатно сум изненаден сто македонските читатели доста брзо ја прифатија оваа идеја, така да сајтот постои од 1 Јули 2008 а веќе има неколку илјади посетители дневно кои се информираат на ваков начин.

5. Што ги прави овие сервиси поразлични од другите и од каде добивте мотивација да создадете нешто такво на македонскиот сајбер простор?

Разликата во користењето на Google и Borg.mk за пребарување на македонски содржини е повеќе од очигледна. Со Borg.mk можете да најдете секогаш повеќе релевантни информации одколку со чисто користење на Google, затоа што Borg.mk му помага на Google што да бара. Значи не само тоа што сте го внеле туку и нешто слично но релевантно за пребарувањето.

Time.mk има повеќе предност пред другите сајтови кои агрегираат вести, на пример сајтови кои просто собираат РСС-и. Едната е дека со прибирање на РСС вести секогаш топ вест ви е најновата вест, што не е точно, и друго што со РСС не ги поврзувате вестите, која со која е поврзана, па да можете да прочитате повеќе перспективи за презентираната приказна. Разликата на читање на вести со Time.mk и некој поединечен медиум, е повеќе од очигледна, затоа што на пример тој еден медиум не ги презентира сите важни вести на денот и постои простор за цензура, т.е. да реши да не објавува некоја вест. Но таа вест да не ја приказе Time.mk е многу мала, затоа што ќе треба сите извори на вести да ја цензурираат за да Time.mk не ја пронајде. А доколку сите цензурираат некоја вест, ниту Time.mk ниту било кој може да ви помогне. :)

6. Подетално, дали би можеле да ни објасните што претставува вештачка интелигенција?

Има повеќе дефиници за тоа што е вештачка интелигенција, но има една која најмногу ми се допаѓа, а тоа е: активност на компјутерите кои доколку ја прават луѓе би рекле дека користат значителен дел од својата интелигенција. Значи тоа е формализација на човековото размислување во детални детерминистички чекори кои ги извршува компјутер со цел да реши некој проблем, донесе одлука и слично. Интересно е што ваквата дефиниција за вештачката интелигенција дозволува да тоа што е вештачка интелигенција се менува секојдневно. Порано доколку компјутерите можеле да решат некоја равенка се сметале интелигентни, а денеска тоа се смета за рутинска работа. Денес на пример една машина би рекле дека е интелигентна доколку можеме да и поставме општо прашање, гласовно, на природен јазик и истата ни одговори точно, гласовно, на природен јазик.

Игор  Трајковски

7. Кои се позитивните, а кои негативните работи што AI би ги донело во сегашното општество?

Па позитивните се премногу. Значи помош во решавањето на безброј проблеми кои што ги решаваат луѓето. Од физички активности па до интелектуални проблеми. Познатата реплика дека тоа не е добро за човештвото затоа што голем број на луѓе ќе останат без работа, некако не ја прифаќам како точна затоа што истата реплика можеше да се примени и на индустриската револуција, кога биле измислени парните машини и моторот со внатрешно согорување, кое допринесе за големо олеснување на човечките физички активности, но луѓето успеаа да најдат друга попродуктивна работа. Така да и сега очекувам дека со помош на вештачката интелигенција луѓето ќе станат само многу попродуктивни, нема да се замараат и трошат време со безначајни детали, туку борбата ќе се сведе на тоа кој има подобра идеја, додека имплементацијата би ја правеле машини. Единствена негативна работа од вештачката интелигенција во блиска иднина е нејзината употреба од војската. САД годишно трошат десетици милијарди долари на истражување од областа на роботика, т.е. во создавањето на војник робот. Така да мислам дека многу побрзо ќе видиме, а делумно и постојат во Ирак и Авганистан, робот-војник, отколку робот-куќна помошничка.

8. Колку сме далеку од создавање на робот кој ќе може да функционира солидно и ќе биде навистина самостоен и корисен?

Корисни роботи постојат и денеска. Роботи кои ќе имаат когнитивни и резонирачки способности на ниво на човек, грубо кажано, би требало да се појават во следните 30 години. Тоа не се мои лични проценки, но од луѓето кои ги сметам за најрелевантни од областа на футурологија и сингуларитет. Еден од нив е Реј Курцвеил (Ray Kurzweil).

9. Дали мислите дека е можно да создадеме доволно моќна и паметна машина која ќе успее да ја надитри човечката интелигенција?

Се разбира, ДА. Инаку светов би бил место на залудно трошење на ресурси. Само не мислам дека треба да збориме за надитрување или победување или истребување. Технологијата е дел од нас. Дел од човековата еволуција. Развојот никогаш нема да застане. Иако некој овие збидувања воопшто не ги сметаат за развој туку за уназадување на човековиот род. Има разни размислувања. Но сепак, на крај еволуцијата го кажува последниот збор. Тоа е едниствената објективна мерка што можам да ја замислам.

10. Што мислите за летачки автомобили, на пример како оние од Futurama? Дали верувате дека е тоа можно во скоро време?

Сериозно не сум сум размислувал на таа тема. Можеби кога прв пат го гледав Back in the Future. Искрено мислам дека попрво ќе измислиме интелигентни роботи на човечко ниво, отколку летачки автомобили. :)

11. Дали ве загрижува и плаши иднината и технологиите кои ќе бидат развиени?

Не. Жал ми е што веројатно нема да можам да ги доживеам и испробам сите технологии во мојот животен век. Но којзнае … доколку го решиме проблемот на безсмртноста … се е можно :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии