Apple се почесто поминува лошо во судниците. Тужбата поднесена од Федералната комисија за борба против монопол дојде до завршница, а судијата Дениз Кот донесе пресуда дека „компанијата е виновна бидејќи заедно со пет големи издавачи ги договарала цените на книгите“, јавува Reuters.
Apple е обвинет дека е главен заговорник и без нивно учество и оркестрирање, издавачите не можеле ова да го организираат. Apple остро реагираше на пресудата, велејќи дека „Apple не учествувал во договор со кој се определува цената на книгите, и ќе продолжиме да се бориме против лажните обвинувања. Кога го воведовме iBookstore сакавме да им дадеме избор на клиентите, да го иновираме пазарот и да воведеме конкуренција против монополот кој го имаше Amazon врз издавачката индустрија. Не згрешивме и ќе поднесеме жалба на одлуката на судијата.“
Но, Министертвото за правда е задоволно од пресудата, и во очекување се на оштетата која ќе треба да ја исплати компанијата поради манипулација со пазарот. Целата „операција“ се одвивала со знаење на Стив Џобс кој во една пригода изјави: „Цената ќе биде иста. Издавачите всушност не ги даваат книгите во Amazon затоа што се незадоволни од цената.“, пишува Ars Technica, детално објаснувајќи ја вмешаноста на Apple и г.Џобс во скандалот.
Пресудата за гигантот од Купертино е последна поврзана за скандалот со е-книгите откако претходно петте издавачи се сложија да исплатат 166 милиони долари обештетување во корист на своите клиенти.