Субвенции за електрични возила, 5.000 евра за електричен автомобил

Од 2017, според планот на владејачката партија би требало да започне субвенционирањето на електричните возила. Висината на сувенциијата за автомобилите ќе биде до 5.000 евра. Планот кој треба да биде реализиран од идната влада е копија на дел од мерките кои ги користат европските држави. Сепак, можеби поважно е дали електричната инфраструктура може да одговори на потребите.

Мерките предвидуваат увоз на електрични возила без царина и акциза; повластена даночна стапка. Ова ќе овозможи поевтини електрични возила, односно цената на возилото од 35.000 евра, ќе се намали на 28.000. Дополнително државата ќе субвенционира 3.500 евра за автомобилите до 25.000 евра и 5.000 евра за автомобилите над оваа сума.

Освен поволноститите при купувањето сопствениците на електрични возила ќе имаат поволности и на патиштата.

  • Електричните автомобили ќе бидат ослободени од патарина во следните 10 години, односно до 2027
  • Возилата ќе можат бесплатно да паркираат на јавните државни паркинзи до 2027. На овие паркинзи ќе има одбележани и резервирани места за електрични возила.
  • На електричните автомобили ќе им биде дозволено да возат и во приоритетниот простор на сообраќајниците, на местата каде постои, а каде сега е дозволено движење на автобуси и такси возила

Дел од мерките предведуваат и закони кои помогнат со развојот на инфраструктурата. Предвидено е законско решение кое предвидува задолжително вградување на полначи во објектите.

  • Во 2017 г. на бензинските пумпи на сите автопати и магистрални патишта во државата ќе има по најмалку 1 брз полнач за електрични возила;
  • Во 2018 г. на бензинските пумпи на сите автопати и магистрални патишта на секоја ќе има по најмалку 2 полначи брзи полначи за електричните возила;
  • Во 2019 г. на бензинските пумпи на сите регионални патишта во државата да има по најмалку 1 полнач на секоја бензинска пумпа.
  • Планот е во 2020 година да се постигне покриеност на сите патишта со по најмалку 1 брз полнач по бензинска пумпа.
  • Во 2017 година, освен во Скопје, по најмалку еден брз полнач и два бавни ќе се инсталира и на поголемите јавни паркинзи во поголемите градови.
  • Во 2017 година ќе се предвиди на паркинзите на сите хотели со 4 и 5 ѕвезди да обезбедат по два полначи (бавни) за електричните возила
  • Со законски пропис ќе се воспостави обврска новите згради да предвидат инсталации за трофазни 8 часовни приклучоци во секое гаражно место.

Мерките кои се предложени се речиси исти како оние кои ги користеше Норвешка, ова се разбира не е лошо доколку може да се применат и во Македонија.

Предвидено е до 2030, 50 отсто од автобусите за јавен превоз во Скопје да бидат електрични. Олеснувања се предвидени и за такси превозниците. Компаниите кои имаат единствено електрични возила ќе бидат ослободени од давачки кон градот.

„Можам да информирам дека веќе Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски ги започнаа првите иницијални разговори за набавка на нови 50 целосно електрични автобуси, односно 20 големи автобуси, дводелни со армоника зглоб на средината, и во кои можат да влезат 150 патника, (со дизајн на трамвај) и 30 минибуси. Набавката би била повеќегодишна, а средствата би ги покривале заеднички Владата и градот Скопје по половина. Ова е веќе усогласено меѓу градоначалникот на град Скопје и министерот за финансии, а плаќањето ќе е на неколкугодишни рати.“, информираше г. Груевски.

Што се однесува до  намалувањето на загадувањето, тоа најмногу зависи од постројките во кои се произведува електричната енергија. Најголем дел од електричната енергија која ќе ја користат ове вoзила кај нас се произведува во термо-електрани. Емисијата на гасови од класичните возила и од дополнително согорување на јаглен за потребите на возилото е споредлива. Дополнително досега нема анализа за предизвикувањето на загадувањето на воздухот, па некогаш е крива климата, некогаш возилата, а некогаш загревањето во зимските месеци.

Во оваа презентација нема анализа како ќе влијае зголемената потреба од електрична енергија на енергетскиот систем. Македонија веќе увезува електрична енергија, па без дополнителни капацитети ќе мора да се зголеми увозот.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии