На Денот на независноста на САД, стотици веб сајтови протестираат против шпионирањето од NSA

Денес во САД се прославува Денот на независноста, 4-ти јули. По тој повод стотици веб сајтови го имааат поставено банерот за четвртиот амандмант кој гарантира слобода на приватност, додека илјадници луѓе ќе учествуваат на уличните протести.

Организатор на овој протест е непрофитната организација Fight for the Future во која се приклучени едни од најпопуларните организации и веб сајтови како Reddit, Mozilla, WordPress, 4chan и други. Овие онлајн протести потсетуваат на тие од минатата година кога се водеше борба против ACTA и SOPA.

Организациите кои се вклучени во протестот на своите сајтови имаат поставено банер со порака „Restore the Fourth“ кој вели дека „Правото на луѓето да бидат безбедни во своите опкружувања, куќи, документи и ефекти, против нерaзумното пребарување и напади, не смее да биде повредено“. Дополнително, илјадници луѓе ќе се приклучат на уличните протести ширум 100 градови во САД, вклучувајќи ги Њу Јорк, Вашингтон и Сан Франциско.

Агенцијата за национална безбедност (NSA) се бави со следење и прислушување во САД заради одбрана на нацијата, иако се испостави дека агенцијата отишла чекор понатаму прегазувајќи ги основните слободи на граѓаните. Целата оваа галама против агенцијата се крена откако Едвард Сноуден откри доверливи информации во кои се вели дека NSA ги следи сите комуникации на Facebook, Google, Microsoft, Apple… Kомпаниите негираа дека имаат поврзаност со проектoт за прислушување PRISM.