Steam се бори против злоупотребата на системот со рецензии

Веќе некое време како Steam располага со системот за оставање рецензии од корисниците. Ваквото нешто излезе дека е меч со две острици. Од една страна, корисниците имаат можност да прочитаат за мислењето на останатите соиграчи и полесно да донесат одлука дали некоја игра го заслужува нивното внимание или не. Од друга стана, пак, одредени развивачи, односно издавачи вештачки ја зголемуваат просечната оценка од рецензиите така што „нивни“ луѓе ги активираат игрите на Steam и пишуваат позитивни рецензии. Ваквото нешто е исклучително лесно затоа што Steam нема монополска контрола и дистрибуција над клучевите, особено кога се работи за бројните сајтови кои продаваат пакети од игри, како Humble Bundle, или пак сивите препродавачи, како Kinguin.

slika-1

„Steam клучевите отсекогаш биле на располагање на развивачите да ги поклонуваат или продаваат преку други (онлајн) продавници“, објаснуваат од Steam и додаваат дека: „Тоа не се менува. Но, премногу е лесно овие клучеви да бидат искористени на начини на кои вештачки се зголемуваат оценките од рецензиите.“

Според најновата мерка, рецензии ќе можат да оставаат сите сопственици на одредена игра (читај: лиценца), но за севкупната описна оценка ќе бидат земени предвид само рецензиите на игри кои биле купени директно преку Steam. Тоа значи дека, доколку сте купиле Steam клуч преку некоја надворешна продавница, можете да напишете рецензија која и понатаму ќе биде читана и оценувана како корисна, некорисна или смешна, но истата нема да влијае при формирање на севкупната оценка.

slika-2

Како што можеби претпоставувате, ваквите промени беа прифатени со бура од реакции, не само од одредени гејмери кои се почувствуваа како второстепени граѓани само затоа што не купиле игра директно од Steam, туку и од самите развивачи.

„На почетокот, новата мерка на Steam ја подобрува севкупната оценка на Knee Deep“, објаснува писателот и дизајнерот на споменатата игра, „Тоа е, претпоставувам, добро. Но, одредени други инди развивачи се разбудија за да бидат дочекани со повеќето, ако не и сите, рецензии исклучени од севкупната оценка. Онаму каде што требаше скалпел, изгледа како Steam да го реши проблемот со мачета.“

Ден Маршал, пак, развивачот на игрите како The Swindle и Time Gentlemen, Please! смета дека наместо бесконечно штелување, целиот систем за рецензирање треба радикално да се редизајнира за да може соодветно да го рефлектира уникатниот производ кој се создава од развивачите.

„Несомнено е дека рецензиите се клучна алатка за гејмерите, но моментниот систем е до таа мерка отворен за злоупотреба да може да биде штетен за развивачите, а некорисен за купувачите.“, вели Ден и дообјаснува дека не може да се споредува со системот на Амазон, каде се рецензира филм, книга или каков било финален продукт. „Во свет на инстантни закрпи, рецензија (за игра) која е оставена денес може да не е точна утре, а сепак да стои цела вечност затоа што луѓето не ги ревидираат рецензиите.

slika-3

Valve, компанијата која стои зад платформата Steam, ветува дека и понатаму ќе продолжи да го прилагодува и проширува системот за рецензии. За тоа колку ќе помогне, а колку ќе одмогне останува да видиме со текот на времето.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии