Стартап основан од професори на ФЕИТ: Со паметна технологија до поголема енергетска ефикасност

ДТК Смарт-тек ДОО е македонски стартап кој работи на развој и имплементација на системи за мерење, анализа и управување со електрична енергија. Првенствено компанијата работи на развој на хардверски и софтверски решенија во областа на менаџмент и управување со електрична енергија, но и нивно прилагодување со цел да се исполнат специфични барања на корисниците. Покрај оваа примарна дејност, компанијата се занимава и со развој на мерна инструментација за употреба во индустрија, но и во едукација.

Компанијата е  основана од тројца професори на Факултетот за електротехника и информациски технологии: Владимир Димчев, Димитар Ташковски и Живко Коколански. ДТК Смарт-тек е формирана во 2015 година како спин-оф компанија на Факултетот. Оваа година во јуни започнаа со првиот проект. Проектот успешно заврши во јуни 2016 година. Во рамките на овој проект беше развиен системот за упавување со енергија

Проектот претставува целина од хардверски компоненти и софтверски апликации и сервиси. Системот овозможува мерење и интегрирање на сите параметри на електричната енергија од една или повеќе локации во рамките на една компанија во веб-апликација која е достапна за корисниците.

Стартапот нуди решенија кои се целосно прилагодливи кон барањата на корисникот. Во зависност од сложеноста на процесот може да се добие детална слика за тоа каде и како се искористува електричната енергија. Врз база на овие податоци се нуди и решение како да се намали потрошувачката.

Веб-апликацијата NET PowerMON овозможува преглед на сите мерења во реално време, независно од локацијата и уредот. Корисникот преку интернет може да пристапи со PC, таблет, лаптоп или мобилен телефон. Апликацијата нуди детални прегледи на сите параметри, дневни и месечни извештаи за потрошената електрична енергија, врвната ангажирана моќност и слично. Можен е и експорт на податоците за дополнителни анализи. Со оглед на тоа дека станува збор за универзитетски професори, тимот може да понуди експертско мислење и да предложи мерки за оптимизирање и намалување на потрошувачката на енергија. Секако, со тоа ќе се овозможи и заштеда на средства.

„Системот придонесува кон зголемување на енергетската ефикасност на компаниите, а со тоа и заштеда на средства по однос на електричната енергија. Заштедите кои се внесуваат со овие системи се особено значајни во компаниите од индустрискиот сектор (процесна, прехрамбена, машинска и др. индустрија), но исто така и во други компании од јавниот сектор (хотели, административни и станбени објекти, училишта, трговски центри)“, велат од DTK Smart-Tech.


Системот е прилагодлив и може да се намени за било каков процес, зависно од барањата на корисникот. Дополнително, и економски е поисплатлив од останатите слични решенија кои се нудат на македонскиот пазар.

„Покрај проектирањето, инсталацијата и одржувањето на системите, тимот на ДТК Смарт-тек нуди и анализа на енергетската ефикасност и можност за намалување на потрошувачката на енергија преку одредени мерки, зависно од процесот“.

Вториот проект на ДТК Смарт-тек, финансиран од ФИТР, започна во декември 2016 година и завршува во декември 2017 година. Во рамките на овој проект е надграден и проширен системот за менаџирање со енергија на ДТК Смарт-тек. Сега истиот нуди можност за интеграција на податоци за потрошувачка на други видови енергенси и ресурси (пр. гас, вода, топлинска енергија итн.). Ова е овозможено со уредот PCR-41, развиен и произведен од ДТК Смарт-тек кој претставува универзален повеќеканален бројач на импулси. Може да отчитува потрошувачка од било какво броило кое има електричен или светлински импулсен излез и истите да ги интегрира во системот за менаџирање со енергија.

PCR-41, Image courtesy of DTK Smart Tech

Ова е особено корисно, затоа што кај веќе постоечки процеси не мора да се инвестира во нова мерна опрема, туку може да се искористи веќе постоечката мерна инфраструктура.

Она што е добра вест е дека, стартапот веќе ги има првите корисници.  Први корисници на системите за менаџирање со енергија на ДТК Смарт-тек се: Парк Хотел & СПА; Форца, спортска сала; Форца, вински бар и ресторан; МИК Св. Николе и Факултетот за електротехника и информациски технологии.  Во тек е и инсталација на систем за менаџирање со енергија во АрцелорМиттал.

Идните планови на компанијата се фокусирани на ширење на македонскиот пазар. Секако, планирано е и излегување на регионалниот пазар. Ова е особено интересна можност со најновиот производ на компанијата (PCR-41 универзалниот бројач на импулси). Уредот може да се користи и како засебен уред и да се интегрира во било каков мерно-информациски систем преку стандарден комуникациски интерфејс, велат од DTK Smart Tech.

ДТК Смарт-тек е двократен корисник на грант од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во рамките на инструментот Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „стартап“ и „спиноф“.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии