Стартап лекции што ги научивме од Time.mk на третиот Startup Grind Skopje

Time.mk има 200.000 посети на ден, 250.000 корисници го посетуваат месечно, и забележува 20% посети од мобилни телефони. На кратко, Time.mk e најпопуларниот сајт во Македонија. Но, пред само неколку години Time.mk беше само стартап кој не започна со идеја да прави пари, туку како предизвик да се направи нешто корисно, вели основачот Игор Трајковски на својата презентација на третиот Startup Grind Skopje.

Startup Grind е месечен настан на кој претприемачи и стартапи ги споделуваат своите приказни со цел да ги мотивираат другите да креираат нови иновативни компании. До сега чувме приказни за мобилни стартапи, гејминг студија кои добија 30.000 евра од акселератори и излагања од ангел-инвеститори, но приказната за Time.mk е можеби уникатна бидејќи во еден период од постоењето, тогашниот стартап мораше да се бори сам против сите. Мораше да докаже дека линкот е слободна форма на поврзување на содржина. На крај победи. И остави неколку лекции за стартапите и сите кои планираат да направат нешто креативно. Еве ги:

  • Oригиналноста е преценета на пазари каде што фалат продукти. Time.mk го виде агрегаторот од Google, Google пак го видоа од други помали проекти. Но, за разлика од другите пазари во 2008-ма година кога се креираше Time.mk, агрегаторите за вести се новина во Македонија.  Друг пример од Македонија може да го земеме Grouper.mk. Сајтот за групни попусти не беше спомнат на овој Startup Grind, но приказната е иста. Тие „препишаа“ од Groupon и ја искористија празнината на македонскиот пазар за да го освојат.
  • Парите се глупав мотив. Предизвикот е нешто друго! Според Игор, кога го работел Time.mk воопшто не ни размислувал да отвори фирма, ниту како ќе прави пари. Time.mk е стартуван како предизвик да се види дали алгоритмите ќе функционираат на македонски јазик, со македонски сајтови и на кирилица. Тој предизвик се покажува како доволно голем мотив за да се усовршува сервисот и да му се посвети.
  • Бидите корисни! Time.mk агрегаторот пред да биде Time.mk компанија, станува корисна алатка за наоѓање содржина. Го има првиот успех кај медиумите кои му наоѓаат примена како виџети на сајт. Полека станува се популарен и кај медимите и кај корисниците. Оваа корисност ќе се покаже клучна во подоцнежната битка помеѓу Time.mk и медиумите кои вршат притисок врз агрегаторот да не им ја презема содржината, и наводно посетителите. Некои медиуми се гасат од Time.mk, но сфаќаат дека губат 40 отсто од публиката, која пак добива избор и „демократизација на вестите“, како што вели Игор. По кратко време истите медиуми се враќаат назад на Time.mk. Тоа  е клучниот моментот што му дозволува на Time.mk да стане број 1 сајт за вести во Македонија. Само затоа што е корисна технологија за сите.
  • Почитувај ги пријателите и клиентите. Игор вели дека кога ја стартавал фирмата немал поим за фактури, печати и други бирократски обврски. Немале план како да наплатуваат за рекламите, ги користеле пријателите кои ја разбираат бирократијата за да се снајдат. Се изгореле неколку пати од лажни фактури и луѓе кои не сакале да им платат, се додека не станаа доволно големи да диктираат припејд наплата на клиенти со кои прват контактират. Тие што им се лојални клиенти пак ги наградуваат со бесплатни импресии. Правило на Time.mk е да се одговори на мејл на клиент најбрзо што се може, за да се покаже дека „сме тука ако ви требаме“ и дека се подготвени за соработка.
  • Хакни ја публиката. Во 2008-ма година Игор забележува дека 70% од посетите доаѓаат од Google Search, главно бидејќи луѓето го пребаруваат Time.mk на Google и тоа со погрешните алтернативи зборови. Инвестира во Google AdWords за да биде првиот резултат и да ја доведе публиката на вистинското место. Првата реклама доаѓа една година откако е креиран Time.mk, односно една година пред да се отвори фирмата која сега е позади Time.mk.
  • Ти треба присуство на пазарот. Игор се смееше кога кажа дека за соработка со клиенти во Македонија е потребно „да одиш на журки“. Но, потенцираше и дека присуството на пазар е од клучно значење. Обид да се прошири Time.mk во Словенија, каде тоа време нема квалитетна конкуренција, завршува лошо бидејќи немаат контакт со медиумите. Во Македонија Time.mk станува познат бидејќи во 2008-ма година се појавува во Нова Македонија, подоцна и во други медиуми како „човек кој го носи Google во Македонија“. Игор е поранешен инжинер на Google. Но, во Словенија нема такви текстови. Во Албанија го имаат истиот проблем, се додека не се договорат со тамошен портал да им ја продаваат технологијата, односно Time.mk да понуди софтверска услуга, а локалниот портал да си ги мава клиентите за реклами. Подоцна Time.mk се шири во Бугарија, Србија и Хрватска, а за време на неодамнешните поплави се шири и во Босна и Херцеговина бидејќи сака да биде корисна алатка за луѓето кои сакаат да дознаат повеќе за катастрофата.
  • Слушај ги критиките и почитувај ја Twitter заедницата! Интернет заедницата е моќен сојузник ако сте интернет сервис. Кога Time.mk водеше битка со медиумите, Twitter заедницата застана на страна на агрегаторот и му помогна да го рашири зборот дека линкот е слободна форма за поврзување содржина. Сега, вели Игор, кога Twitter заедницата ќе се пожали за нешто на Time.mk, тоа веднаш се поправа или се воведуваат новини.

  • Секогаш треба да има нешто ново за да бидете интересно. Time.mk денеска има персонализација, најдобри твитови, вести од минатото, Time.mk настани… сите овие функционалности се додаваат постепено за да остане сервисот интересен за публиката. Некои алатки како „црвено vs плаво“-обоени медиуми не беа успешни, други како персонализацијата привлекуваат само 16.000 корисници, но тоа не значи дека треба да инсистирате на тие функционалности, туку дека треба да ги адаптирате.

2 коментари на “Стартап лекции што ги научивме од Time.mk на третиот Startup Grind Skopje

  1. Многу уфуран текст, ако беше толку успешен немаше да има потреба вака да го испофалите уште во првата реченица :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии