Star Wars: The Old Republic ќе стане пофер кон бесплатните играчи

Кога се работи за ММО остварување со динамична и крајно комплексна приказна, како и флексибилни гејмплеј механики кои ви дозволуваат да играте онака како што вие сакате, ретко која игра е подобра од Star Wars: The Old Republic. До пред некое време, хитот на Bioware се чинише како да е на апарати за одржување живот, а нови содржини доаѓаа во сè помали дози. На сево ова никако не помагаше тоа што бесплатните корисници се крајно ограничени, особено во поглед на тоа колку кредити можат да чуваат или каков пристап имаат до одредени предности како за брзо патување или користење лечење.

Општата слика е значително подобрена во пресрет на новата експанзија која треба да се појави на крајот од летото.

Како дел од огромното надополнување, кое би требало да стапи на сила овој месец, двата типа на бесплатни играчи, Free и Preferred (бесплатни играчи кои купиле нешто во играта со вистински пари), ќе можат да „држат“ финансиски средства на нивната сметка со износ до 1,000,000, или трипати повеќе од моментната ситуација. Ваквите играчи без проблем ќе можат да ги користат и предностите за брзо патување и лечење, а ќе добијат уште еден, дополнителен хотбар. Па така, Free корисниците ќе имаат максимум од три ленти, а Preferred ќе имаат максимум од пет.

Star Wars: The Old Republic: Onslaught ќе излезе во септември и ќе донесе нова приказна на нова планета, нова игрива раса, нова опрема и дополнително зголемување на вашиот левел!