Станете локален водич или истражете ја Македонија со „When in X“

Дали некогаш сте размислувале што мора да направи секој турист кој ќе го посети Скопје за да има вистински автентично искуство? Листата е речиси бесконечна: искачување на Водно; планинарење на Матка; ќебапи во Дестан; чај во чаршија; лет со праглајдер; пиво во Менада; посета на аквадуктот; Кале; Скупи; Спомен куќата на Мајка Тереза… Иако ова се примери кои се исклучиво за Скопје, секој град има куп локални култни места. Дополнително, ништо во Македонија не е премногу далеку, па туристите можат да посетат и најдалечните локации.

When In X

Пронаоѓањето на наjвпечатливите локации не е лесно ниту кога доаѓате од истиот град, па за туристите истото е и уште потешко. Македонскиот стартап Webgliders со „When in X“ се надева дека ќе реши два проблеми истовремено. На туристите ќе им овозможи да ги разгледаат највпечатливите локации со локален водич, а на локалното население ќе му овозможат дoполнителна заработка, но и да запознаат нови луѓе.

When in X се фокусира на Југоисточна Европа. Реонот е полн со историја и локации, но за жал тие често се превидени од туристите. Секако, сервисот е наменет за оние кои се поактивни и кои сакаат да откријат повеќе за локацијата која ја посетуваат. Туристите кои единствено сакаат да се истегнат на плажа можат тоа да го направат и без помош.

Сервисот функционира едноставно. Сите кои имаат интересна идеја можат да се пријават да бидат водичи/домаќини. Туристите или било кој друг, може да дојдат, да пронајдат некој настан кој им се допаѓа, и да си резервираат. Ако помислувате на историски локалитети и музеи, тоа секако е еден дел од приказната. Дополнително, може да се претстави сè што може да биде интересно, од ноќен живот до тандем параглајдерство.

Засега плаќањето е преку платежни картички, но за во иднина веќе се планирани PayPal и Stripe.

Прво Македонија потоа и светот

Целта на платформата сепак не е да го подобри туризмот исклучиво во Македонија. Македонија е само прва и тест фаза, дел од поголемиот план за освојување на целиот свет. По завршувањето на тест фазата, When In X ќе биде отворен и за остатокот од светот. Потенцијалот на платформата го препознаа и во Фондот за иновации и технолошки развој, па When In X е еден од стартапите кои добија средства од фондот.

„Нашата мисија е да го промениме начинот на кој туризмот функционира во Југоисточна Европа. Познавајќи го добро Балканот, веруваме дека нашите земји имаат да понудат неверојатни места, неоткриени природни убавини и прекрасни културни искуства кои ќе ги воодушеват посетителите од целиот свет. Тоа што се обидуваме да го направиме е да им овозможиме на туристите полесен пристап до тајните кои сите ние ги знаеме, што со тек на време ќе го зголеми интересот за туризам во овој регион. Дополнително, ќе им овозможи на многу локални туристички претприемачи да изградат поуспешни мали бизниси кои ќе влијаат позитивно на локалната економија.“ – велат од тимот на „When in X“.

When In X е еден од оние сервиси кои многу зависат од корисниците кои ги користат. Ова најмногу се однесува на локалните водичи од чие пријавување и квалитет ќе зависи сервисот во целост. Можноста за оценка на целото искуство е една од можностите за заштита на сервисот, но нема премногу што друго би можеле да направат и иднината на сервисот е во рацете на „домаќините“.

When In X е достапen со веб верзијаAndroid и iOS апликации.