Српската ИТ индустрија го обвини Министерството за економија за фаворизирање на Endava

Српската ИТ индустрија започна да се здружува против праксата на владата и министерствата за субвенционирање и фаворизирање на странските ИТ компании кои според нив го нарушуваат локалниот пазар, особено во полето на кадарот. ИТ секторот го обвини Министерството за економија на Србија за фаворизирање на една компанија која досега добила субвенции од 4.4 милиони евра.

Станува збор за софтверската компанија Endava, која во Србија влезе по купувањето на белградското студио PS Tech. Endava е компанија во приватна сопственост основана во 2000 година во Лондон. Според информациите на сајтот на компанијата, во моментов тие имаат над 3.400 вработени ширум светот кои ги опслужуваат нивните клиенти од разни сектори. Како главни услуги кои ги промовира компанијата се: дигитална и агилна трансформација, осмислување на дигитална стратегија, креативни услуги и UX, дистрибуиран агилен дивелопмент, devops, тестирање и сл.

Српската влада неодамна одлучи на неколку странски компании да им помогне со развојот на локалните канцеларии, а дел од овие компании е и англиската Endava.

„Проблем со оваа одлука е што државата фаворизира странска компанија и ја наградува за вработување на пазар кој нема доволно кадри.  Со оваа поддршка на Endava нема да се намали невработеноста, туку ќе се префрлат работни места од оние кои веќе се вработени во други компании.“, јави Startit.rs.

Проблемот кој го има ИТ секторот е субвенционирање на компанија која вработува дефицитарен кадар. Дел од потписниците на петицијата бараат овие средства да се инвестираат во образованието и да се отворат дополнителни места на техничките факултети. Во спротивно, ИТ заедницата во Србија обвинува дека субвенциите само ќе и помогнат на компанијата да собере инжинери од домашните компании и да им направи нелојална конкуренција.

Компаниите и онака имаат проблем со пронаоѓање на квалификуван и квалитетен кадар специјализиран во ИТ индустријата. Процените се дека во моментов во Србија има околу 15.000 ИТ-инжинери, а секторот може да апсорбира и 30.000. Сличен ваков проблем е и во Македонија, која се соочува со вистински предизвик на полето на квалитетен ИТ кадар, но досега никоја од ИТ заедниците или стопански комори се нема јавно огласено на оваа тема.

Endava во Македонија вработува над 150 ИТ професионалци

image-1084

Канцеларии на Endava Скопје (слика од видео на Љубомир Домазетов објавено на YouTube

Endava е компанија која од 2014 има канцеларии и во Македонија и која исто така беше една од странските инвестиции со која Владата на РМ се пофали, но без јавно и прецизно образложување дали компанијата има некаков вид на субвенции.

„Од 40 градови во Европа го избравме Скопје затоа што постои брз раст на ИТ секторот, забрзаниот економски раст и високообразованиот кадар, рече извршниот директор Которел, на заедничката прес – конференција со директорот на Агенцијата за странски инвестиции Висар Фида, додавајќи оти бил импресиониран од условите кои ги нуди нашата држава, а им биле презентирани и на средба со вицепремиерот Зоран Ставревски и директорот Фида.“ – пишува во текстот објавен на vlada.mk.

Запрашани како Endava гледа на локалниот пазар две години подоцна, менаџментот на компанијата во Скопје ни одговори:

„Endava се заложи за инвестиција во Скопје кога во 2014 одлучивме да отвориме центар за развој на софтвер, а на основа на квалитетните универзитети, високо образованиот работен кадар и одличните јазични способности. Како компанија базирана во Лондон, бевме во контакт со Invest in Macedonia заради засновање на деловните операции, и оттогаш сме фокусирани на изградба на силен тим во Скопје кој нуди одлични можности како за искусни професионалци, така и за дипломци. На тој начин константно придонесуваме кон созревањето и одржливоста на ИТ пазарот во Македонија. Глобалниот растеж на Endava е особено успешен преку партнерства со локални заедници, универзитети и организации кои го поддржуваат нашиот деловен модел и нашата долгорочна визија да го поддржуваме и растеме локалниот ИТ пазар.” – коментираат од скопската канцеларија на Endava, одговарајќи на прашањето кој е нивниот коментар околу целата оваа ситуација и како тие гледаат на локалниот ИТ пазар.

Тимот на Endava во Скопје веќе има над 150 вработени, а од компанијата потенцираат дека нивната програма за развој ја вклучува и локалната заедница, од универзитети до ИТ заедници:

“Нашиот тим во Скопје надмина 150 вработени, и имаме силен фокус кон креирање можности за студентите да започнат и развијат успешна ИТ кариера преку нашите програми за практиканти и дипломци, во соработка со локалните универзитети. Исто така, Endava продолжува да придонесува кон локалната ИТ заедница преку спонзорства и организација на локални ИТ настани. Преку програмата Endava University, ја акцентираме важноста на професионалната обука и можноста да се учествува на релевантни меѓународни конференции. Деловните процеси се засноваат на редовна интеракција со меѓународни клиенти и со колеги од другите Endava локации, што обезбедува вистинска можност за професионален развој и растеж.“ – потенцираат од Endava Скопје.

1 коментар на “Српската ИТ индустрија го обвини Министерството за економија за фаворизирање на Endava

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии