Единствената продавница за друштвени игри во Македонија Гоблин, оваа година слави 20 години од своето постоење. Продавницата е отворена во период во кој друштвените игри не беа многу популарни и речиси воопшто немаше игри на македонски јазик. Денес 20 години подоцна друштвените игри се супер популарни, и не само што најпопуларните игри се преведени на македонски, туку два македонски издавачи на друштвени игри се светски успешни.

Благодарение на ентузијазмот на основачите на Гоблин во овие 20 години се организираат куп турнири за друштвени игри како Magic или Hearthstone. Самиот превод на друштвените игри на македонски е благодарение на нивните напорите. За прославата на 20-от роденден зборуваме со еден од основачите на Гоблин, Самоил Петрески.

Како започна приказната на засега единствената продавница за друштвени игри кај нас?

Се почна во 1997 година кога ние неколку другари дознавме дека постои некоја игра што се вика Magic: The Gathering и дека е многу јака :) Претходно игравме само Ризико и Клуедо (само тоа имаше во самостојна Македонија). Кога еден од нас успеа да најде во Истанбул карти Меџик и ги донесе тука – вирусот беше пуштен! Не можевме со години да се одделиме од Меџик и решивме да пробаме малку поорганизирано. Јас (Самоил Петрески), Виктор Георгиев и Владимир Трајчевски, кои до денес сме сопственици на Гоблин, почнавме да организираме собиранки еднаш неделно во културното катче Точка кај Корчагин благодарение на Небојша Вилиќ кој ни го отстапи просторот.

Потоа изнајмивме гаража под Автомакедонија и ја направивме како пештера, со исполепени ѕидови и тепих на земја за играње. Таму се собираа луѓе и игравме секој ден, но толку се рашири заразата што гаражата беше претесна да ги собере сите заинтересирани. Остај друго, многу почна и да смрди од чорапите на сите што беа напикани во гаражата :)))

Декови и бустери ни носеше другарче од Солун, Јане Јосифовски, кој беше првиот дилер на Меџик во МК, ахахаха.

Откако видовме дека за сето тоа има интерес, решивме да отвориме продавница и така баш во април 2001 година во трговскиот центар Буњаковец се роди првата и се уште единствена продавница за друштвени игри – Гоблин. Денеска сме на друга локација, малку поголема, но си останавме верни на Буњаковец.

Оваа година Гоблин го прославува својот 20-ти роденден можете ли да направите споредба како беше пред 20 години, а како е сега?

Пред 20 години друштвени игри НЕ ПОСТОЕЈА! Во буквална смисла на зборот, толку беа ретки и небитни кај нас што кога некој ќе кажеше друштвени игри се помислуваше на „Не лути се човече“, „Монопол“ и „најновиот хит во градот – Ризик“. Толку. И тие беа за деца, не за возрасни, беше срамота да се играат игри, да бидеш гик или нрд. Тогаш мачо типови владееја, тоа беше модерно. А доколку кажеш дека играш Меџик карти, тоа одма значеше дека се коцкаш!

Сега многу повеќе се цени интелектуалноста, желбата да се размислува и да се играат друштвени игри. Сапиосексуалноста е многу пораспространета и помодерна кај младите, многу повеќе од порано се цени умот, наместо мускулите :)

Во средината на 2000-тите имавме обид за уште една продавница во Аеродром, но набргу ја затворивме бидејќи луѓето немаа поим, ниту интерес за друштвените игри. Кога ги рекламиравме сите прашуваа „а каде се става цедето?!“ Тогаш компјутерите беа хит, сѐ уште немаше смартфон манија и немаше секое дете свој таблет. Сега луѓето во целиот свет сакаат да избегаат од екраните и сѐ повеќе се вртат кон традиционалните начини на дружење. Друштвените игри веќе не се андерграунд, туку меинстрим забава.

Една од работите кои најмногу напредуваа во овие 20 години се интернет и друштвените мрежи. Како ова влијаеше на Гоблин и на друштвените игри?

Спомнав и во одговорот на претходното прашање дека развојот на целата технологија доведе до логична одбивност кон неа. Тенденција да се бега од екраните, а да се прифаќаат друштвените игри како супер кул занимација.

Што се однесува до социјалните мрежи, тие ги користиме многу повеќе за организација на настани во бордгејм заедницата, како и за маркетинг, отколку за било што друго. Од друга страна, друштвените игри се раширија до толку што сега веќе скоро сите најпознати наслови ги има и на интернет, како онлајн варијанта за играње, што е некоја каква-таква опција во ситуацијава кога не може да се собираме и да играме заедно со луѓе.

Сосем друг аспект на сајбер просторот во голема мерка помогна за развојот на друштвените игри се краудфандинг платформите како Кикстартер, каде денес веќе се финансираат издавањата на илјадници игри годишно. Оваа платформа им помогна и на нашите издавачки куќи Фајнал фронтиер и Архона гејмс да издадат многу успешни и во светски рамки популарни друштвени игри.

Што претставува 20 годишнината за вас?

Еден пат, пешачење низ трње кон ѕвездите :))). Нас Гоблин не ни беше начин за да заработиме повеќе пари, не го гледавме како шанса за профит, туку како наша пасија. Тргнавме да го работиме она што го сакаме и многу сме среќни кога после 20 години ќе видиме цел куп луѓе што поминале низ Гоблин и се радуваат дека постоело едно такво место без кое не би можеле да го замислат својот живот и развој. Ние сме задоволни што успеавме да ги направиме друштвените игри попопуларни кај нас, да бидеме пионери на бордгејмингот и да израснеме една цела заедница на луѓе кои обожаваат игри (скоро) колку нас :)))

Најмногу не радува кога одвреме-навреме ќе слушнеме да кажат дека сме најдобрата продавница во градот.

Еден дел од ИТ секторот денес, „порасна“ во Гоблин. Имате ли некаква претстава колку „деца“ поминале низ продавницата овие 20 години.

Многу најразлични профили на луѓе и друштва поминале низ Гоблин. Преку Меџик, Југио или друштвените игри, најразлични познати ликови од градов и земјава сме ги запознале преку Гоблин. Децата кои почнуваа во 2000-те во Гоблин сега се возрасни луѓе со свои фамилии и професии, но ние се уште си ги викаме „децата од Гоблин“, а тие се уште доаѓаат и не посетуваат. Имаме ние една наша поговорка која вели – еднаш гејмер, цел живот гејмер! И навистина е така. Оние кои „им влегла чивијата“ едноставно ја имаат во себе желбата за играње и таа си тлее, па дури и откако ќе имаат деца и што уште не во животот, повторно се враќаат на играњето.

Како пандемијата влијаеше на интересот за игри?

Одлично :))) Шала на страна, ова дереџе што не снајде мора некако да го пребродиме, а друштвените игри и сложувалките се еден од начините да се забавуваме по дома во многу тежок период. Можностите за собирање на поголеми друштва се ограничени, но барем фамилијарно или со по некој пријател може да се игра по дома. Сложувалките, пак, се одлични за да се оттргне умот од секојдневните проблеми и хаосот со кој се соочуваме во последнава година.

Што може да очекуваме за јубилејот?

За јубилејот подготвивме многу различни содржини кои ќе се протегаат до крајот на годинава. Почнуваме со доделување на подарување лимитед едишн маици од нашиот најреномиран цртач – Тхе Мичо, специјално направени за 20-годишнината на Гоблин, кои ќе може да ги добие секој наш купувач со сметка од над 2000 денари.

Потоа ќе одиме со разни попусти, како и муабети со наши познати фаци кои дел од животот го поминале во Гоблин, покрај Мичо, тука се актерот Александар Микиќ, како и македонските издавачи на друштвени игри кои прават крш во светот – Фајнал фронтиер гејмс и Архона гејмс.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии