Ако ве прашаме како доаѓате до најновите вести, што мислите, колкумина од вас ќе одговорите дека се информирате преку Time.mk? Кога агрегаторот за вести стартуваше пред пет години на 1 јули 2008-ма година со цел „да ги демократизира вестите“, како што вели основачот Игор Трајковски, немаше сомнеж дека македонскиот интернет доби вреден сервис кој не само што помогна да останеме информирани, туку отвори ново бојно поле помеѓу традиционалните медиуми кои се двоумеа за онлајн присуството и веб порталите кои се надеваа дека ќе станат конкурентни бидејќи се нови и свежи. Пред пет години, Time.mk едноставно ги изедначи медиумите – сите се групирани под еден наслов, и од тој кош ве вади само квалитетот и оригиналноста. Но, истовремено со донесување на поотворената конкурентност, Time.mk предизвика и раздор на истиот тој пазар кој помогна да го создаде – секој стана медиум со копирање на содржина за да добие на квантитет, да се појави на сајтот и да се освои што е можно повеќе прегледи. Но, зарем некоја револуција била розева?

Поминаа долги 5 години. Потсети не како и зошто го стартуваше Time.mk?

Time.mk го стартував како природна потреба од македонски агрегатор на вести. Додека живеев во странство ги следев македонските вести, па отпрвин беше експериментален проект, нешто како предизвик да видам дали алгоритмите за кластерирање и рангирање на вести ќе работат и за нашите вести. Им го испратив на неколку пријатели на социјалните мрежи да го погледнат и почна вирално да се шири. Подоцна прерасна во бизнис.

Имаше неколку недоразбирања и препукувања со дел од медиумите… Што се случува сега? Имаш ли статистика за посети?

Сега засега е мирно. Очекуваме некои евентуални промени со новиот Закон за медиуми, но работиме и подготвени сме за тоа. Time.mk дневно има околу 150.000 до 200.000 посети, зависи колку скандалозни вести има во тековниот ден, зависи и од дали врне или е сончево, дали е лето или зима :). При секоја посета во просек се отвараат 6,1 вести, што значи дека дневно над милион посети се генерираат на порталите кои се индексирани на Time.mk.

(Google Analytics на Time.mk за април 2013)

Која од категориите е најпосетувана? Што може Time.mk да ни каже за интересот на македонската публика?

Од суперкатегоријата „ВЕСТИ“ најчитана е категоријата за Македонија, од суперкатегоријата „СПОРТ“ најчитана категорија е за фудбал, а од суперкатегоријата „ЖИВОТ“ најчитани се занимливости.

Пред околу еден месец го пуштивте сервисот „Најдобри твитови“. Од каде идејата за собирање на најдобрите твитови?

Често пати, ако не и секогаш, топ вест (breaking news) прво се појавува на Twitter па потоа ја пренесуваат порталите (сега веќе традиционалните медиуми, а печатените и телевизијата многу покасно). Поради тоа и поради карактерот на нашиот сајт, секогаш да ги содржи најновите и најрелевантните информации, го создадовме и овој сервис кој ги пронаоѓа најрелевантните твитови во Македонија.

Има Тиме.мк агрегатор на неколку јазици, Тиме.мк настани, Тиме.мк Tвитови, Tиме.мк прогноза, Тиме.мк персонализација … што е следно?

Тоа засега нека остане тајна :). Количината на генерирани податоци постојано расте, потребата за пребарување на информации постојано расте, информации од најразличен вид. Секаде каде што ќе видиме дека постои голема потреба, ќе пробаме да го решиме тој проблем.

Како македонски стартап, ако може така да те наречеме, што би им порачал на другите кои сакаат да направат проект кој ќе биде конкурентен на пазарот?

Да прават софтвер и сајтови кои самите ќе ги користат. Да прават работи кои не постојат, или се направени многу лошо. Едноставно копирање на веќе постоечки проекти, на исто ниво и квалитет, не е доволно за успех.

2 коментари на “Среќен 5-ти роденден Time.mk!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии