За мобилната фитнес апликација SportyPal пишувавме пред скоро две години, во периодот кога апликацијата се појави на пазарот. Денес SportyPal успеа да стане една од најдобрите мобилни спортски апликации на светската сцена и влезе во соработка со Sony Ericsson да биде преинсталирана во нивните мобилни уреди и други спортски додатоци.

SportyPal е мобилна апликација креирана од македонската компанија CreationPal. Апликацијата користи GPS технологија да ја исцрта траката на која корисникот спортува, а зависно од спортот, SportyPal има поддршка за трчање, возење велосипед, ролерки, одење и други активности, му дава статистика на корисникот за просечната брзина, дистанца, потрошени калории итн. Сета статистика корисниците можат да ја споделат на друштвените мрежи и да ја споредат со SportyPal заедницатa. SportyPal e достапна за сите мобилни платформи, има бесплатна и про верзијa.

Денеска, три години од стартувањето, апликацијата бележи неверојатни бројки и успеси:

  • Симната е околу 5,2 милиони пати;
  • Инсталирана е на  3,8 милиони уреди,
  • односно на над 2.000 различни модели на телефони;
  • SportyPal има забележано 42 милиони вежби,
  • кои се прегледани над 300 милиони пати;
  • Над 8 милиони вежби се споделени на друштвените мрежи;
  • Во просек секоја вежба е долга 11,3 километри;
  • Просечен корисник има 11 снимени вежби;
  • Распределено низ континенти, најмногу корисници, 48 отсто, доаѓаат од Европа, 23 отсто се од САД и 29 отсто од останатите земји.

Гледајќи ги овие статистики, очигледно е дека SportyPal веќе ја надмина првата фаза и се постави на пазарот како валиден продукт. Сега мотивацијата на CreationPal е да го спакува SportyPal заедно со мобилни фитнес додатоци како безжични монитори за следење на срцето, да биде на новиот Android уред од WIMM, односно да биде дел од Sony Ericsson Fitness Experience Pack XP11 што е всушност мал уред LiveView кој се носи на рака како часовни, и бидејќи е врзан со телефонот преку Bluetooth, уредот ги прикажува сите информации за трчањето, вклучувајќи и статуси од друштвени мрежи. X911 е првата соработка на Sony Ericsson со CreationPal бидејќи со купување на уредот корисникот добива и едногодишна лиценца за SportyPal Pro.

„Се отвори можност за да се направи и спортски телефон во кој SportyPal ќе биде претходно инсталиран со основните функционалности, не pro верзијата, зависно од пазарот. SportyPal ќе биде дел од најпрестижната понуда на овој телефон со LiveView и можеби со нови додатоци, пример мерач за срце со држач до телефони.“, вели основачот на CreationPal, Глигор Дачевски.

Според г. Дачевски, можно е во иднина да видиме брендирани SportyPal додатоци, пример држач за телефони кој ќе се закачува на велосипеди. Но, сè уште се работи за стартап за кој може да биде тешко да се префрли од креирање на мобилна апликација во производство на спортски додатоци, но тоа најверојатно ќе биде со логистички партнери од Холандија и САД, можеби и со Sony Ericsson.

Една од областите каде може да се истакне SportyPal е во медицината, поточно во сервисите кои го подобруваат здравјето на луѓето. Пример, апликацијата може да се користи за контрола на дијабетисот бидејќи има механизми за да ги информира корисниците кога треба да спортуваат.

„Ние веќе имаме клиенти кои на интересен начин го користат SportyPal. Пример, наместо да плаќате скапо осигурување бидејќи сте доживеале нешто, можеби инфаркт или хронична болест, вие ќе треба да покажете дека сте здрави и да плаќате помалку. Како вие би го убедиле докторот дека спортувате колку што е потребно? Нашите корисници праќаат извештаи од SportyPal, по што докторот добива информации за пациентот.“, вели г. Дачевски.

SportyPal полека станува успешна приказна, но не го искористува целосниот потенцијал бидејќи е стартувана во Македонија, за жал. SportyPal е производ креиран од македонски програмери, дел од нив и свежо излезени од факултет, но иако тоа покажува дека тука може да се креираат конкурентни производи, сепак нивниот раст запира бидејќи нема доволно маркетинг, односно присуство до западниот пазар. SportyPal во 2009-та година беше прогласена како најдобра фитнес апликација на Android Network Awards, во 2010-та влезе во најдобрите три апликации за Windows Mobile. Но, наместо да привлече инвестиции како што се случува во развиените земји, г. Дачевски вели „ние тоа не го добивме“. SportyPal стартуваше со своја инвестиција, но сега е доволно стабилна да се одржува без внесување на дополнителен капитал.

Еден од проблемите со кои се соочува SportyPal како македонски стартап се финансиските системи, односно недостаток на PayPal и проблеми со банките за странски профили и глобални трансакции. SportyPal како решение работи со партнер од странство.

„Доколку овие финансиски работи се средени, каде бидејќи не можат да ги средат работите воведуват ограничувања, ние ќе може да живееме од приходите на софтверот. Всушност, да се работите средени, ние ќе профитираме и од хардвер.“, вели г. Дачевски.

[youtube]tcKhNa99Qgg[/youtube]

Кога прв пат направивме интервју со г. Дачевски насловот на интервјуто беше „iPhone aпликации Made in Macedonia“. Токму тоа е и важно во приказната на SportyPal – апликацијата е креирана во земјава од .мк таленти, водена од македонски луѓе, а сепак полека но сигурно го освојува светот и покрај сите проблеми на кои што може да се наиде. SportyPal приказната едноставно покажува дека е можно да се има креативна идеја и да се успее. Оваа приказна едноставно треба да ги мотивира сите македонски програмери, претприемачи и визионери да креираат свој сервис и да се обидат да го претстават пред светот.

3 коментари на “SportyPal e .мк апликација која го освојува светот

  1. Пробав ова да го ставам кај мене на мојот телефон Самуснг с5230 уште оддамна но не сакаше.Веројатно немаат верзија за овој телефон.Апликацаијата како што можам да видам од други луѓе е супер.Ни на крај на памет не ми падна дека е креирана од македонци.Што да кажам,освен едно големо браво за момциве.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии