Создавајте реалистични пејсажи со GauGAN

Во случај да не умеете да цртате, не се грижете, не сте единствени. Но, со најновата уметничка алатка на Nvidia, можете да навлезете во чевлите на семоќниот и да создавате зашеметувачки пејзажи. Имено, наместо да користите бои и да цртате работи кои не би можеле да ги импресионираат ни петгодишните деца, GauGAN ви дозволува да бирате од листа со елементи како дрвја, билки, најразлични карпи, реки, снег, песок, пат, и многу повеќе. Избраните елементи ги пренесувате на канвасот од левата страна, а откако ќе кликнете на копчето, ќе добиете реалистичен приказ на десната страна.

Во поглед на креирање ремек дело од шаренолики дамки и чкртки, не сме виделе поимпресивна и помоќна алатка од GauGAN.

За пофлексибилни резултати, можете да ја менувате големината на четката и да користите  два, исклучително паметни алгоритми. Еден алгоритам е задолжен за конверзијата, а друг за да провери колку е финалниот продукт реалистичен. Таквиот алгоритам се вика Generative Adversarial Network (од тука и самото име на алатката). Имено, таквата мрежа го користи знаењето што го има соберено од реалистични слики за да може да произведе уникатни пејзажи со секое стиснување на соодветното копче.

По создавање на вашите две дела, од кои за само едно би можело да се каже дека е ремек, можете да ги преземете и оригиналот и процесираниот резултат, како и да кликнете на најразличните слики под двете дела за да видите малку поразлични интерпретации, направени од вештачката интелигенција.

За крај, можете и да поставувате и најразлични мапи и слики, па да си играте со уникатни стилови и трансформации.