(Oва е гостински пост на Ирена Ефремовска, стартап ентузијаст, еден од организаторите на Summer Startup Festival и Startup Grind Skopje)

Педесетина основачи, стартап ентузијасти, претставници на акцелератори и фондови се дружеа на охридската плажа Лагадин на првиот Summer Startup Festival: Startups From Dusk Till Dawn. Покрај преубавото Охридско езеро, фестивалот траеше од залезот на сонцето па се преку ноќта до раните утрински часови што беше доволно време да се споделаат непроценливо искуство и стартап приказни, од тоа како се продава идејата до предизвиците таа да се реализира. Имаше и луди и добри идеи за стартапи, па најдобрата идеја за туризам со дронови беше наградена со параглајдинг лет.

Но, фестивалот пред се беше за да се научат од искуството на ретките успешни македонски стартапи. Прв говореше Петар Ниновски, ко-основач на Brainster.co, платформа за учење која цели секое „ќоше” во градот да го направи училница и да поттикне локални експерти кои имаат практични вештини да ги споделат со оние што сакаат да учат. Brainster.co е локална верзија на глобалната WeLrn плаформа, која ќе стартува наскоро. Петар е важен за македонската стартап сцена бидејќи е жив пример дека инвеститорите во Македонија не се мит. Тој само по една година постоење привлече инвестиција од македонски инвеститори. Советите кои тој ги сподели се следни:

  • Споделувајте ја стартап идејата без страв дека некој ќе ви ја украде. Споделувањето е добар начин да се валидира дали решението кое го нудите е потребно на пазарот;
  • Барајте помош. Тоа не значи дека сте слаби, туку напротив дека сте мудри;
  • Првeте грешки. Но, не дозволувајте да ја правите истата грешка два пати;
  • Враќајте назад на заедницата. Давајте. Всушност и поврзувањето со инвеститорите се случило благодарение на тоа што Петар се согласил да врати на стартап заедницата со бесплатно предавање на SWTA Alumni. На тоа предавање и иницијално се запознал со инвеститорите од  CEED клубот на бизнис ангели, со кои подоцна ja затвoра инвестицијата;
  • Имајте подготвен 90 секунден pitch да привлечете внимание за инвеститорите да сакаат да чујат повеќе, 3 минутен pitch за да закажете состанок и детален 30 минутен pitch за да ја затворите зделката.


Втор говорник беше Иван Петрушевски кој со 2000 денари почетен капитал започна со идејата за хостинг компанија. МКхост е пример како со истрајна работа и целосна посветеност на корисничка поддршка може да се изгради компанија која ќе го промени пазарот. МКхост денес е еден од неколкуте официјалните регистрари на .мк доменот, и според Иван тоа признание дојде по куп предизвици со кои мора да се соочите:

  • Не бидете армија од еден човек долго. Иако на почеток секој стартап зависи од основачот и неговата агилност, не дозволувајте да останете во замката „one man army”. Научете како да делегирате и да го растете бизнисот;
  • Развијте компанија со култура на извонредна и брза поддршка за клиентите;
  • Не бидете „yes man”. Клиентот не е секогаш во право. Треба да стекнете сигурност да кажете „не” на некои барања, па дури и понекогаш треба да отпуштите клиент кога ви одзема повеќе време отколку што ви носи вредност;
  • Следете ја статистиката на развој и раст на бизнисот и донесувајте одлуки поткрепени со бројки и анализа;
  • Интересно, Иван откри дека доколку добие добра понуда би го продал МКхост бидејки во меѓувреме подготвува нови проекти.

На настанот имаше гости од South Central Ventures и најава дека наскоро се отвараат можности за почетно финансирање на ИТ стартапи до 100.000 евра и за веќе развиени компании од 1.000.000+ eвра. Но, за тоа ќе има официјални најави. Се гледаме догодина на следниот Summer Startup Festival!

2 коментари на “Совети од успешни македонски стартапи, споделени на охридска плажа

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии