Софтвер за лозинки – зошто, и кој да го изберете

Андреј Хаџи-Василев

во Статии

Ретко кој од нас посветува доволно внимание на својата безбедност на интернет. Поконкретно, зборуваме за изборот на лозинки, како и нивното безбедно чување. Некогаш од страв да не заборавиме, некогаш од самиот факт што е полесно да се запамтат помалку лозинки, одбираме лозинки кои се лесни да се погодат, и ги користиме на повеќе места.

Ова е прилично честа грешка, но истата може да има катастрофални последици. Доколку користите лесна лозинка, истата може да биде погодена од некој кој се обидува да добие пристап до, на пример, вашите социјални мрежи. Ако пак ја користите истата на повеќе места, па и со истата мејл адреса, ова значително им ја олеснува работата. Не би сакале некој да добие пристап до вашите банкарски податоци, нели?

Покрај ова, сведоци сме на тоа дека прилично често, недоволно безбедни бази на податоци паѓаат во рацете на луѓе кои можат да предизвикаат сериозна штета со податоците од истите.

За сето ова, има едноставно решение. Наместо да користите лоши лозинки, и да ги користите на повеќе места, користете софтвер за лозинки, попознат и како password manager. Ги има многу, со најразлични предности и недостатоци, а во продолжение ќе разгледаме што поточно нудат, и кои се најпопуларните опции во моментов.

Што всушност претставува софтверот за лозинки?

Ваквиот софтвер има две задачи кои навидум се прилично едноставни, но се значително полесни за компјутер отколку за човек. Првата е да генерира лозинки кои се уникатни и комплексни. Често имате избор за тоа колку комплексни се лозинките, а неретко тоа се комбинации од алфанумерички карактери и симболи.

Втората е да ги памти ваквите лозинки во енкриптирана база на податоци до која пристап имате единствено вие. Лозинките, токму поради фактот што се комплексни, се скоро невозможни за паметење, па се што ќе треба да запамтите е лозинката за пристап до самиот софтвер.

Извор: dashlane.com

Покрај ова, софтверот ќе ви понуди автоматски да ја внесе лозинката која ви треба кога ќе пристапите до страната на која треба да се најавите. Ова функционира преку екстензии за популарните прелистувачи, а истите работат како на десктоп, така и на мобилни уреди.

Кои се главните придобивки?

Најголемата, и најочигледната, е тоа што не мора повеќе да памтите лозинки. Ова и ви овозможува да се држите до совети за безбедност, како на пример никопаш да не користите иста лозинка два пати, и секогаш да користите комплексни лозинки, како на пример $adskpo!okp$AW8250amdop3$.

Покрај ова, спомнавме дека лозинката која ви е потребна ќе ви биде “понудена” кога ќе пристапите до самата страна на која се најавувате. Доколку случајно пристапите до страница која се обидува да ве измами и да ја добие вашата лозинка, софтверот за лозинки нема да ви ја даде лозинката, за да ве заштити од phishing.

И за крај, една од поретко спомнуваните работи е што понекогаш, ваквиот софтвер ќе ви каже доколку некоја од страните до која пристапувате има безбедносен пропуст, по што ќе треба да ја смените лозинката.

Колку е всушност ваквиот софтвер безбеден?

Некои од вас сигурно ќе забележат дека со самото користење на ваков софтвер, прекршувате уште едно од најчесто спомнуваните правила – никогаш не ги чувајте сите лозинки на едно место. Но, безбедноста на ваквиот софтвер досега не изневерила никого. И, како што вели Mark Risher, кој е одговорен за безбедност на корисничките сметки во Google, многу е поверојатно некој да се обиде да ви ја дознае лозинката со phishing напад, отколку преку софтвер за лозинки.

Секако, малку внимателност не е на одмет. Главната лозинка која ви овозможува пристап до сите останати ќе треба да ја запамтите. Покрај ова, сите лозинки може да ги експортирате во табела од време на време, но бидете сигурни дека истата е енкриптирана и никој не може да и пристапи без лозинка.

Софтверот за лозинки има и недостатоци

Ова е до некаде и за очекување, но дури и покрај недостатоците, софтвер за лозинки е убава работа. Кога првпат ќе почнете да го користите, ќе треба да ги внесете податоците за страните на кои сакате да се најавите. Понекогаш ова е решено со можноста да импортирате податоци од прелистувачот кој го користите, но истото зависи од конкретниот софтвер и прелистувач.

Извор: 1password.com

Вториот, и веројатно поголемиот, е тоа што некои веб страни едноставно не сакаат да соработуваат со ваков софтвер. Некогаш полето за внес на лозинка е направено на начин на кој софтверот не го препознава, па ќе треба рачно да го селектирате. Или, во други случаи, некои страни ќе побараат captcha код, или потполно ќе ја блокираат autofill функционалноста.

Овој проблем може да се реши на неколку начини, а во моментов некои вакви менаџери на лозинки всушност соработуваат со прелистувачите за ваквите работи да не се случуваат. Покрај ова, некои од поголемите прелистувачи, како на пример Chrome, Firefox и Safari, работат на тоа да имаат свој сопствен софтвер за лозинки. Apple, на пример, имаат вградена ваква функционалност во iOS.

Кој менаџер за лозинки да го одберете?

Во моментов има неколку опции, но како најпопуларни и најчесто користени се издвојуваат три – LastPass, 1Password и Dashlane. Да ги разгледаме трите, и да видиме кои се нивните предности и недостатоци.

За почеток, да ги разгледаме работите кои се заеднички кај сите овие опции. Првата е тоа што трите ви нудат екстензии за популарните прелистувачи, што гарантира солидна интеграција и лесно секојдневно користење. Покрај ова, кај трите ќе добиете и мобилни апликации, како и можност за two-factor authentication. И, за крај, уште една работа која е заедничка е фактот што ниту една од опциите не е open source.

LastPass

Почнувајќи со LastPass, ова е веројатно најдобрата опција за многу луѓе од едноставната причина што е единствениот софтвер кој ви нуди бесплатна верзија која всушност дава доволно функционалност. Дури и да се одлучите за некој од премиум плановите, истите ќе ве чинат $3 месечно, или $4 месечно за фамилијарниот план, кој ви дава можност да споделите некоја од лозинките со членови на вашето семејство.

Извор: lastpass.com

LastPass има веб апликација, но покрај неа ќе најдете и апликации за Windows, macOS и Linux, како и за сите популарни прелистувачи и мобилни оперативни системи. Синхронизацијата е одлична, што значи дека најавувањето од било кој уред е неверојатно лесно. Покрај ова, LastPass не работи само со лозинки, туку и други податоци како на пример картички за осигурување, кредитни картички, или документи за вашиот личен идентитет.

Имате и избор доколку се одлучите да користите 2FA, бидејќи LastPass работи со Google Authenticator и Duo, како и со хардверски уреди како YubiKey.

Dashlane

Следниот софтвер кој би го препорачале е Dashlane, кој е солидна алтернатива на LastPass и ви нуди неколку дополнителни функционалности. За жал, бесплатната верзија која ја имате на располагање доаѓа со значителни ограничувања, како можност за користење на само еден уред, и чување на не повеќе од 50 лозинки. Поради ова, би препорачале потполно да ја прескокнете, и да ги разгледаде премиум опциите кои немаат вакви ограничувања. Истите ќе ве чинат $3.33 месечно (се плаќа годишно), или $4.99 за фамилијарниот план.  

Dashlane ви дава можност за auto-fill, како и за генерирање на нови комплексни лозинки, и секако, можност да чувате ваши лични податоци или фајлови. Она што е интересно е што Dashlane може автоматски да ја смени вашата лозинка на некои веб страни. Покрај ова, како дополнителна функционалност имате и dark web monitoring, што ви дава до знаење доколку некои од вашите податоци се појавиле на dark web. Исто така, имате и VPN кој може да го користите по потреба.

Извор: dashlane.com

Поддршка имате за сите популарни оперативни системи и прелистувачи, што значи дека доколку се одлучите за некој од премиум плановите, ќе може да го користите Dashlane на сите ваши уреди. Апликациите се едноставни за користење, и ќе можете да се снајдете релативно лесно.

Dashlane е конфигуриран да испрати код за верификација на вашата мејл адреса секогаш кога ќе се најавите на нов уред, но има можност и за 2FA, и софтверски, и хардверски. И доколку немате можност за 2FA, ви нуди кодови кои сепак ќе ви дадат пристап до вашите лозинки – само бидете сигурни дека кодовите се на безбедно.

1Password

Последниот ваков софтвер кој би го препорачале е 1Password. Истиот има малку поинаков пристап кога станува збор за плаќање, и иако нема бесплатни планови, имате неколку премиум опции од кои може да одберете. Доколку го користите на повеќе уреди, премиум планот ќе ве чини $2.99 месечно, или $4.99 за фамилијарниот план. Двата планови се плаќаат годишно, а фамилијарниот план ви дава можност да споделите некоја од вашите лозинки со членови на семејството. Покрај ова, доколку планирате да го користите на само еден уред, имате можност да купите лиценца за Windows или macOS по еднократна цена, но ова не ви дава можности за синхронизација на други уреди.  

Извор: 1password.com

Покрај стандардните работи како auto fill и генерирање на безбедни лозинки, како и чување на податоци како документи и кредитни картички, 1Password доаѓа и со две интересни дополнителни работи. Првата е Watchtower, функционалност која следи дали некоја од вашите лозинки е некаде јавно достапна како дел од база на податоци или слично, и ве известува за истото. Втората е Travel Mode, што ви дава можност некои од лозинките да ги заштитите, на начин на кој луѓе нема да можат да им пристапат, дури и со вашата главна лозинка.

Кој софтвер да го изберете?

Доколку не сакате дополнителни трошоци и би преферирале да се држите до нешто бесплатно, LastPass треба да е вашиот избор. Ограничувањата на бесплатниот план на Dashlane, како и фактот што кај 1Password немате бесплатен план, ги исклучуваат овие две опции.

Но, доколку не ви е проблем да плаќате месечна претплата која нема да ве чини повеќе од две кафиња во месецот, Dashlane ви нуди дополнителни функционалности кои дефинитивно вредат за цената.

1Password останува како солидна опција поради Watchtower опцијата, но доколку истата не ви е потребна, или користите друг начин да ги следите вашите мејл адреси и лозинки, па и нема некоја причина да го одберете.

За кој и да се одлучите, останува фактот дека користење на софтвер за лозинки е дефинитивно чекор кој треба да го направите.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии