ФИТР хакатон: Со креативни решенија и дигитални платформи против COVID-19

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ги повика сите кои имаат некаква идеја за дигитална или поинаква алатка која на граѓаните ќе им го олесни животот во епидемијата на коронавирусот COVID-19 со којашто се соочуваме во моментот.

Креатон е онлајн натпревар на кој ќе се одбираат најкорисни решенија за подобрување на квалитетот на живот во новонастанатите привремени услови. Алатките треба да се за различни групи и категории на граѓани. Според ФИТР, предложените решенија треба да бидат целосно применливи и во нормални услови, односно по прекин на вонредната состојба и превентивните мерки поврзани со коронавирусот, со цел дадените средства да се сметаат како придонес кон забрзана дигитализација на општеството.

„Предложеното решение треба да содржи креативна алатка за онлајн и/или интерактивни активности/анимација. Може да бидат наменети за различни категории на граѓани од различни возрасни структури, без ограничување. Решенијата треба да ги мотивираат и поттикнат граѓаните полесно да се прилагодат на новите услови, а притоа да се задржи одреден степен на квалитет на живот“, велат организаторите.

Натпреварот е во неколку фази. Во првата накусо треба да се достави кусо образложение за идејата. Потоа ќе бидат одбрани најдобрите решенија и поддржаните проекти ќе продолжат во втора фаза во кој треба да се развие целосната платформа.

Вкупниот буџет за предизвикот изнесува 10 милиони денари, со максимален износ по апликација од 10.000 евра во денарска противвредност.

Како примери и предлог решенија кои се бараат се:

  • Решенија за полесно следење и ажурирање на информации од властите поврзани со коронавирусот
  • Решенија за справување/превенција на лажни вести
  • Решенија за помош на лица со потреба (пр. систем за помош/достава на храна за постари лица)
  • Решенија за справување со предизвици со прекин на воспитно-образовниот процес (дигитални платформи за учење, онлајн училници..)
  • Решенија за следење на извршување на работни обврски на вработени од дома
  • Решенија за квалитетно искористување на слободното време во домот (е-книжарници, игри, натпревари, учење странски јазици, квизови)
    и сл..

Како да аплицирате?

  1. Првин треба да доставите предлог проект (концепт) кој нема да е подолг од 3 страни во соодветен Word образец (преземи .docx)
  2. Одбраните предлог проекти ќе продолжат во втора фаза, каде со стручна поддршка од ФИТР ќе се изработи план на активности и финансиски план по што ќе следи онлајн презентација на проектите пред финална комисија која ќе биде назначена за избор.
  3. Крајната фаза е потпишување на договор за реализација на проектот со правен субјект

Сите заинтересирани имаат до 23 март да ги пријават своите проекти. Критериуми за евалуација се иновативноста, рокот и механизмите за реализација, капацитетот на проектниот тим и влијанието. А жири комисијата ќе биде составена од претставници на ФИТР, МАСИТ, Амбасада на Швајцарија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ и други партнери на ФИТР.

Естонија оддржа сличен хакатон

Сличен хакатон неодамна одржи и Естонија, глобалниот пионир во дигитализација. На натпреварот се пријавија над 1000 учесници од 20 држави кои ги споделија своите идеи. За само неколку часа настанот стана најголем онлајн хакатон во Естонија, вели SiliconRepublic.

„Ова е пример на иницијатива што ги тера луѓето да бараат решенија за предизвиците со кои се соочуваме. Ширењето на коронавирусот е закана за нашето здравје и за општествено и економско опкружување. Важно е да се здружат силите и да се работи на решенија“, вели претседателот на Естонија , Керсти Каљулаид.

На хакатонот беа креирани неколку решенија, од платформа за пронаоѓање и поврзување на луѓе со ризик со волонтери од телефонски центар; до машина за дишење која треба да го реши проблемот со недостаток на респиратори.

За пандемијата на коронавирусот COVID-19

Ажурирано на 25/03/2020

Што е коронавирусот COVID-19?

COVID-19 (коронавирусна болест 2019) е нова заразна вирусна дишна болест предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2. Името го добива по „боцките“ на неговата површина кои изгледаат како круна (корона). Коронавирусите можат да заразат и животни и луѓе и да предизвикаат симптоми што се движат од лесна настинка до тешка, животно загрозувачка пневмонија.

Колку е заразен вирусот?

Вирусот е екстремно заразен и се пренесува многу лесно од човек на човек, особено во затворени површини. Се пренесува по капличен пат - во мали капки кои ги прави заразениот човек кога дише, зборува, кашла или кива.

Каде е проширен вирусот?

Почнувајќи од првата епидемија во Кина, од декември 2019 до денес вирусот е проширен во над 140 земји, има заразено најмалку 462.000 луѓе и предизвикано над 20.800 смртни случаи. Според Светската здравствена организација се работи за пандемија. Моментално Европа и САД се соочуваат со нагол пораст на новозаболени. Вирусот е присутен и во Македонија од 26 февруари 2020.

Кои се симптомите?

За да се појават симптомите потребни се 2 до 14 дена. Најчести симптоми се покачена температура, сува кашлица, замор и потешкотии при дишењето. Најголемиот број заболени (околу 80%) имаат благи симптоми кои наликуваат на грип или лоша настинка. Некои луѓе воопшто не развиваат симптоми, но може да ја пренесат болеста на други.

Како да се заштитам себеси и другите?

Добар совет во време на пандемија е да се однесуваме како сите, па и самите да сме заразени. Ова значи, минимизирање на контактот со други луѓе и држење на дистанца од 1 до 2 метри, поретко излегување од дома, често и долго (до 20 секунди) миење на рацете и избегнување на допирање на лицето.

Каде да се информирам повеќе?

Во време на пандемија, а воедно и на лажни вести и clickbait тактики, бидете внимателни од каде конзумирате вести. IT.mk ви препорачува да ги следите официјалните сајтови и проверени извори на информации:

- Официјална веб-страна на Министерството за здравство
- Официјална веб-страна на Владата на РСМ
- Неофицијална страна поддржана од Министерството за здравство
- често ажурирана страница за моменталната состојба на пандемијата. За секоја земја има и посебна статија.

Прочитај повеќе

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии